Скопје се „гуши“, а Арсовска ги запре мерките против загадувањето што ги усвои Советот

Загадување во Скопје / Фото: ''Слободен печат''/ Драган Митрески

Градоначалничката Данела Арсовска донесе решение за запирање на одлуката за преземање итни мерки за заштита на квалитетот на воздухот во Скопје, која градскиот Совет ја донесе на седницата одржана на 27 ноември. Според образложението на Арсовска со одлуката е извршена повреда на член 50, став 1, точка 6 од Законот за локална самоуправа и на членовите 114 и 115 од Деловникот на Советот на Град Скопје.

Што точно е прекршено во овие одредби не е до крај јасно затоа што во член 50 во Законот, каде што се наведени надлежностите на градоначалникот, во ставот и точката која се прецизира во решението на Арсовска се вели дека градоначалникот „иницира и предлага донесување на прописи од надлежност на Советот.

Во членот 114 од Деловникот пак се наведува дека „Записниците и извештаите од седницата на комисијата ги потпишува претседателот на комисијата. Извештаите на комисијата се доставуваат до Советот пред почетокот на седницата“, а во член 115 „Иницијатива за внесување одделни прашања во предлогот на дневниот ред на седницата на комисијата можат да дадат членови на советот, други комисии на Советот, како и јавните служби, установи и претпријатија основани од Градот Скопје“.

 

Станува збор за мерки, од кои шест се за итно постапување, што советниците од Зелен хуман град ги предложија уште во јануари годинава, кога не поминаа на Совет, за кон крајот на ноември конечно да добијат зелено светло од советниците, по подолга дискусија и расправа со претставниците на Град Скопје.

Имаше големо противење од претставници на Град Скопје, дека советници не можеле да поднесуваат одлуки и дека се работело веќе на проблематиката. Ако не може да поднесуваме одлуки, што е нашата улога? Да молиме градоначаник да поднесе и ако тоа не се случи, да седиме мирно? Ако се работело на проблематиката, зошто лани сме имале 5600 предвремени смртни случаи од аерозагадување? Дополнителен шок беше дека тендерот за набавка на ИСО сертифицирани мерни станици од Град Скопје за кои ЗХГ обезбеди буџет, е прекинат без никаква причина. Компостари нема, инспектори едвај има неколку, проектите заглавени – посочија од Зелен хуман град по оджувањето на седницата.

Во Скопје во изминатиот период навистина тешко се дише поради големото загадување на воздухот, а притоа ништо не се презема да се подобри ситуацијата.

Не само што Градот во последниве недели хаотично испраќа пораки до медиуми дека Скопје не било толку загадено колку што се тврди, туку сега и активно ги саботира напорите за имплементација на итни мерки поднесени од ЗХГ – велат од граѓанската иницијатива.

И навистина, во изминатиот период кога сите медиуми пренесуваа дека Скопје е високо на листата на најзагадени градови, меѓу првите десет во светот, според информациите објавени на „Ај-кј Ер“, Град Скопје неколку пати со официјално соопштение ги демантираше податоците на светски познатиот сајт, со образложение дека главниот град не е ниту најзагаден во Македонија, а не пак во светот и упатуваше да се користат податоците од светскиот мониторинг сервис „WAQI“.

Поради запирање на одлуката на Советот, од Зелен хуман град бараат на својата Фејсбук страница помош од граѓаните, за тие повеќе да се активираат и да го искажат својот револт поради загадувањето. Оттаму посочуваат дека следните седници на Советот ќе се одржат на 27 и 28 декември и дека своето незадоволство граѓаните можат да го искажат со собир и протест во деновите кога се одржуваат седниците или да испратат емаил со барање за присуство на претседателот на советот – [email protected], а можат да реагираат и на мејловите на градоначалничката [email protected], [email protected] или на телефонот 02/3297-265.

Шесте мерки за итно спроведување, кои ги усвои Советот, а градоначалничката ги запре се Советот на Град Скопје да ѝ препорача на Владата да го задолжи УХМР да почне со прогнозирање температурни инверзии во Скопската котлина. Јавно да се објави регистар со правни лица, како и локацијата каде се наоѓаат во Скопје, кои според закон задолжително би морало да имаат Б-интегрирана дозвола за да работат, а при надзор е утврдено дека немаат. Забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот според Правилникот за урбанистичко планирање – 3 метри, што е соодветно за ограничувањето на брзината во населени места на 50 км на час. Забрана за пластичен прибор и пластична амбалажа за еднократна употреба, како и продукти пакувани во пластична амбалажа во јавните набавки на Град Скопје. Вработување најмалку 5 нови инспектори за животна средина и овозможување за користење три возила на Инспекторатот со цел брзо постапување по пријави од граѓани. Како шеста итна мерка тие предлагаат замена на начинот на греење на сите објекти што се во сопственост или надлежност на Град Скопје и користат нафта, дрва или други загадувачки горива за загревање и итно префрлање на системот за загревање на струја во комбинација со поставување на фотоволтаици на покривите или приклучување на градско парно.

Покрај овие, ЗХГ предложи, а Советот усвои уште неколку среднорочни мерки, кои треба да се имплементиираат до крајот на мандатот на актиелното градско раководство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот