Борбен авион Мираж EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Мерц: Германските авиони би можеле да носат британско и француско нуклеарно оружје

Германскиот канцелар Фридрих Мерц посочи дека германските борбени авиони би можеле да носат британско и француско нуклеарно оружје, што е продолжение на неговиот неодамнешен притисок за европско нуклеарно одвраќање.

Европските земји како Германија почнуваат да бараат опции за нуклеарна заштита независно од САД, а Мерц откри дека веќе е во преговори со други европски сили, особено Франција, пишува Еурактив на оваа тема.

Промена на безбедносната парадигма

Иако можноста Германија да развива сопствено нуклеарно оружје е исклучена за Мерц, тој во една емисија и гостување во поткаст истакна дека германските борбени авиони веќе можат да носат американски нуклеарни бомби.

„Би било можно да се примени и на британското и на француското нуклеарно оружје“, рече тој.

Со децении, безбедноста на Европа во голема мера зависеше од подготвеноста на Вашингтон да интервенира во случај на конфликт, при што американскиот нуклеарен арсенал играше клучна улога.

Сепак, повторниот избор на Доналд Трамп за претседател на САД, неговите потценувачки изјави за НАТО и непредвидливите потези во надворешната политика ја доведоа во прашање одржливоста на таквата поддршка. Дополнителна неизвесност создава истекот на билатералниот договор Нов СТАРТ, кој ги ограничуваше руските и американските стратешки нуклеарни арсенали, а кој истече на почетокот на февруари без знаци за обновување.

Француската понуда и ставот на НАТО

Мерц потсети како Франција ѝ понуди на Германија учество во нејзиниот систем за нуклеарно одвраќање во минатото, додавајќи дека верува оти таквата понуда „не може едноставно да остане неиспитана во овие времиња“.

Од друга страна, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој успеа да одржи продуктивен однос со Трамп, на Минхенската безбедносна конференција изјави дека никој во Европа не се залага за замена на американскиот нуклеарен чадор. Според него, сегашната дискусија треба да се гледа како дополнување и зајакнување на постојната безбедносна рамка.

Моментално, застарените германски авиони „Торнадо“ можат да носат американско нуклеарно оружје. Овие авиони ќе бидат заменети со 35 американски ловци Ф-35, кои Германија ги нарача во 2022 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот