Мијалков под засилен надзор во затворот во Шуто Оризари

Сашо Мијалков / 26 февруари 2021 / Фото: Драган Митрески - СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.

На поранешниот шеф на разузнавачите му се суди и во „Титаник 2“, „Тортура“ и „Трезор“, и доколку остане опасноста од бегство би можело притвор да се побара и за некој од другите предмети, велат експерти.

Поранешниот директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков од петокот е во 60-дневен притвор кој го издржува во истражниот затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.

На Мијалков му е изречена првостепена пресуда за аферата „Таргет-Тврдина“ во која тој, за нелегалното прислушкување е осуден на единствена казна затвор од 12 години. Поради здравствените протоколи за ковид-19, Мијалков моментно е сам во затворската соба. Од затворот информираат дека се преземаат и засилени безбедносни мерки и дека дополнително се прават и чести контроли.

Мијалков беше исчезнат 40-тина часа, по што се појави во Обвинителството за да го подигне решението за притвор. Тој изјави дека бил во изолација, со температура над 40 степени. Неговиот куќен притвор во петокот беше заменет со ефективен. Во истражниот затвор најмногу може да биде задржан два месеца, со оглед дека во неговиот случај станува збор за обвинителен предлог.

– Согласно кривичните дела кои му се ставаат на товар и тоа што можеше да биде исполнето како битие на кривичните дела, согласно законот се води скратена постапка, односно по обвинителен предлог, каде роковите за притвор се навистина кратки и поради тоа, по објавата на пресудата, максималната должина на притворот е до 60 дена – рече обвинителката Ленче Ристоска.

За обвинителни предлози каде се води скратена постапка, одбраната воопшто не е должна да даде воведен говор, вели Љупчо Шврговски, адвокат на Мијалков.

– Таа одредба, поради бенефицијата на правните квалификации законодавецот определил дека во случај кога се определува мерка по тие основи за кривични дека каде е предвиден обвинителен предлог казната може да трае до правосилноста на пресудата, но најдолго 60 дена – вели Шврговски кој во објаснувањето рече дека тоа би значело дека максимум до 26 април Мијалков може да остане во притвор.

Скопска Апелација во тој рок од 60 дена треба да се произнесе за жалбите и ако ја потврди затворската казна за Мијалков, тој може да не излегува од притвор, туку да продолжи со нејзино извршување. На екс шефот на УБК му се суди и во „Титаник 2“, „Тортура“ и „Трезор“, и по истекот на притворот, доколку остане опасноста од бегство, би можело да се побара нов за некој од другите предмети, велат експерти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот