Масакр во Мјанмар: Хунтата бомбардирала село и убила повеќе од сто луѓе

Нападите на хунтата предизвикаа бегалски бран од Мјанмар кон Тајланд - Фотографија ЕПА

Обединетите нации категорично го осудија нападот и истакнаа дека за него придонесол и игнорантскиот однос на меѓународната заедница

Повеќе од сто луѓе, вклучувајќи деца и жени, загинале при воздушен напад на мјанмарската хунта врз селото Пазигји во централниот дел на земјата. Ова е најкрвавиот масакр во Мјанмар откако хунтата пред две години ја презеде власта во Јангон.

Целта на бомбардирањето биле припадници на локална продемократска група што одржувале церемонија во местото кај Канбалу. Луѓе што навреме се засолниле во тунели и го преживеале нападот сведочат за ужасот – пеплосани тела и куќи и ранети луѓе. Сведок на нападот тврди дека биле убиени најмалку 20 деца и дека се ранети повеќе од 50 луѓе.

Повеќе од 300 луѓе учествувале на церемонијата на отворање на нови канцеларии на групата Кјунхла во Пазигји. Присуствувале и луѓе од околните села, бидејќи активисти од групата за човекови права честеле оброци и чај. Пред 8 часот селото го надлетал борбен авион, кој исфрлил бомби, а неколку минути подоцна пристигнал и хеликоптер „ми-35“. Попладнето авиони на хунтата повторно го бомбардирале истиот објект.

Претставникот на хунтата, генералот Зав Мин Тун, ја потврди акцијата и истакна дека „цивилите загинале бидејќи биле принудени да им помагаат на терористите“.

– Во 8 часот Владата на национално единство и Силите за народна одбрана (ПДФ) отвораа канцеларија во Пазигји. Ние ги нападнавме. Информирани сме дека при нападот биле убиени членови на ПДФ. Тие ѝ се спротивставуваат на нашата влада – објави генералот.

Обединетите нации категорично го осудија нападот и истакнаа дека за него придонесол и игнорантскиот однос на меѓународната заедница.

– Нападите на мјанмарската војска врз невини луѓе, вклучувајќи го и денешниот напад е овозможен од светската индиферентност и од оние што ја снабдуваат (хунтата) со оружје. Колку мјанмарски деца треба да умрат пред светските лидери да преземат цврста и координирана акција за да го запрат ова крвопролевање? – истакна Том Ендрјуз, специјален известувач на ОН за ситуацијата со човекови права во Мјанмар.

Откако ја собори од власт и ја затвори претседателката Аунг Сан Су Чи, хунтата спроведува безмилосни удари за да ги уништи центрите на отпор. Цел на бомбардирањата се и болници, улилишта и цивилна инфраструктура, при што најмногу гинат цивили, вклучувајќи и деца. Војници на хунтата многу пати палеле цели села.
Таквите напади уште повеќе го засилиле отпорот.

– Тие ја губат контролата. Тие губат територија. Мјанмар е понестабилен од кога било досега. Затоа тие сѐ повеќе ги користат воздушните сили, поради што гинат сѐ повеќе цивили – предупредува Ендрјуз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот