Милевски: Способни сме да се пласираме на Мундијалот

милевски
Благоја Милевски ќе може да смета на скоро сите стандардни првотимци/Фото: EPA-EFE/GIAN EHRENZELLER

Фудбалерите се емотивци. Не можете успешно да настапувате за својата држава ако не сте и емотивец. Нашите фудбалери се свесни за тоа што го направивме. Но, не застануваме тука, спортски е да се надеваме на пласман на СП – вели Милевски

Фудбалскиот бум во Македонија што започна со квалификацијата и настапот на нашата репрезентација на ЕП 2020 продолжува со успешните квалификации и пласманот во баражот за влез на Мундијалот 2022. Важен дел од сето тоа е селекторот на „рисовите“ Благоја Милевски (50) кој го презеде кормилото на половина од квалификациите и успешно го спроведе до баражот.

Оваа „верзија“ од репрезентацијата на Македонија е според резултатите најуспешна досега. Која е клучната компонента што го прави овој тим посебен?

– Сите компоненти се подеднакво важни за успехот. И талентот и работата со нив и хемијата што е создадена и освежувањето на тимот во последните седум меча, сето тоа е формулата за успехот. Важен елемент е и логистиката од страна на ФФМ. Без таква логистика нема успех. Сите работи се подеднакво важни. Ако имате само талент можете да победите на еден меч. Ако имате добар стручен штаб, без играчи не можете ништо. Сè е поврзано… Во моментов сите тие работи ние ги имаме и се надевам дека тоа ќе продолжи во иднина.

Кој е горниот резултатски лимит на овој тим?

– Мислам дека во моментов имаме играчи кои не се лимитирани. Секојдневно напредуваат, расположени се да учат. Се надевам дека кариерата ќе им оди во нагрона линија и ќе имаат уште подобри трансфери, иако некои од нив и сега играат во топ-лиги и клубови во Европа. И во таа смисла на зборот, имаме играчи кои не се лимитирани и кои се способни да напредуваат. Оваа репрезентација нема лимит. Тоа ни покажува на теренот.

Се плашите ли дека на ждрепката за баражот (26 ноември) ќе добиете непремостлив противник?

– Да се плашев, немаше да се занимавам со оваа работа. Изразити фаворити се Италија и Португалија, актуелен и екс-европски првак. Кога ќе се најдете во друштво на топ 20 тима во Европа нереално е да се надевате на слаб противник.

Сепак, која е ваша желба како најлесен противник за нас?

– Имам една желба, фудбалерите да ни се живи и здрави и да се способни да одговорат на предизвикот. Досега на ниеден собир не бевме комплетни, како што планиравме на самиот почеток…

милевски
За селекторот оваа репрезентација на Македонија нема лимит/Фото: EPA-EFE/Georgi Licovski

Отежителна околност е дека мечот од полуфиналето на баражот ќе го играме на гости…

– Македонија можеби и подобро игра на гости. Така покажаа и квалификациите. Не знам зошто, можеби поради теренот (насмевка) …

Во дел од јавноста се смета дека Шкотска најмногу би ни одговарала во тоа полуфинале…

– Не знам зошто сите ја потценуваат Шкотска? Португалија и Италија се издвојуваат од фудбалски, но и од други причини. Но, и сите други се јаки.

Дали „рисовите“ се способни да се пласираат на Мундијалот?

– Мислам дека овој тим е способен да избори учество на Светското првенство. Момците покажаа не само квалитет да дојдат до баражот, туку и да бидат на исто ниво со најдобрите светски селекции. Не случајно сме таму каде што сме.

Нашите играчи добија и во рејтинг во Европа, по настапите во репрезентацијата…

– Секако дека нивните настапи и нивниот изглед на теренот го привлекуваат вниманието на големите клубови во Европа. Начинот на којшто играат, како се однесуваат на теренот, тоа се доволни информации да го свртат вниманието кон себе. Чест и задоволство за нас е дека тоа е препознаено од најдобрите клубови во Европа.

Како се справувавте со отсуството на Горан Пандев, кој се пензионира од репрезентацијата?

– Секако дека отсуството на Пандев можеше да остави трага. Долги години тој е водач на репрезентацијата. Се работи за играч кој освоил сè во фудбалот. Ние како Стручен штаб бевме свесни за тоа. Целата интенција на нашата работа беше насочена кон тоа да го поттикнеме тимскиот дух и за да се минимизира влијанието од отсуството на Пандев. Сета онаа фудбалска тактика, почнувајќи од првиот меч со Ерменија, беше насочена кон тимската игра и ставање на сите индивидуални карактеристики во функција на тимот. Мислам дека успеавме во тоа.

Македонија ги дозна сите можни противници во баражот за Мундијалот во Катар

Кој е сега лидер во нашиот тим?

– Интенцијата ни беше да направиме сите играчи кои се на теренот да се чувствуваат како лидери, секој во својот домен и на свој начин. На еден меч беа едни експонирани, на друг други и мислам дека на крајот успеавме да изгледаме како тим кој е составен од 10 или 11 лидери на теренот.

Елиф Елмас со два жолти картони нема да игра во првиот меч во баражот. Колку ве загрижува тоа?

– Што се однесува до Елмас, се надевам дека ФИФА ќе го смени тоа правило, бидејќи за европскиот бараж треба да се анулираат тие жолти картони. Не знам што ќе се случи. Се надевам дека ФИФА ќе им овозможи на сите репрезнетации да играат во полн состав. Ова е неформално. Квалификациите се завршени, баражот е нешто посебно и не би требало жолтите картони од квалификациите да се пренесуваат за баражот.

Колку желбата за пласман на СП е присутна во меѓусебните разговори и дружења во нашиот тим?

– Фудбалерите се емотивци. Не можете успешно да настапувате за својата држава ако не сте и емотивец. Секој играч си има цел во кариерата да стигне до нешто највисоко. Нашите фудбалери се свесни за тоа што го направивме. Но, не застануваме тука, спортски е да се надеваме на пласман на СП. Тоа е често пати тема во нивните неформални разговори.

Кога сфативте дека второто место во групата е реално достижно за нас?

– Искрено, по септемврискиот циклус, кога ги одигравме трите меча со Ерменија, Исланд и Романија, како наши директни конкуренти за второто место и начинот на којшто ги одигравме, ми даваше за право да бидам оптимист пред последните натпревари во октомври и во ноември посебно. На тие три меча имавме таква доминација против трите конкуренти…

Кои се новините во стилот што ги наметнувате?

– Секој си има своја филозофија и свое гледиште. Се обидуваме да доминираме на натпреварите што се однесува до поседот на топка, малку „повисоко“ е поставена цела екипа и концепцијата на играта… Мислам дека имаме таков профил на играчи кои се способни да го реализираат тоа на теренот и покажуваат дека тој стил им годи…

ФОТО: Барди со Кејн и Левандовски во идеалниот тим на мундијалските квалификации

Дали имате некоја омилена репрезентација и дали ја земате како урнек за нашиот тим?

– Секоја репрезентација си има различен профил на играчи. Ми се допаѓа работата на Манчини на последното ЕП и начинот на којшто Италија одигра. Ми се допаѓа тој начин на фудбалско размислување. Но, Македонија си има своја специфика, различни играчи и свој стил.

Бевте предводник и на У21 тимот. Колку е потешко да се биде селектор на А-тимот?

– Искрено, многу полесна е работата во А-репрезентацијата одошто во У21. Сега имам работа со комплетно изградени луѓе, како фудбалери и како личности. Тактички се обучени максимално, зашто играат во добри лиги и клубови. За разлика од тоа во У21 имате период на трасформација на фудбалерите и како личности и како спортисти од младински во позрел фудбал. Најмногу се концентриравме на таа трансформација да го смениме начинот на којшто тие гледаат на фудбалот и на животот воопшто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот