Фото - Центар за граѓански комуникации
Фото - Центар за граѓански комуникации

Месен нарезок, кромид и леб: Вака изгледа „грижата“ на државата за најсиромашните?!

Топлите оброци за помош на социјално ранливите категории граѓани, всушност се ладни и нивната содржина не кореспондира со наведеното во тендерот, објави Центарот за граѓански комуникации во најновиот извештај за мониторинг на јавните набавки. Во оброците кои се плаќаат 239 денари, често недостига супа, овошје или сирење, а лебот е во помала грамажа отколку што треба.

Во студијата е наведено дека на 20 декември 2025 година оброкот бил месен нарезок од 100 грама, парче кромид и леб. Објавена е и фотографија од конкретното мени со кое државата се „грижи“ за најсиромашните.

Фото - Центар за граѓански комуникации
Фото – Центар за граѓански комуникации

Иако според тендерот топлите оброци треба да се делат во соодветни простории на 7 до 9 локации, тие всушност се делат на улица, а комбето стои на локацијата 15-30 минути изложувајќи ги најранливите на понижување, што побрзо да го земат оброкот.

Фактот што народните кујни во практика не функционираат, а тендерите и понатаму формално го користат тој термин како тие да постојат, укажува на институционално прикривање на реалната состојба и на манипулација со основните елементи на јавната набавка, пишува во извештајот.

За овој тендер Министерството за социјална политика плаќа 1,5 милион евра за народни кујни кои во реалноста не постојат.

Практиката на делење храна на улица претставува институционализиран понижувачки третман на лица во социјален ризик, со што државата, наместо да обезбеди заштита, ги изложува корисниците на стигматизација, деградација и повреда на нивното основно право на достоинство.

Во периодот меѓу истекот на претходниот договор за набавка на готови оброци за корисниците на народни кујни (17.5.2025) и склучувањето на новиот договор (24.9.2025) нема сознанија врз кој правен основ и од кој економски оператор била обезбедувана храна за корисниците на народните кујни, се наведува во извештајот.

Сиромашната пациентска храна на Клинички центар се плаќа „богато“ – со камата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот