7 C
Скопје

Марио Драги и Емануел Макрон – новиот европски моќен дует?

Оската Рим-Париз се чини дека е новиот мотор на европската интеграција по заминувањето на Ангела Меркел од активната политика годинава

Назначувањето на Марио Драги за италијански премиер со широка поддршка од повеќето, ако не и од сите политички партии во италијанскиот парламент е оценето како добра вест за Италија и за ЕУ. Тоа, исто така, е добра вест и за претседателот Емануел Макрон.

Францускиот лидер добива партнер во Рим, кој е моќен и кредибилен поборник за поблиска европска интеграција, токму во времето кога Германија се подготвува за промена на раководството. Кога Ангела Меркел ќе се поклони на заминување како германски канцелар, Драги и Макрон би можеле да станат новиот моќен дует во Европа.

Подобрување на влошените односи

Сојузот помеѓу втората и третата по големина економија во еврозоната во корист на поголема солидарност и стимул може да изгледа природно, но беше неостварлив. За време на должничката криза во еврозоната, Франција не сакаше да се оддели од Берлин и да се усогласи со другите медитерански земји, за да не го прошири ширењето на ризикот помеѓу француските државни обврзници и германските финансии.

Пред две години, односите меѓу Париз и Рим паднаа на најниска точка од Втората светска војна до денес, кога Луиџи Ди Мајо, тогаш италијански заменик-премиер, им даде поддршка на француските антивладини демонстранти. Проевропскиот француски претседател стана погодна цел за евроскептичните популисти во Италија, кои сакаат да ја максимизираат домашната поддршка. Италија беше гневна и заради недостатокот од солидарност од страна на Франција во мигрантската криза во периодот 2015-2016 година и незадоволството од преземањето на некои италијански компании од страна на француските ривали.

Односите се подобрија кога Рим направи проевропски пресврт под втората влада на Ѓузепе Конте. Франција и Италија беа меѓу деветте потписници на писмото во март минатата година, во кое се повикува на „заеднички должнички инструмент издаден од европска институција“ за да им се помогне на земјите погодени од пандемијата. Тоа беше јадрото на планот на Фондот за обнова на ЕУ, изготвен од Париз и Берлин и усвоен од сите 27 земји членки под името „ЕУ на следната генерација“. Најголемиот чекор напред во европската интеграција од создавањето на еврото беше и најголемото европско достигнување на Макрон досега.

Прочитајте и...  Словенечка искра во балканското буре барут: Играњето со границите опасно и за Македонија

„Макрон денес покажа лидерство со ЕУ за следната генерација“, вели Енрико Лета, поранешен италијански премиер, а сега декан на Париската школа за меѓународни односи на престижниот „Sajenses Po.“ (Sciences Po). „Тоа не беше случај со Саркози пред 10 години. Единството требаше да се одржи под германскиот чадор и да се избегне каков било ризик. Беше тоа добро за Франција, но цената што требаше да се плати е дека Европа нема никакво решение за кризата.“

Како ќе се потрошат парите?

Како најголем корисник на Фондот за обнова на ЕУ, многу зависи од способноста на Италија тие фондови мудро да ги потроши. За Рим е тоа ретка шанса да се купат продуктивни инвестиции. Драги „знае веројатно подобро од кој било друг што треба да се стори за да се искористи оваа шанса што се укажува еднаш во животот, за да се соочи со долговечните слабости на земјата“, забележува Силвија Мерлер, од Форумот за политика во Алгебрис.

Погрешната употреба на тие средства ќе создаде сомнежи во можноста на Италија да преживее во реалноста на единствената валута. Тоа би ја дискредитирало идејата за наднационално здружување на суверенитетот во ЕУ за возврат на поголема солидарност. Конте не доби политичка поддршка за добро да го потроши Фондот за обнова. Тоа е главната причина што промовирањето на Драги со општа поддршка е толку важно за поборниците на посилната Европа, како Макрон.

Следното е надежта дека со модернизираната монетарна политика како претседател на Европската централна банка, Драги може да помогне во ревидирањето на фискалната политика на еврозоната, со понаклонети правила за економски раст во однос на дефицитите и долговите, но и со постојан буџет за да се помогне за ублажување на шоковите. На Германија и другите северни европски метрополи ќе им треба убедување. Но, ако Драги успее да исполни некои од домашните задачи кои повеќепати ги бараше од националните влади, тоа ќе помогне.

Прочитајте и...  Граѓански организации и професори со јавен повик до Заев за ДУП-от спроти „Холидеј Ин“

Разликите помеѓу Париз и Рим

„Драги е за повеќе европски интеграции, комбинирајќи ја националната одговорност со европската солидарност“, вели Марта Дасо, поранешен заменик министер за надворешни работи и претседател на тинк-тенк институтот „Аспен Италија“. „Тоа се две страни на истата паричка.“

Доброто трошење на парите на ЕУ и фискалните реформи се „столбовите на добрата антанта“ меѓу Париз и Рим, вели Лета. Но, двете метрополи не се совршено усогласени по сите прашања. И Дасо и Лета го сметаат Драги за поддржувач на атлантското сојузништво во однос на безбедносните прашања и скептичен, како и Берлин, за идејата на Макрон за потребата од „стратегиска автономија“ на Европа.

Минатиот месец Макрон за „Фајненшел тајмс“ изјави дека е скептичен кон рутината во која „Париз танцува со Берлин, правејќи го Рим љубоморен, и кога Берлин не се однесува доволно убаво, Париз оди и танцува со Рим“… Сепак, тој беше „многу среќен што го имаше (Драги) назад“, додавајќи „Верувам дека тоа е шанса за сите нас“.

Кој е Марио Драги?

Споделувањето одговорност по трагедија е нешто што Марио Драги, поранешниот претседател на Европската централна банка (ЕЦБ), беше принуден да го научи на рана возраст.

Макрон и Марио Драги/ Фото: Boris Roessler / AFP / Profimedia

На 15 години го изгубил татко му, високо позициониран менаџер од германското јазично подрачје во Италија, кој му вградил челична работна етика на својот син. Наскоро потоа ја губи и својата мајка, фармацевт, оставајќи го тинејџерот одговорен за семејните работи. „Се вратив од одмор на море со еден пријател“, ќе се присети подоцна Драги. „Тој си замина дома и можеше да прави што сака. Јас, пак, напротив, се соочив со куп писма со кои морав да се справам, сметки што требаше да се платат.“

Образован во езуитско училиште во Рим, Драги блескаше како ученик и беше кошаркарски фанатик, чиј идол беше Бил Бредли, ѕвездата на Њујорк Никс. Во 2009 година, Италијанската кошаркарска фондација му додели награда за „важен амбасадор“ на овој спорт. Партиски неопределен, тој е „партизиран“ во фудбалските прашања: голем фан на „Рома“, тој за Франческо Тоти, легендарниот поранешен капитен на клубот, велеше дека е „филозоф на фудбалот“.

Прочитајте и...  Курсна листа на НБРСМ: Колку чини еврото денес?

По економската диплома на Универзитетот „Ла Сапиенца“ во Рим, докторира на Институтот за технологија во Масачусетс под раководство на нобеловецот Франко Модилјани. Оженет е, со две деца, Драги до скоро беше во релаксирачка полупензија во неговиот дом во малото умбриско гратче Чита дела Пиеве.

Во своите 60-ти години, Драги, како шеф на ЕЦБ, се избори со економска криза толку голема што се закануваше да ја распадне еврозоната. Си замина од таа функција како „Супер Марио“. Сега, на 73-годишна возраст, Драги се соочува со задача што веројатно ќе биде подеднакво херкулска: откако го спаси еврото, од него сега се бара да се обиде да ја спаси Италија од нејзината најтешка криза по Втората светска војна.

Пријател на Драги вели дека неговото силно чувство за јавна служба го спречило „да го одбие“ барањето да ѝ помогне на својата земја и на ЕУ во кризата.

Лоренцо Кодоњо, поранешен шеф на италијанското Министерство за финансии, вели дека водењето технократска влада е „скоро невозможна мисија во Италија“ и дека тоа ќе претставува „минско поле“ за Драги.

Лоренцо Бини Смаги, кој работеше со Драги во италијанското Министерство за финансии и во ЕЦБ, вели дека неговото „најголемо достигнување не било толку многу да каже дека ќе стори сè што е потребно за да го спаси еврото, туку да ја натера Ангела Меркел ништо да не каже и да остане негов поддржувач – ова покажува дека тој е многу вешт политички“. Во мечкината дупка на италијанската внатрешна политика, соочен со земја длабоко фрустрирана од нејзините водачи, овие вештини на Драги ќе бидат тестирани до нивните крајни граници.

Преземено од ФТ

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (06-07 февруари 2021) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот.

 

 

Поврзани вести

Фаучи: Сите вакцини против ковид-19 одобрени во САД се безбедни

Слободен печат

Искра Михајловска: Архитектите се должни да помогнат да се избегнат итарпејовските манипулации при градењето и заштитата на објектите

Александра Бубевска

Индија со рекорден број на новозаразени, Мумбај се подготвува за целосно затворање

Слободен печат

Германски експерт предупредува: Полицискиот час е контрапродуктивен

Слободен печат

Ирската комисија почна истрага против Фејсбук откако беа објавени личните податоци на корисници

Слободен печат

Филипче до медицинските лица: Благодарност до сите заслужни за професионалноста, одговорноста и енергијата

Слободен печат

Остави Коментар