Масовни апсења во Шпанија поради местење натпревари

Меѓу осомничените е и поранешниот репрезентативец на Шпанија и екс играч на Реал Мадрид, Раул Браво..

Шпанија ја тресе нов скандал поради местење натпревари, според медиумите на Пиринеите, во координирана акција на полицијата и Обвинителството во петокот се приведени неколку лица, поранешни фудбалери и функционери, кои се осомничени дека учествувале во режија на најмалку три натпревари од највисокиот ранг и втората лига.

Врз основа на прислушуваните разговори, полицијата и обвинителството откриле дека на седум играчи на Виљареал им биле понудени 1,8 милион евра за да го загубат последниот натпревар во сезоната 2018/19 од Хетафе, чиј напаѓач Хорхе Молина, како што е утврдено, бил запознаен со исплатата.

Ова е најновиот развој на операцијата „Оикос“, а весникот „Кадена Копе“ во најновото издание објави разговори помеѓу поранешните фудбалери Карлос Аранда и Франциско „Пако“ Естебан, преку кои помина договорот.

Истите медиуми го контактираа и сегашниот напаѓач на Хетафе, Молина, кој, многу вознемирен и лут, остро ги негираше обвинувањата.

Споменатиот натпревар заврши со резултат 2:2, па Хетафе остана без четвртата позиција и пласман во квалификациите за Лигата на шампионите, каде на крајот заврши Валенсија, која го совлада Ваљадолид со 2:0, во уште еден натпревар кој се смета за сомнителен.

Покрај тој дуел, предмет на истрагата се и натпреварите на Валенсија пред крајот на истата сезона, победата на „лилјаците“ против Хуеска и споменатата против Ваљадолид, како и дуелот помеѓу Бетис и Хуеска, кој е под сомнеж заради големи уплати за победа на домашниот тим.

Во мај 2019 година, 11 лица беа веќе уапсени за наводно местење натпревари во Шпанија, вклучувајќи го и претседателот на Хуеска.

Уште еден меч за кој е потврдено дека е под истрага е и победата од 1:0 на Химнастик против Хуеска во рамките на Сегунда во сезоната 2017/18, кога Хуеска веќе обезбеди пласман во највисокиот ранг на натпреварување.

Меѓу осомничените е и поранешниот репрезентативец на Шпанија и поранешен играч на Реал Мадрид, Раул Браво, заедно со него и Борја Фернандез, чиј последен натпревар во неговата кариера беше токму еден од оние што се предмет на истрагата, Валенсија – Ваљадолид.

Меѓу уапсените се и Карлос Аранда, екс играч на Реал Мадрид и Иниго Лопез Монтана, играч на Депортиво Ла Коруња, а претходно и на Хуеска.

Агустин Ласаоса, претседател на Хуеска и Хуан Карлос Галиндо Лануза, шеф на медицинската служба на истиот клуб, исто така беа на сослушување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот