Мицкоски: 100 нови проекти за 100 дена влада, продолжуваме со засукани ракави
Премиерот Мицкоски го започна експозето со проектите кои неговата Влада ги реализираше за 100 дена. Нагласи дека првите 100 дена не биле лесни, но со 100 проценти посветеност ги исполниле предвидените проекти.
-Успеавме да ги стабилизираме финансиските текови, да ги затвориме буџетските дупки, враќавме долгови во јавните претпријатија и на институциите направени во периодот на претходната власт, подготвуваме и екипиравме институции, договараме инвестиции. Покажавме дека се грижиме за сите, поголеми пензии за пензионерите, за учениците навреме обезбедивме бесплатни учебници, субвенции за земјоделците, а работиме и на повисоки плати за наставнциите, професорите и лекарите. Нови вработувања на 600 специјалисти во здравство и нови лекови на позитивната листа. Нови капитални инвестиции во општините и нови фабрики. Продолжуваме со засукани ракави да работиме за доброто на сите граѓани – рече премиерот.
Премиерот ја пофали работата на министрите и на институциите, но признава дека во работата на Владата во изминатите 100 дена имало и грешки, а кадровските навреме ги поправиле.
– Не коментирам одредени гафови, секој кој работи може и да погреши и тоа не треба да ни се земе за зло. Имавме по некоја грешка, никоја не беше катастрофална, реагираме навремено и сè искорегиравме. Некои кадровски одлуки биле искоригирани и поставени кадри кои соодветствуваат. Не можам да зборувам за брзината на именување на кадри која не е според очекувањата, или неочекувањта, имаше критики дека брзо се менувале професионалци, но покажавме како Влада дека сè што било добро, што сме го оцениле дека е добро, сме го задржале. За некои проекти жалам што тие не ги реализирале. Трпеливиот човек е мудар, не треба да избрзуваме и да грешиме, подобро половина чекор, но сигурен напред, само да не се враќаме назад – дециден е Мицкоски.
Во наредниот период премиерот најави реализација на нови проекти, а Владата ќе продолжи да работи одговорно и да го слуша народот.