Амар Мецинович - Кандидат за градоначалник на град Скопје од Левица - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Амар Мецинович - Кандидат за градоначалник на град Скопје од Левица - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Мециновиќ за мигрантските кампови: Зарем Владата ќе прифати да стане домаќин на логори?

Тоа е класичен пример за неоколонијално позиционирање на Балканот како тампон-зона, како простор за работи што никој во богатите држави не сака да ги види на својата територија, оцени пратеникот на Левица.

Владата ја вклучува Македонија во договори за формирање „трети земји-хабови“ или „центри за обработка и задржување“ за бегалци во име на побогати држави, пишува пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, на социјалните мрежи.

„Македонија не е причинител на светските бегалски кризи. Нашата земја не води војни, не учествува во дестабилизација на региони, не експлоатира природни или човечки ресурси во земјите од кои луѓето бегаат. Напротив, Македонија е мала и геополитички маргинализирана држава која се соочува со последици од глобални процеси што не ги контролира. Понижувачки е земја која не е дел од проблемот да биде претворена во инфраструктура за туѓи политики на затворање граници.

Овие договори практично ја сведуваат Македонија на логистички додаток на Западна Европа, место кадешто другите ќе ги складираат „непосакуваните“ – најчесто сиромашни, ранливи бегалци кои бараат шанса за живот. Овој процес, кој официјално се претставува како рационализирање на системот на азил и борба против криумчарењето, во суштина претставува опасна и проблематична екстернализација на одговорностите, како двојна неправда“, напиша тој на Фејсбук.

Тој наведува дека тоа е непочитување кон Македонија, која се третира како периферна територија погодна за отпадни политички проекти кои големите сили не сакаат да ги реализираат дома, обид да се создаде паралелен систем со пониски стандарди, дислоциран доволно далеку за да го олабави политичкиот притисок во матичните земји.

„Во суштина, ваквите центри се создаваат не затоа што Македонија е „партнер“, туку затоа што е слаба. Економски зависна, дипломатски ранлива и крајно подобна за политичко уценување. Преместувањето на мигрантските процедури во земји надвор од Европската Унија создава нов тип на зависност: економска, политичка и безбедносна. Земјите од Балканот, кои веќе се наоѓаат во процеси на европска интеграција и финансиска зависност од Западот, стануваат ранливи на притисок, преговарачки уценувања и политичка инструментализација. Наместо да бидеме субјекти со сопствена стратегија за развој, стануваме дел од инфраструктурата на европското одвраќање на миграцијата. Ова имплицира ризик за регионалната стабилност, домашната политика и меѓународниот углед. Тоа е класичен пример за неоколонијално позиционирање на Балканот како тампон-зона, како простор за работи што никој во богатите држави не сака да ги види на својата територија“.

Пратеникот наведува дека ако Владата прифати да стане домаќин на логори, како што ги нарекуваат многу хуманитарни организации, тоа не само што ја деградира нашата меѓународна позиција, туку создава и длабок внатрешен морален товар: ние би станале соучесници во политика која системски ги понижува луѓето во бегство.

„Дополнително, поставувањето вакви центри во земји како Македонија создава парадоксален притисок, бидејќи ние сме историски погодени од миграцијата, економската несигурност и од недоволно силни институции. Во таков контекст, претворањето на нашите земји во локации за управување со бегалци не е само политички цинично, туку и институционално ризично. Секоја авантура од овој тип може да стане извор на домашен социјален немир, бидејќи нашиот државен апарат не може да ги подобри домашните услови за живот и во недистиг на институционални капацитети ризикува да ја влоши севкупната општествена состојба“.

Покрај тоа, како земја која две децении стреми да стане рамноправен учесник во европската политичка заедница, за нас се потврдува ставот дека Балканот се третира како второкласен географско-политички простор. Ако Европа навистина сака да понуди решение, мора да ја признае сопствената улога во глобалните текови што ги поттикнуваат бегалските кризи и да изгради систем што е правичен, хуман и функционален – не само да ги прикрива последиците додека ги зајакнува причините. Балканот не смее да стане задкулисна сцена за европската миграциска политика, ниту пак лабораторија за експерименти со пониски стандарди. Нашиот регион има премногу сопствени предизвици за да биде претворен во чекална за туѓи политички кризи, истакнува тој.

„За самиот крај, за ДПМНЕ што може воопшто да се каже? Нивната расипничка, мегаломанска и ненаситна машинерија лаже константно од преземање на државното кормило. Нетранспарентно не вовлекува во проекти во кои не сакаме да учествуваме, за да може преку задолжувања да ги збогати своите раководни луѓе. Што побрзо се ослободиме од оваа антинародна ламија, толку поскоро и ќе зборуваме за закрепнување на општественото ткиво“, наведува Мециновиќ.

ВМРО-ДПМНЕ: Ниту се преговара, ниту се планираат мигрантски кампови во Македонија

 

ВМРО-ДПМНЕ: Ниту се преговара, ниту се планираат мигрантски кампови во Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот