Министерство за култура: Рекорден број апликации за државна поддршка

На Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година по дејности и области пристигнале 6.352 апликации. Конкурсите за поддршка на проекти од национален интерес на Министерството за култура вообичаено предизвикуваат голем интерес, а резултатите се очекуваат со нетрпение. Министерството за култура информираше дека на објавените конкурси за поддршка во 2021 година пристигнале 4538 апликации, доставени од физички лица, здруженија, сојузи, асоцијации, трговски друштва, трговци-поединци и други правни лица регистрирани во Република Северна Македонија за вршење дејности од областа на културата, како и 1814 пријави за проекти кои се содржани во нацрт-годишните програми за работа на националните установи.

„Во еден ваков сложен и крајно проблематичен контекст, и комисиите и јас како министерка, зазедовме став за една суштинска позиција: да се обезбеди одговорна, транспарентна и праведна дистрибуција на парите на даночните обврзници за културата“, истакна министерката за култура, Ирена Стефоска на прес-конференцијата на која информираше за резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година, посочувајќи дека „за распределба на 11 милиони евра, пари на даночните обврзници, пристигнаа рекорден број, 6352 апликации“.

Во однос на резултатите, кои се објавени на веб-страницата на Министерството, Стефоска посочи дека се доделени толку средства со колку што располага Министерството, односно за првпат не се преземаат обврски, повисоки од буџетските средства. Министерството за култура во 2021 година поддржа проекти кои се во функција на развојот, афирмацијата и промоцијата на културата, заштитата и промоцијата на културното наследство на нашата земја и сето тоа дополнето со проекти од младите и за младите. Особено внимание е посветено на еднаквата родова застапеност, на инклузијата на лицата со попреченост и на интеркултурниот дијалог. Критериумите, приоритетите и мерилата врз чија основа се вршеше оцена на проектите по одделни дејности, беа содржани во пријавите кои се составен дел на конкурсите. Вреднувањето на проектите и на програмите беше извршено од комисии составени од стручни и компетентни лица во конкретната област, почитувајќи ги принципите на мултиетничност и непостоење судир на интереси.

„Изразувам голема благодарност на стручните комисии, за нивната непопустливост пред огромните притисоци на кои беа изложени. Благодарност за професионалниот пристап, за истрајноста и посветеноста да направат правична и фер селекција од огромниот број пријави. Им благодарам и на вработените во Министерството за култура, кои успеаја да обработат 6352 апликации. Од овој момент, одговорноста за годишната програма веќе е моја“, рече министерката за култура Стефоска на прес-конференцијата.

Министерката ја изрази својата убеденост дека културната јавност ќе го препознае напорот – за напуштање на принципот „по малку за сите“, затоа што таквиот „принцип“ ја обесмислува културата и ја убива креативноста

Претседатели на комисиите кои ги разгледуваа пристигнатите пријави по одделни дејности се: за литература и издавачка дејност – Весна Димовска; за драмска дејност – Фирдауз Неби; за фолклор и сценско-уметничка дејност – Емин Гаџа; за музичка и музичко-сценска дејност – Бранка Костиќ-Марковиќ; за визуелни уметности, архитектура и дизајн – Соња Абаџиева; за интердисциплинарни проекти – Зоран Петровски; за меѓународна дејност – Јане Бакевски; за заштита на недвижното културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра – Љуљета Абази; за музејска дејност – Фросина Зафировска; за библиотечна дејност – Славица Србиновска.

Министерката ја изрази и својата убеденост дека во резултатите од програмата, културната јавност ќе го препознае напорот – за напуштање на принципот „по малку за сите“, затоа што таквиот „принцип“, како што нагласи, ја обесмислува културата и ја убива креативноста. Ги посочи и критериумите врз основа на кои работеа стручните комисии и кажа дека акцентот е ставен врз: квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност во животот на граѓаните, поддршка на автори од различни етнички заедници, стимулирање на креативни млади творци, на ранливи и маргинализирани групи, реално вреднување на трудот за да се заштити достоинството на авторот, а за првпат по повеќе децении се одобрени солидни средства за заштитата на културното наследство.

Вообичаено е по објавата на резултатите да се појават реакции поради одбиени проекти или поради помал износ од бараниот во апликацијата, но годинава реакциите главно беа изразени со разочарување или со конструктивно несогласување, со цел промена на системот за доделување на средствата. Во тој правец, министерката посочи дека не може и не смее да се очекува овој конкурс да ги реши сите, децениски, наталожени проблеми, притоа упатувајќи апел до Собранието што побрзо да го донесе новиот Закон за јавен интерес во културата, кој со нетрпение го очекуваат 3.500 културни работници.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 70, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 27-28 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот