Маричиќ: Ќе има редовна и динамична проверка на работата на судиите и обвинителите

Бојан Маричиќ, министер за правда/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Планот за филтрирање во правосудството наскоро ќе биде презентиран, откри министерот за правда Бојан Маричиќ. Тој додаде дека на методологијата се работело заедно со членови на Судскиот совет, Советот за јавни обвинители, како и поединечни експерти.

-Постојат повеќе аспекти што треба да се докомплетираат, меѓутоа моделот многу скоро ќе го имаме. Во принцип, откако се донесени законските решенија во 2019 година започнат е еден вид на филтрирање или прочистување и веќе осум судии се разрешени, а 83 се во постапка. Нашата цел е тоа да биде појасен, потранспарентен и конкретизиран процес и работиме на тоа, заедно со методологијата за сложеност на предметите, да биде усвоен во многу скоро време, наредните недели, секако во соработка со Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, бидејќи тоа е нивна должност и нивна обврска, изјави Маричиќ.

Според министерот за правда се очекува процесот да резултира со судство во кое ќе нема простор за корупција.

-Она што е наша идеја е да има редовна и динамична проверка на работата и на судиите и на обвинителите, којашто во рамките на постоечкиот закон ќе овозможи зајакната транспарентност и одговорност, како и етика во работењето, бидејќи само така ќе ја вратиме довербата во правосудството. Тоа значи дека оние што се професионални, чесни и одговорни судии и обвинители да останат во судството и да бидат наградени, а оние кои не работат професионално, одговорно или пак има докази дека намерно застаруваат предмети и се коруптивни, да не бидат дел од судството, заклучи Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот