Мерките против загадување нема да се спроведат, градските советници еднаш ги изгласаа, но денеска се предомислија

И покрај големото загадување на воздухот во Скопје, советниците во градскиот Совет денеска не ја потврдија одлуката која самите ја донесоа пред еден месец за спроведување итни мерки за заштита на воздухот, со што всушност ја спроведоа волјата на градоначалничката Данела Арсовска која донесе решение за запирање на оваа одлука.

На денешната седница прва точка на дневен ред беше решението на Арсовска за запирање на одлуката, кое советниците не го прифатија, но кога требаше повторно да гласаат за да ја потврдат претходно донесената одлука, со што таа и покрај решението на градоначалничката би станала важечка – советниците со недоволниот број гласови самите си ја поништија донесената одлука.

За загадувањето граѓаните прстот го вперуваат во Град Скопје. Јас не можам на тоа слеп да бидам и вие одбирате колку ќе учествувате во решавањето на овој проблем. Стотици илјади граѓани ги изгласаа советниците што ја изгласаа оваа одлука. Ако политичката волја во Град Скопје вели дека овие мерки мора да се спроведат тогаш градското раководство мора да најде начин да ги спроведе, а не да ги поништува – рече Амар Мециновиќ, советник од Левица, пред советниците сами со своето гласање да си ја поништат одлуката што ја донеле.

Скопје се „гуши“, а Арсовска ги запре мерките против загадувањето што ги усвои Советот

За непотврдувањето на одлуката реагираа и од Зелен хуман град, кои беа предлагачи на мерките што со најновата одлука на Советот сепак нема да се спроведат, поради што во знак на револт седницата ја напушти советникот од оваа граѓанска иницијатива Горјан Јовановски.

Советот не го изгласа решението, што е супер! Но веднаш после тоа, како што е процедура, Советот требаше повторно оригиналните мерки да ги потврди. Советот не собра доволен број гласови за да ги потврди истите мерки кои пред еден месец ги изгласа. Со тоа, мерките кои ЗХГ од јануари 2023 ги предлага, сега се повторно непостоечки. Браво. Така се дава автогол во 90та минута. Наместо да го натераме Градот да ги имплементира мерките, советниците им направија услуга и истите ги избришавме од постоење. Среќна загадена 2024 година скопјани, подарок од градоначалничката и советот на град скопје. Борбата продолжува, не смее да им се дозволи здравјето да ни го одземат! – порачаа од Зелен хуман град.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот