Мисовски: Граѓаните мора да бидат информирани за тоа што се случува во Собранието

Собрание за граѓаните со отворен одговор и отворено опоравување од ковид-пандемијата, подобрена ИКТ инфраструктура, како и учество на граѓаните како концепт за отворен Парламент, се трите заложби од новиот акциски план на Собранието за периодот 2021 -2023 година за чијашто подготовка денеска продолжија консултациите со граѓанските организации.

Заложбите за новиот, како и реализацијата на досегашниот акциски план беа претставени денеска на он лајн конференција, во рамки на неделата на Партнерството за отворено владеење (ПОВ).

Учесниците на конференцијата порачаа дека модернизацијата и отвореноста на Парламентот ќе ја подобри функционалноста на законодавниот дом и ќе им помогне на граѓаните да бидат во тек со носењето на одлуките и да се вклучат во нив. Демократија, одговорност, отчетност, достапност, се зборовите со кои во кратка он лајн анкета тие опишаа што за нив значи отвореност на Собранието.

Дел од активностите од новиот план предвидуваат изработка на он-лајн портал за отворени податоци за полесен пристап до информации за граѓаните, платформа за предлози и иницијативи од граѓани до законодавната власт, регистар на граѓански организации, воведување дигитални потписи за пратеници и собраниската служба, реформи во собранискиот канал итн.

Како што информира Златко Атанасов, координатор за ПОВ и раководител на Парламентарниот институт во Собранието, собраниската веб-страницата има потреба од подобрување, реорганизација на сетови на информации, преглед, пристап до он-лајн снимки архивски снимки, како и од реформа на собранискиот кланал.

– Според статистичките податоци има дел од граѓаните во државава што го следат и се информиарат преку овој канал, нашата цел е да го подобриме информирањето, квалитетот на снимката, продуциски и копродукциски дополнителна програма од едукативен информативен карактер да се зголеми гледаноста и информираноста. Воедно изработка на софтверско решение за следење на законодавниот процес во јавноста, ова е проактивен пристап на институцијата кон граѓаните кога сакаат да знаат некој закон до каде е да можат да видат на веб-страницата, рече Атанасов, претставувајќи ги активностите од заложбата за подобрување на информатичката инфраструктура на Собранието.

Меѓу останатото, со новиот план ќе се промовира и концептот за работењето на канцелариите на пратениците за контакт со граѓаните. Ќе се прават репортажи од сите градови каде работат овие канцеларии, кои ќе се емитуваат на собранискиот канал со цел да се објасни на локално ниво каде можат луѓето да се сретнат со пратениците.

Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски истакна дека одбележувањето на неделата на Партнерството за отворено владеење покажува дека законодавниот дом останува и понатаму доследен на исполнувањето на донесените одлуки од 2018 година кога беше донесен првиот План за отворен Парламент, кој стана дел од Националниот акциски план 2018-2020.

– Оваа мултилатерална иницијатива за посветеност кон отвореното владеење во кое граѓаните имаат учество како израз на демократизација на институциите, борбата против корупцијата, со промовирање на јавноста и транспарентноста во работењето, со користење нови алатки во насока на зајакнување на владеењето ги рефлектира и заложбите на Собранието се со единствена цел – поквалитетн живот на граѓаните со нивна директна вклучност во процесот на креирање на политики, одлучување по политики во нивна и во полза на функционална законодавна, извршна и судска власт, рече Мисовски.

Пратениците, порача, се избрани од граѓаните и тие мора да бидат информирани за тоа што се случува во Собранието и за начинот на кој се носат одлуките што влијаат на нивните животи и како тие да бидат вклучени во тие процеси.

Мисовски најави дека наскоро во собраниска постапка ќе биде доставен Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за Собранието на Република Северна Македонија за реформа на собранискиот канал и унапредување на парламентарното емитување.

Роберт Скот Хејзлет, тим-лидер на Програмата за парламентарна поддршка и виш резидентен директор на Националниот демократски институт (НДИ) ги претстави активностите со кои поддржуваат отвореност на Собранието.

– Програмата го поддржува Собранието и тоа е напор составен од пет столба: дијалог за политиките, институционални реформи, за функциите за надзор на законодавството, транспарентност и отчетност. Ние сме посветени на прецесот на ОГП на Парламентот, нова и подобрена веб страница, портал за отворени податоци, подобрен собраниски канал, сите ќе бидат достапни на паметните телефони. Тоа се некои од начините со кои го поддржуваме Собранието, рече Хејзлет.

Конференцијата продолжува со паралени онлајн сесии за секоја од заложбите во предложениот акциски план

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот