Миа Фароу призна дека Вуди Ален ѝ бил најголемата грешка во животот

Profimedia

Во премиерната епизода од документарна серија во четири дела „Ален против Фароу“, која во неделата е емитувана на ХБО, Миа Фароу (76) зборува за своето вљубување во Вуди Ален (85) што се покажало како нејзина најголема грешка.

Актерката во документарецот за славниот режисер, кого нејзината ќерка Дилан го обвини за сексуална злоупотреба, изјави:

Поради тоа најмногу жалам во животот, што не бев доволно прониклива. Виновна сум. Го доведов тој тип во своето семејство и што и да направам, не може тоа да го смени. Сфаќам дека на луѓето тешко им е да поверуваат во такво нешто за Вуди Ален. Ниту мене не ми се верува. Сите толку многу му се воодушевуваа, го сакаа, а и јас исто.

Вуди Ален долго време ги негираше тврдењата за злоупотреба на деца, за што првпат прозборе во текот на неговиот развод со актерката во 1992 година. Ален не е обвинет, иако обвинителот изјавил дека веројатно постои причина за казнен случај. Во документарната серија „Ален против Фароу“, актерката објаснува како своето мајчинство го одвоила од врската со Вуди од почит кон него, бидејќи ѝ кажал дека не го сака родителството.

Пред врската со него, Миа имала седум деца: близнаците Метју и Саша, Ларк Сонг, Флечер, Самер „Дејзи“ Сонг, Сун-Ји и Моузес. Со текот на времето, според Миа, Ален почнал да се интересира за нејзините деца, особено за посвоениот син Моузес. Фароу открива дека со Ален разговарала за заедничко дете, за што тој се сложил под услов да не мора да покажува родителска приврзаност. Но, бидејќи не можеле природно да зачнат дете, Миа предложила со посвојување, а неговиот одговор бил необичен.

Ми кажа дека би бил пољубезен со мало русокосо девојче. Мислев ако тоа му значи, тогаш треба да најдам такво девојче, бидејќи можеби ќе го засака – објаснува Фароу, која на крај го посвоила русокосото бебе Дилан.

По посвојувањето, Фароу и Ален успеале да го зачнат синот Ронан Фароу, а кога тој се родил, Дилан тврди дека Ален кон неа почнал да покажува „интензивна наклоност“, поради што таа почнала да се крие кога тој бил во близина.

Со текот на времето дојде до тоа тие двајца да останат сами. Не сакаше да ги гледа другите деца, само неа ја сакаше, а таа почна да бега од него и да се заклучува во бањата – вели Миа во документарецот.

Во премиерната епизода, Дилан, Миа и семејната пријателка Присила Гилман се присетуваат на сцените во кои Ален само во долна облека бил во кревет со Дилан, како и на случајот кога таа му го цицала палецот.

Звучеше како да сум го обвинила дека е убиец со секира. Плачев, се извинував, а понекогаш ќе ми кажеше дека искрено мисли дека ми е потребна помош. Почнав и сама да мислам дека сум луда и дека тој не може да биде педофил. Сакав да верувам дека не е способен за тоа од што се плашам – зборува Миа Фароу во интервјуто.

Очите ѝ се отвориле кога психијатарот д-р Етел Персон, која во тоа време живеела со неа во иста зграда во Њујорк, ѝ рекла дека мисли дека во односот на Ален со Дилан има нешто погрешно.

Ален, како што вели Фароу, се сложил да го посети клиничкиот психолог, кој ѝ кажал дека иако неговото однесување кон Дилан е непримерно, сепак не било сексуално. Во декември 1991 година Ален законски ги посвоил Дилан и Моузес, а околу еден месец подоцна Миа во неговиот стан нашла „порнографски“ полароид фотографии од нејзината посвоена ќерка Сун-Ји Превин. Кога го соочила со тие фотографии, Ален прво ѝ рекол дека е вљубен во Сун-Ји и би сакал да се ожени со неа, а потоа почнал да се правда дека тоа го кажал само за да ја омекне ситуацијата.

Те сакам. Сето тоа се одвиваше само во четири часа. Едноставно изгубив контрола“, се сеќава Миа на оправдувањата од Ален и додава дека не знаела што да мисли во тој момент, само сакала тој да си замине.

Во својата автобиографија „Апропо на ништо“, објавена во март 2020 година, славниот режисер ги негира тврдењата за злоупотреба на деца и ја брани својата љубовна врска со Сун-Ји, со која доби две ќерки.

Понекогаш кога грубо ќе се нафрлеа на мене и кога од сите страни бев напаѓан, ме прашуваа дали кога било сум посакал, да го знаев конечниот исход, да не започнував врска со Сун-Ји. Од срце секогаш им велев дека тоа би го повторил“, наведува Ален во автобиографијата, а за реакцијата на Миа на нивната афера, режисерот пишува дека го разбира нејзиниот шок, згрозување, бес и дека сето тоа била соодветна реакција.

Сун-Ји за обвиненијата на сметка на Ален зборуваше во 2018 година за „Њујорк магазин“, велејќи дека Миа го искористила движењето #MeToo и парадирала со Дилан како жртва.

Толку е наивен и доверлив и веројатно бил под контрола на Миа. Мислите дека е толку брилијантен… а истовремено во други работи е толку шокантно наивен што не ви се верува – изјави Сун-Ји.

Денес 35-годишната Дилан вели дека откако прозборела за своето наводно сексуално злоупотребување на шест години, изложена е на секакви сомнежи и понижувања.

Најмногу време минувам обидувајќи се да ги поставам работите на свое место, бидејќи без разлика на тоа што мислите дека знаете нешто, тоа е само врв на ледениот брег. Тој е некој кого го сакам повеќе од кого било друг и ми требаше многу време да се помирам со тоа дека некого можеш да го сакаш и да се плашиш од него – вели Дилан во документарецот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот