Мицкоски: До крајот на мандатот ќе ги намалиме функционерските плати за 78 проценти
Премиерот најави „уставно и законско намалување на коефициентите за до крајот на мандатот на оваа влада до 2028 година, отприлика да дојдеме до истото ниво што го имавме кај избрани и именувани лица, пред да дојде одлуката од Уставниот суд што доведе до зголемување на платите“
По иницијативата на Сојузот на синдикати за намалување на функционерските плати, со цел и тие да се солидаризираат со ниските плати на работниците, премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МТВ рече дека нивната стратегија е со намалување на коефициентите, до крајот на нивниот мандат, тие плати да се вратат отприлика на ниво како пред зголемувањето од 78 проценти што се случи во 2023 година.
Препорачано
– Ваквиот тип интервенирање во минатото, од Уставниот суд беше оценето како спротивно на Уставот, и затоа се покачија платите на избраните на именуваните лица за 78 проценти. Која е стратегијата на оваа влада? Со еден уставен законски начин да се намалуваат коефициентите на избраните и на именуваните лица за да не дојде до зголемување на платите во согласност со законот, и до крајот на мандат на оваа влада до 2028 година, отприлика да дојдеме до истото ниво што го имавме кај избрани и именувани лица, пред да дојде одлуката од Уставниот суд, која доведе до зголемување на платите за 78 проценти. Тоа е единствениот уставен пат – рече премиерот Мицкоски.
Сојузот на синдикати во вторникот во Собранието поднесе иницијатива за измени на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица. Со тоа, како што велат од Синдикатот, побараа од пратениците сами да поднесат законски измени, а доколку тие не го направат тоа, тогаш, според регулативата, ќе собрат 10.000 потписи од работниците и ќе добијат право сами да поднесат измени на Законот.
На големиот работнички протест, пак, кога работниците застанаа пред Собранието, претседателот на ССМ Слободан Трендафилов им порача на пратениците и на тие што се грижат дека со раст на работничките плати ќе се зголеми инфлацијата, да си ги намалат своите плати и така да придонесат во контролирањето на инфлацијата.
Во април 2023 година, 1.060 функционери добија плата повисока за 78 проценти откако Уставниот суд укина два члена во Законот. Овие одредби претходно предвидуваа фиксен износ на основицата за пресметка на платите на функционерите, од 25.726 денари во 2012 година, што беше во конфликт со одредбата што ја утврдува основицата според просечната плата. По укинувањето на членовите, остана на сила одредбата што го поврзува износот со просечната плата и доведе до големо зголемување на функционерските плати.
Во 2024 година за да нема енормно зголемување на платите на функционерите, веднаш по растот од 78 проценти, се намалија коефициентите. Инаку требаше платата да порасне за уште околу 15 проценти. Во 2025 година исто немаше раст, односно платите се замрзнаа. Но, од Синдикатот потенцираат дека пак има иницијатива на Уставен суд и стравуваат од ново одмрзнување.
– Судиите и обвинителите имаат доставено иницијатива до Уставниот суд со која бараат да се укине Одлуката на Владата за замрзнување, како што беше и лани и преклани за да се спречи растот на платите на функционерите. Но, да потсетиме, Уставниот суд во 2023 година, по иницијатива на адвокат ги одмрзна платите на функционерите. Ако еднаш Уставниот суд донел таква одлука, зошто тогаш би можело, а не би можело за 2026 година? Со таа одлука се бара да се одмрзнат замрзнувањата во 2024 и 2025 година – изјави за „Слободен печат“ претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски.
ВИДЕО: ССМ поднесе во Собранието иницијатива за намалување на функционерските плати за 80 проценти


