Фото: МВР на Србија

Мицкоски за петте тони марихуана: А од каде знаеме дека поминала од Македонија?

Премиерот Христијан Мицкоски се воздржува од какви било тврдења за петте тони марихуана кои беа запленети во Србија во близина на Крушевац на имот во сопственост на општински советник на владејачката Српска напредна странка.

На новинарско прашање за обвинувањата на опозицијата, како дрогата ја поминала границата, Мицкоски одговори со прашање: А од каде знаеме дека поминала од Македонија?

-Јас би се воздржал од било какви тврдења додека истрагата не даде резултати. Тие резултати ќе дадат одговор на многу од овие информации, кои што се информации, но голем дел се и дезинформации – рече Мицкоски.

Огромното количество марихуана беше запленета минатата недела и според информациите на српските власти, дрогата таму влегла од Македонија, а првично се споменуваше и Албанија. Еден од приведените беше откриено дека е косопственик во компанија во Скопје „Алфафарм“ за одгледување на канабис за медицински цели.

Засега нема информации што открила вонредната контрола во фирмата што ја извршило Министерството за здравство во координација со Министерството за внатрешни работи.
Од истражните институции единствено се огласи Обвинителството, од каде тврдат дека веднаш бил отворен предмет за да се откријат евентуални организирани групи во Македонија поврзани со марихуаната.

-Обвинителството уште во петокот беше навремено и целосно информирано за настанот и без одлагање презеде активности во рамките на своите законски надлежности. Веднаш е воспоставена интензивна и континуирана комуникација со надлежните органи на Република Србија, со активна размена на релевантни информации и координација на дејствијата, со цел целосно и сеопфатно откривање на сите инволвирани лица и евентуални организирани структури поврзани со случајот на заплена на пет тони марихуана. Обвинителството има оформено предмет и веќе се преземаат конкретни, насочени и координирани дејствија за целосно утврдување на сите факти и околности за поврзаноста на Република Северна Македонија со овој случај, со цел обезбедување целосна кривично-правна одговорност – велат од Обвинителството.

Од Царина пак апелираат да не се шпекулира.

-Царинска управа ќе ги изврши потребните проверки во моментот кога ќе ги добиеме официјалните податоци. Притоа, апелираме да не се шпекулира со податоци кои не се потврдени од официјални институции – велат во краткиот одговор.

Опозициската СДСМ секој ден одбројува колку денови власта молчи за тоа како пет тони марихуана ја поминале границата, додека пак владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека поранешниот лидер на оваа партија, Зоран Заев, се јавувал во Царинската управа и се интересирал за марихуаната.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот