Христијан Мицкоски фото: Влада на РСМ

Мицкоски зборува за предвремени избори, но колку реално ги посакува?

Со последните пораки околу можните предвремени избори, премиерот Христијан Мицкоски очигледно води стратегија на „контролирана неизвесност“, велат аналитичарите. Дел од нив сметаат дека на овој начин тој ја држи опозицијата во состојба на постојана напнатост и ја пренасочува јавната дебата, додека други предупредуваат дека честите промени во ставовите може да создадат впечаток на политичка недоследност.

Премиерот Христијан Мицкоски очигледно почна да води стратегија на контролирана неизвесност околу можноста за одржување предвремени парламентарни избори. Вака политичките аналитичари ги оценуваат последните изјави на премиерот, кои во краток временски распон преминаа од категорично „нема да има избори“ до „нека внимаваат што посакуваат, оти постои можност да им се оствари“.

Според аналитичарите, тактиката на премиерот е да ја одржи опозицијата во постојана тензија и да ја фокусира јавната дебата на строго контролиран терен, а со тоа да ја зацврсти својата позиција како доминантен актер на сцената.

– На опозицијата ќе ѝ оставиме време да се консолидира и да размисли дали ќе оди на предвремени избори, кои да бидам искрен, јас не ги посакувам и сметам дека се непотребни. Но, нивната весела математика и оваа упорност со надмудрување и создавање вештачки теми и блефови треба да добие соодветен одговор. Затоа, нека внимаваат што зборуваат и што посакуваат, може и да им се оствари – изјави Мицкоски во своето обраќање по повод Денот на македонската револуционерна борба.

Но, според анализите, ваквиот негов пристап носи и одредени ризици: постојаното менување на тонот може да создаде впечаток на недоследност и на политичка неодлучност.

Според повеќето проценки, Мицкоски нема вистинска намера да оди на избори во скоро време, туку ја користи темата како алатка за политичка дисциплина и за медиумска доминација.

Комуникологот Живко Андревски во разговор за „Слободен печат“ вели дека премиерот треба да биде свесен оти јавноста внимателно ги следи неговите пораки и ги забележува честите промени во ставовите околу предвремените избори.

Како што посочува, ваквите колебања можат да создадат впечаток на непостојаност и недоследност во комуникацијата со граѓаните, што на подолг рок ја поткопува довербата во лидерството и во самата партија.

– Ако во еден момент премиерот смета дека е добро за партијата да каже дека ќе има предвремени парламентарни избори, тогаш тој го прави тоа без размислување. Истото важи и кога смета дека е добро за партијата да каже дека ќе нема предвремени парламентарни избори. Но, тој треба да знае дека јавноста обично ги регистрира тие пречекорувања од една позиција во друга, особено ако се случуваат зачестено во краток период. Чудно би било доколку Мицкоски навистина игра на таа карта дека јавноста не е толку чувствителна, не памти, не анализира и не сублимира, бидејќи јавноста следи сѐ. Така што, зошто јас како граѓанин би имал сериозно мислење за премиерот доколку еднаш кажува едно, а по неколку дена кажува друго?! – објаснува Андревски.

Тој смета дека изборите треба да се одржуваат во регуларниот термин и дека тоа треба да се почитува доколку во општеството не се случуваат некакви големи турбуленции.

– Изборите не се нешто преку кое се внесува нова енергија во државата. Сведоци сме веќе повеќе од 30 години дека изборите, особено предвремените, не даваат резултат. Тогаш, зошто бадијала да се троши време, енергија и пари? Разбирам дека е потребно да се одржат предвремени избори доколку постои некаков голем проблем во државата, доколку се чувствува голема напрегнатост во општеството, но сега не гледам таква причина. Што би се сменило доколку следната година би се одржале предвремени избори? Ништо нема да се смени – вели Андревски.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, пак, во изјава за „Слободен печат“ вели дека во овој момент не постојат ниту минимални предуслови за распишување, а камоли за одржување на предвремени парламентарни избори.

– Факт е дека во моментов нема услови ни за планирање предвремени парламентарни избори, а не, пак, за нивно евентуално одржување во блиска иднина. Изјавите на премиерот Христијан Мицкоски се дел од политичкиот вокабулар, па тој сега сака максимално да ја искористи трагедијата на СДСМ за да им покаже на опонентите кај им е местото. Мицкоски ја избра оваа стратегија со цел да го искористи моментот на политички мртва опозиција, иако и самиот е свесен дека ВМРО-ДПМНЕ веќе го достигна зенитот и дека отсега само ќе паѓа надолу – вели Пекевски.

Ако читаме меѓу редови, додава тој, изјавата на премиерот не е упатена само на адресата на СДСМ, туку можеби и до коалицискиот партнер и кандидат за градоначалник на Тетово, Билал Касами, кој најави поддршка за ДУИ во вториот круг од локалните избори во Кичево.

– Со ова Мицкоски сака да прикаже доминантност, но и да му испрати порака на Касами дека без помошта на ВМРО-ДПМНЕ, тој никогаш нема да биде градоначалник на Тетово – објаснува Пекевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот