„Ми-Ан“ го промовираше зборникот на народна еротика „(И)стории од долапот“ од д-р Ана Мартиноска

Книгоиздателството „Ми-Ан“ во паркот пред КИЦ го промовираше зборникот „(И)стории од долапот: избор од македонската народна еротика“ од д-р Ана Мартиноска, која повторно се навраќа на темата за еротиката во македонскиот фолклор по „Голиот на гости (Антологија на македонскиот еротски фолклор)“ (Скопје, 2007) и неколку научни текстови на истата тема. Книгата ја промовираа Лорета Георгиевска-Јаковлева и Мишел Павловски, а извадоци од книгата читаше актерот Предраг Павловски.

Книгата „(И)стории од долапот“ содржи македонски народни приказни, песни, гатанки, пословици, како и опсежен поговор насловен „Ars Erotica на македонски начин“, во кој авторката говори за еротиката во фолклорот, за цензурата при собирање, објавување и истражување на овие творби, за мотивите, за родовата анализа, за патријархатот и отстапките од него итн.

Издавачот Мишел Павловски посочи неколку значајни моменти поврзани со излегувањето на книгата. Како прво, тој нагласи дека еротиката, а во тие рамки и еротскиот фолклор, се неодминлив дел од културата на еден народ. Како второ, приредувачката на изборот покажа дека на фолклорот и на културното наследство може да им се пристапи на начин што е во склад и со современоста и со постулатите на културолошките студии. Така како што авторката им пристапува и без предрасуди пишува за феминистичките прашања, за сексот и за литературата, така пристапува и на темата за еротскиот фолклор – отворено, критички и студиозно, со што се потврдува како најопсежниот, најпосветениот и најширокиот современ истражувач на македонскиот еротски фолклор.

Ана Мартиноска (Скопје, 1972) е професорка и научничка во областа на фолклорот, литературата и културата, колумнистка на родови и културолошки теми, феминистка. Дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Од 1996 година д-р Мартиноска е вработена во Институтот за македонска литература при УКИМ.

Својата нова книга таа ја посвети на основоположникот на македонската фолклористика, Кирил Пенушлиски, во чест на неговата книга „Македонски еротски приказни“ (1981), објавена пред точно 40 години.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 88, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-11 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот