Марија Павловска, мултимедијална уметница: Современата уметница треба да е индивидуална, своја и единствена

Критичарите најдобро го објасниле феноменот што го обработува. Тие посочиле: „Нејзините дела ја изразуваат експресивноста со комбинација на реализам и толкување на зрела, уникатна и силна личност“.

Македонската жена е рамноправна, самостојна, индивидуална, со своја перцепција и е почитувана во општеството поради тоа. Фотографии: Драган Митрески

Визуелната уметница Марија Павловска по повеќегодишен престој во Њујорк поради пандемијата на коронавирусот веќе неколку месеци е во Скопје, но тоа не значи дека запре со својата уметничка работа, туку напротив, ја интензивираше користејќи ги дигиталните алатки.

Ковид-кризата ти го стесни просторот за движење надвор од границите на државата, движење што беше карактеристично за тебе како уметница, како го доживеа и како го преживуваш ваквото стеснување?

– Иако пандемијата и затворените граници придонесоа за застој на планираните проекти и нивното реализирање, се прилагодивме на новиот начин на презентација со виртуелно – онлајн претставување и активности. Последниве две години, пред и откако се појави коронавирусот, имав многубројни активности на полето на ликовното творештво. Би спомнала само неколку од тие активности, како учеството на 58-то Венециско биенале со проектот „А Реакција“, самостојната изложба во Манила на Филипините, излегувањето на моето прво авторско дело, монографијата „Првиот принцип – Цртежот“ (докторска теза преточена во монографско дело објавено на македонски јазик), самостојниот проект во рамки на Остен Биенале на цртеж 2020, објавата на монументалната монографија „А Реакција“ со покровителство на „Мана контемпорари“ од Њујорк, САД, и Европскиот културен центар. Покрај затворените граници и пандемијата, имав пет претставувања од страна на музејот „Мана контемпорари“, кој воведе нова онлајн серија во која се презентираат неодамнешните дела на уметниците кои имаат резиденција во „Мана“ во контекст на нивните тековни уметнички практики пред и за време на пандемијата – без разлика дали се во студиото или на друго место. Преку лични слики, филмови, аудиоснимки и референтни слики, оваа серија размислува за тоа како тие ги прилагодиле своите студиски практики во изминативе месеци и што оставиле како тековен процес во своето ателје.

Комплексноста на таа територија САД – Њујорк, која функционира многу, многу поинаку од Европа, несомнено бараше огромна концентрација и фокус

По првото самостојно претставување во Њујорк во 2007 година, живееш на релација меѓу Скопје и Њујорк, тешко ли беше пробивањето на њујоршката сцена и колку со својата уметност им одговори на тамошните трендови? Што беше најтешкото?

– По мојата прва самостојна изложба во Њујорк во 2007 година, продолжувам да бидам активна на њујоршката и интернационалната уметничка сцена. Комплексноста на таа територија САД – Њујорк, која функционира многу, многу поинаку од Европа, несомнено бараше огромна концентрација и фокус. За моето уметничко дело беа напишани повеќе осврти, рецензии и критики во престижни списанија, статии во весници од страна на еминентни историчари и теоретичари на уметноста од САД. Беше забележен мојот израз, со кој користејќи ги поларните црно-бели бои се истакнувам со специфичен експресивен стил, кој е единствен, како во Балканскиот регион, така и на интернационално ниво, а и во САД. Во периодот 2007-2011 година, мои дела беа вклучени во престижни проекти во Бруклин, беа користени за насловни страници за книги, а имав самостојна изложба и во Ситибанк. Во 2012 година добив уметничка резиденција во „Мана контемпорари“, водечки Центар за современа уметност во областа на Њујорк. Во 2018 година мои дела беа селектирани за групни изложби на жени авторки. Во 2019 година добив покана да соработувам и со престижниот и единствен Гери Лихтенштајн.

Што за тебе значи уметничката резиденција и соработка со музејот „Мана контемпорари“?

– Основан во 2011 година, музејот и уметнички центар „Мана контемпорари“ е еден од најголемите и најиновативни центри за современа уметност во САД. Со кампуси во Њујорк, Чикаго и Мајами, неговата мисија е да ја одржува и поддржува постојано растечката и еволутивна констелација на креативните заедници. Покрај презентацијата на современи изложби, дел од мисијата на центарот е поддржување на современите уметници со дадена уметничка резиденција – ателје. Јас аплицирав на оваа програма и врз основа на резултатите и забележаниот уникатен израз влегов под покровителство на центарот и засега сум единствена од Балканскиот регион што е дел од неговата програма за резиденција.

Како, според тебе, денес треба да „изгледа“ современата уметница, а како една современа жена, без разлика на професијата?

– И во двата случаи таа треба да е индивидуална, своја и единствена.

Уметница, но истовремено и сопруга, требаше ли бракот да се прилагоди на уметноста?

– Партнерот е оној кој ја почитува, поддржува и цели кон реализација на мојата најдобра можна верзија. Тој е до мене и јас на ист начин сум до него во креативноста и почитта.

Во твоите дела доминираат спротивностите – светло и темно, полно и празно, црно и бело…?

– Критичарите најдобро го објасниле феноменот кој го обработувам. Тие посочиле:

„…Нејзините дела ја изразуваат експресивноста со комбинација на реализам и толкување на зрела, уникатна и силна личност…“ – Норберт Ридл, Австрија/ 2003г.

„…Нејзиното сликарство е како бојно поле, каде што светлината и темнината се борат и резултатот е непредвидлив. Гледаме молња од идеи за работа, како што се разработени. Во овој вид на симултана слика – процес/резултат – дијалектиката лежи замрзната во вселената, стимулирајќи го гледачот активно да учествува во креирањето на линеарноста на цртежот и понатака сликата преку испитување, поканувајќи огромен број читања во одредена тема…“ – Емил Алексиев, Македонија/ 2001г.

Каде ги гледаш спротивностите во нашето општество, особено во поглед на жената во општеството?

– Јас не чувствувам нерамноправност. Денеска македонската жена е рамноправна, самостојна, индивидуална, со своја перцепција и е почитувана во општеството поради тоа.

Постои ли љубомора меѓу жените уметници кај нас, недостига ли женска солидарност, соживот, меѓусебна поддршка?

– Искрено, не. Не сум почувствувала недостиг од соживот и меѓусебна почит. Имам почит од моите колешки.

Кон што целиш во 2021 година, што ќе видиме од тебе?

– Сето она што беше во план, со закажани датуми за реализација во 2019 и 2020 година и не беше реализирано поради пандемијата, очекувам со подобрување на состојбата на глобално ниво да продолжиме со реализирање на проектите од таму од каде што застанавме. Се надевам ќе биде сѐ подобро, па ќе можеме да ги реализираме проектите, но засега посакувам да бидеме добри и безбедни и ситуацијата глобално да се подобри и да биде побезбедна.

Фотографии: Драган Митрески

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот