„Матица македонска“ објави избрани дела во десет книги од Раде Силјан

Во рамките на јубилејот 30 години од основањето, „Матица македонска“ објави избрани дела во десет книги од писателот Раде Силјан. Изданието го уредија Витомир Митевски, Паскал Гилевски, Блаже Миневски, Весна Мојсова-Чепишевска и Златко Жоглев. Во првите седум тома се застапени поетските книги на авторот, создадени во изминатите пет децении, а три тома се посветени на критичко-есеистичката дејност на Раде Силјан.

Книгите се проследени со толкувања од Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Витомир Митевски, Луан Старова, Паскал Гилевски, Гоце Смилевски, Санде Стојчевски, Стефан Влахов-Мицов, Сретен Перовиќ, Думитру М. Јон, Елисавета Касабова, Ефтим Клетников, Миќа Цветиќ, Веле Смилевски, Мирољуб Стојановиќ и Христо Георгиевски.

Делата се илустрирани со цртежи од познатите македонски сликари Васко Ташковски и Павле Кузмановски, а автор на дизајнот на кориците е Методија Николовски-Спартак.

Раде Силјан (Жван, 1950) е автор на осумнаесет стихозбирки, на единаесет дела од доменот на критиката и есеистиката и на петнаесет антологии од македонската драма, расказ, поезија и критика. Приредил триесетина повеќетомни избори од творештвото на врвни македонски писатели, на јубилејни изданија на знаменити дела од нашето книжевно минато, како што се „Зборникот на Миладиновци“, „За македонцките работи“ од Мисирков, „Бели мугри“ од Рацин на сите словенски јазици, монографии и студии за македонскиот фолклор, за македонската народна митологија, за средновековното македонско сликарство и копаничарство, стотина преводи на светски класици и современи автори од сите меридијани. Дваесет и шест негови книги се преведени на: англиски, руски, турски, грчки, италијански, бугарски, српски, унгарски, украински, полски, латински, романски, црногорски, влашки, словенечки, бошњачки и албански јазик.

Добитник е на национални и меѓународни признанија, меѓу кои и на книжевните награди „Браќа Миладиновци“ за најдобра книга на Струшките вечери на поезијата, „Ацо Шопов“ и „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија, како и на државните награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“ за животно дело од областа на културата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 84, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот