Маргарита Цаца Николовска: Немаме мандат да решаваме за албанскиот јазик
Николовска од старт ги елиминира сите барања на лидери на партии и експерти кои отворањето на Уставот го гледаат како шанса највисокиот правен акт да претрпи и други измени, освен промена на Преамбулата за впишување на Бугарите и на други помали заедници.
Работната група за измени на Уставот има мандат да работи само за тоа што е формирана на барање на Владата, сите други изјави на политичари немам намера да ги коментирам, децидна е Маргарита Цаца Николовска, претседателка на работната група за измени на Уставот во изјава за „Слободен печат“.
Препорачано
Со ова, Николовска од старт ги елиминира сите барања на лидери на партии, но и на политички претставници и експерти во работната група кои отворањето на Уставот го гледаат како добра шанса највисокиот правен акт да претрпи и други измени, освен промена на Преамбулата за впишување на Бугарите и на други помали заедници, како обврска од т.н. „ француски предлог“ за Македонија во ноември да го продолжи евроинтеграцискиот пат.
„Партиите може да зборуваат како сакаат и да се претставуваат на овој или на оној начин. Тоа што е мандат на работната група е наведено во решението за формирање на тоа тело, таму се наведени причините и нашиот мандат. В петок работната група ќе го гласа деловникот за работа, односно како ќе работиме и врз кои елементи ќе носиме одлуки. Мене ми е доделена експертска работа. Нам ни е доверено да го дадеме целокупното наше знаење. Како пратениците понатаму ќе одлучуваат е нивна обврска, но и одговорност. Сите настапи и изјави на политичари не можам да ги прифатам како релевантни за нашиот мандат. Нам ни е одреден мандатот и ќе постапуваме во тој мандат“, вели Николовска и додава дека неа никој не може да ѝ врши притисок да работи надвор од мандатот.
Работната група е формирана на барање на Владата за да подготви предлог-иницијатива за потребата од измени на Уставот врз основа на заклучоците од Собранието за „францускиот предлог“.
Наспроти јасната рамка што треба да биде задача на работното тело, партии од албанскиот политички блок, но и експерти Албанци во работното тело инсистираат, освен Преамбулата, во Уставот да биде сменета формулацијата „20 отсто“ со формулацијата „албански јазик“. Ова, пак, навестува дека во работната група се можни тензии и пред таа суштински да почне да работи, односно при утврдувањето на деловникот за работа, кој треба да се гласа в петок.
Претседателот на владејачката Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, од Вашингтон порача дека не треба да се пропушти моментот при отворање на Уставот за внес на Бугарите во Преамбулата да се замени и формулацијата 20 отсто со албански јазик. Тој во интервју за „Гласот на Америка“ во Вашингтон изјави дека за тоа има согласност и од македонските партии и од шефот на државата.
„Де факто и де јуре албанскиот јазик е јазик што се користи секојдневно во Македонија во сите институции. Целата филозофија што ја дебатираме сега е дали ќе стои албански или ќе стои бројка 20 проценти. Ние сметаме дека ова е момент кога нашите сограѓани Македонци и нивните претставници – политичките партии, ќе видат дека е вистинскиот момент да ја тргнеме таа бројка. Како што инсистирам и македонскиот јазик да се користи така како што треба кога се напаѓа од која било држава, така и албанскиот сметам дека не треба да стои како проценти, туку само тие 20 проценти да се заменат со албански јазик. Од албанските партии апсолутно сите се за тоа, и од македонските јас не гледам поголема пречка, и СДСМ и ВМРО и декларативно. Меѓутоа, и меѓу нас кога зборуваме, па дури и претседателот на државата, пред неколку дена кажа дека е апсурдно да се користат проценти за еден јазик што и формално и правно се користи во државата. Се надевам дека овој е моментот кога ќе ги направиме овие промени заедно со воведување на Бугарите во Преамбулата и тераме понатаму со европската агенда која нема друга алтернатива за нашата држава“, вели Таравари.
Претходно, во изјава за „Слободен печат“, заменик-претседателот на работното тело за Уставот Бајрам Положани изјави дека Уставот треба да претрпи измени и во други делови, освен Преамбулата, односно замена на формулацијата 20 отсто со албански јазик, потоа во делот за одлучувањето во Уставен суд за закони донесени со двојно и со Бадентерово мнозинство и други прашања.
Од СДСМ, пак, брифираат дека во процесот на уставните измени фокусот на работната група треба да биде на приоритетите предвидени во преговарачката рамка. Неофицијално, премиерот Димитар Ковачевски ова веќе им го кажал и на Таравари и на другите партиски лидери од владината коалиција, а изјавата на лидерот на Алијансата ја толкуваат како политички маркетинг.


