Мециновиќ и Ѓорѓиевски се соочија во ТВ-дебата – повеќе обвинувања отколку судир на идеи
Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, и неговиот противкандидат во вториот круг во недела, Амар Мециновиќ од Левица, вечерва се соочија во дебата на телевизијата „Канал 5“, а во острата полемика понудија повеќе обвинувања отколку судир на идеи и концепти.
Препорачано
Меѓу темите беше ситуацијата со отпадот во Скопје. Ѓорѓиевски рече дека ветувањето за чисто Скопје во рок од 72 часа откако тој би дошол на функцијата, е реално и остварливо. Тој ги повика граѓаните во недела масовно да излезат на гласање и да го дадат својот глас за него, бидејќи, како што рече, на Скопје веќе не му се потребни експерименти туку работа. Тој потврди дека неселективно ќе ја изврши својата должност низ целиот град, одговарајќи на прашање на модераторот на дискусијата дали неговите ветувања важат и за Чаир и за Арачиново.
„Јас стојам зад тоа што сум го ветил, дека градот може за 72 часа да биде чист, убеден сум дека 117 камиони има, а само 17 се исправни, 46 има метлачки и камиони за перење на улици, а само 6 се исправни, имам добар план и визија како ќе го направам тоа“, рече Ѓорѓиевски.
„Решението за чисто Скопје е политичка волја“
Во однос на состојбата со јавната хигиена, Мециновиќ рече дека решението за чисто Скопје е политичка волја, а не префрлање вина врз граѓаните.
„Загадувања, муабети, домаќинства – доста е. Треба да се прекине да се посочува прстот кон домаќинствата, кон сиромашните“, рече Мециновиќ.
Тој упати серија критики за актуелното управување со градот и за, како што рече, „кампањското чистење“ на Скопје.
„Нашите граѓани се индиферентни“
Мециновиќ се осврна на нискиот одзив на гласачите во првиот изборен круг, за која оцени дека е резултат на недовербата на граѓаните во политички промени, но нагласи дека вториот круг носи „нова политичка реалност“.
„Нашите граѓани не се деполитизирани, туку индиферентни. Сега, кога имаме вистински избор, многумина ќе се охрабрат и ќе гласаат во вториот круг“, рече тој, додавајќи дека добил 30.000 гласови без поддршка од коалициски партнери, истакнувајќи дека неговата кампања се темели на „чиста граѓанска доверба, а не на партиски списоци“.
Наспроти ова, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека резултатите од првиот круг и разликата од 60.000 гласови во негова корист, покажуваат јасна волја на граѓаните за промена.
„Скопје испрати порака дека сака нова енергија и одговорно управување. Очекувам во недела уште поголема излезност и потврда на довербата,“ рече Ѓорѓиевски.
„Се сретна со Меџити, а зборуваш за дивоградби“
Меѓу обвинувањата слушнати од двајцата кандидати, впечатливи беа оние за дивоградбите – Мециновиќ го обвини Ѓорѓиевски за лицемерство околу оваа тема.
„Твојот мандат е окарактеризиран со дивоградбата – пазарот во Драчево. Имаш дивоградба – пазар, имаш други дивоградби. Првото нешто што ти го направи како кандидат за градоначалник на Град Скопје, г. Орце Ѓорѓиевски, во вториот круг е тоа што се сретна со Изет Меџити, кој е озлогласен по дивоградбите. Вашиот премиер вели дека нема да руши дивоградби“, рече Мециновиќ.
Ѓорѓиевски покажа фотографија од дивоградба на таткото на Мециновиќ
Ѓорѓиевски, пак, обвини дека таткото на Мециновиќ имал дивоградба во Чаир, за што приложи и фотографии. Мециновиќ одговори дека неговите родители се разведени, а тој живеел цел живот со мајка си и нема контакт со татка си. Тој рече и дека се согласува веднаш да биде урната дивоградбата.
Во текот на дебатата, Мециновиќ призна дека е апсолвент на 29 години, дека студира политички науки, но сè уште нема дипломирано, и дека пред политиката работел различни професии, меѓу кои и како фриленсер.
Двајцата кандидати се согласија дека Скопје се наоѓа пред важна одлука. Ѓорѓиевски најави „нов почеток и конкретни проекти за градот“, додека Мециновиќ истакна дека Левица претставува алтернатива за разочараните граѓани.


