Мемоарите на Тина Тарнер се силна и инспиративна приказна на храбрата жена

Фотографија: Промо

Во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина публикации“, излезе книгата „Мојата љубовна приказна“, мемоари на пејачката Тина Тарнер, од кои може да се дознаат многу детали за подемите и падовите во животот на неодамна починатата „кралица на рокенролот“.

Од младоста во Нетбуш, Тенеси, преку патот до славата со Ајк Тарнер, до нејзиниот фантастичен успех во осумдесеттите години на 20 век и подоцна, Тина искрено ја преиспитува својата лична приказна – искушенија, достигнувања и сè помеѓу.

Таа раскажува за годините соработка со најголемите имиња во светот на музиката – Мик Џегер, Кит Ричардс, Дејвид Боуви, Бијонсе – и пишува за тоа како во 1986 година неочекувано ја запознала љубовта на својот живот и како се омажила за него дваесет и седум години подоцна.

Како што напиша Тина: „Понекогаш најголемата среќа во животот ни се случува кога сме во состојба да ја цениме“. Соочена со низа здравствени проблеми и семејни трагедии што ѝ се случија во последните неколку години, Тина се осврнува на својот неверојатен животен пат, пронаоѓајќи смиреност и цел дури и во најмрачните моменти.

„Мојата љубовна приказна“ е силна и инспиративна приказна за жена што била доволно храбра да ја надмине секоја пречка што ѝ се појавила на патот. „Ставајќи ја во центарот на вниманието нејзината впечатлива мешавина од енергија, срце и душа, овие мемоари маѓепсуваат и мотивираат еднакво како кој било од нејзините најголеми хитови“, посочуваат од „Арс Ламина публикации“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 204, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот