Милијардерот што го изгради „Ист гејт“ сака да гради и кај езеро „Треска“
Мане веќе имал заедничка средба со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски на која го изложил својот план за овој простор. Од Министерството за транспорт ја потврдуваат средбата, но велат дека е во редот на редовните со можни инвеститори.
Албанскиот милијардер Самир Мане е заинтересиран за изградба на комплексот кај езерото „Треска“ и за ревитализација на езерцето. Неговата компанија „Балфин груп“ во Скопје веќе ги изгради „Ист гејт мол“ и станбените згради зад молот, па не е за изненадување неговиот интерес да продолжи да инвестира во нашата земја.
Препорачано
Мане веќе имал заедничка средба со премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски и со градоначалникот на Сарај Мухамед Елмази, на која го изложил својот план за овој простор.
За средбата информираше градоначалникот Елмази во интервју во емисијата „Дијалог на Лајме“ посочувајќи дека бизнименот е подготвен да инвестира повеќе од 100 милиони евра.
На состанокот тој презентираше како го предвидува развојот и за колку години може да го изгради езерото „Треска“ и за колку години може да го стави во функција. Се спроведуваат и административните процедури, каде што идејата ќе биде во согласност со законските процедури. Господин Мане е подготвен да направи чуда што ги прави во други земји и да донесе едно од овие во општина Сарај, што е инвестиција од над 100 милиони евра – рече Елмази.
На прашањето до Министерството за транспорт дали е договорено нешто конкретно, оттаму потврдуваат дека имало средба, но дека досега нема конкретна одлука за инвестиција на Треска.
Ве информираме дека секојдневна редовна пракса на заменик-претседателот на Владата, во соработка со претседателот на Владата е да остварува средби со инвеститори и сите заинтересирани компании што сакаат да инвестираат на територија на државата. На состаноците се разговара за условите за инвестирање, потенцијалите што ги овозможува и нуди државата, така што ова се редовни средби. Исто така информираме дека досега нема конкретна одлука за инвестиција на Треска – одговорија од Министерството за „Слободен печат“.
Оттаму додаваат дека како што досега постапувале, транспарентно и навремено ќе информираат за постигнување на договор или реализација на која било инвестиција.
ФОТО+ВИДЕО | Како се градеше езерото Треска: Дали некогаш ќе го врати стариот сјај?
Езерцето „Треска“ беше изградено во 1978 година со самопридонес од скопјани, а две децении потоа затворено за капење поради бактериолошки загадена вода и оттогаш е оставено да пропаѓа.
Во 2021 година беше претставен Деталниот урбанистички план за „Треска“, кој предвидува изградба на хотели, трговски центар, објекти за привремено сместување и простор предвиден за рекреација, при што целиот простор беше поделен во четири блокови, а Владата веднаш потоа донесе одлука за формирање туристичка развојна зона „Сарај – езеро Треска“.
Според одлуката за формирање на ТРЗ „Сарај – езеро Треска“, формирањето, развојот и следењето на зоната во име на Владата требаше да ги врши Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Во одлуката беше наведено дека со државното земјиште со површина од речиси 79 хектари ќе управува оваа Агенција, која може да го отуѓува во согласност со Законот за туристички развојни зони.
Елитниот план за езерото „Треска“ падна во заборав — нема кој да го спроведе, остана само руината
Поточно, Агенцијата требаше да објави национален оглас на кој ќе аплицираат заинтересираните инвеститори, односно да ја подготви зоната за продажба според Законот за туристички развојни зони. Но, минатата година оваа агенција згасна, а вработените станаа дел од Министерството за култура и туризам.
Од Владата на прашањето како ќе се спроведува сега проектот, за „Слободен печат“ неодамна одговорија дека со укинувањето на Агенцијата, постојниот закон станал неприменлив.
Зоната е формирана со одлука на Владата, при што беше формирана и Комисија во согласност со тогаш важечкиот закон. Комисијата не беше во можност да изврши отуѓување, бидејќи според Законот за градежно земјиште, не ги исполнуваше условите за спроведување на постапките во системот за е-градежно земјиште. Поради тоа, отуѓувањето требаше да го изврши Владата. Со укинувањето на Агенцијата, постојниот закон стана неприменлив, односно остана без институционален носител, што доведе до тешкотии во примената на одредбите од стариот закон – велат од Владата.
Владата во меѓувреме формирала и работна група која работи на измените на законот, но не прецизираа конкретно дали ќе заживее некогаш повторно езерцето „Треска“ и просторот околу него.
Сепак, средбата со бизнисменот Мане покажува дека сепак проектот не е сосема заборавен. Дали за тоа е заслужен интересот кој го покажал албанскиот министер или сепак нешто се работи на оваа тема – не е познато.


