Предлогот за внес на Торбешите во Уставот ќе предизвика нова бура

Маргарита Цаца Николовска - фото фејсбук

Барањето Торбешите да бидат дел од новата Преамбула ќе предизвика поголеми турбуленции дури и од барањето за промена на формулацијата 20 проценти што се однесува на албанскиот јазик, бидејќи остро ќе се спротивстават претставници на турската заедница и можно е да ја условат поддршката за Уставот, дознава „Слободен печат“.

Најмалку две барања се очекува да бидат камен на сопнување во работната група за уставните измени за влез на Бугарите и други заедници во Преамбулата, откако идната недела се очекува политичките претставници и експертите да отворат суштинска дебата за иницијативата за потребата од отворање на највисокиот правен акт во државата.

На маса пред работната група ќе бидат барањата за промена на формулацијата 20 отсто со албански јазик, како и внес на Торбешите во Преамбулата. Според информации на „Слободен печат“, барањето и Торбешите да бидат дел од новата Преамбула ќе предизвика поголеми турбуленции дури и од барањето за промена на формулацијата 20 проценти, бидејќи на тоа остро ќе се спротивстават претставниците на турската заедница и можно е да ја условат поддршката за Уставот. За внес на Торбешите како заедница во Преамбулата ќе се инсистира дали тие ги исполнуваат научните критериуми да бидат дефинирани како народ кој има свој јазик и писмо.

Дел од албанскиот политички кампус и дел експерти-Албанци се на линијата дека со отворањето на Уставот за внес на помали заедници како обврска од заклучоците за францускиот предлог во пакет треба да оди и промената на формулацијата 20 проценти со албански јазик. На маса ќе биде ставено и барањето за промена на Деловникот за работа на Уставниот суд, во делот на начинот на одлучување со мнозинство гласови. Предлогот ќе биде начинот на работа на Уставниот суд да се уреди со закон и со деловник. Намерата е за закони донесени со двотретинско и со Бадентерово мнозинство Уставниот суд да не може да одлучува со мнозинство гласови, туку со двотретинско мнозинство, односно со двојно или Бадентерово мнозинство.

„Има повеќе прашања за кои треба да се пристапи кон измени, но во оваа прилика мислам дека е неопходно да се отвори расправа за измени во Преамбулата за внесувањето на Бугарите, а надоврзано со ова и во нормативните одредби (состав и број на членови во Комитетот за меѓуетнички односи). Потоа прашањето за 20 отсто, со адекватна измена во нормативниот дел. Исто така, прашањето за одлуката за вонредна состојба, имајќи го предвид искуството од пред ве години кога во време на ковид-пандемијата, Собранието беше распуштено поради изборите и западнавме во голема институционална криза. Поради заштита на консензуалната демократија потребна е соодветна измена во Уставот. Во Собранието во соодветна постапка се донесуваат закони со просто мнозинство, а виталните закони со посебно мнозинство, односно двотретинско и Бадентерово мнозинство, а Уставниот суд, согласно Деловникот, ја оценува уставноста на сите закони и одлуките ги донесува со просто мнозинство“, вели за „Слободен печат“ Бајрам Положани, заменик претседател на работната група за уставни измени.

Токму барањата, освен измена на Преамбулата, Уставот да претрпи и други промени може да предизвика курцшлус во работната група. Претседателката на работната група Маргарита Цаца Николовска по состанокот на работното тело изјави дека идниот петок ќе го усвојат Деловникот за работа и дека ќе ја интензивираат работата, но дека не сака да лицитира со рокови кога ќе се заокружи процесот.

„Апсолутно ќе се следат одредбите од Уставот и апсолутно ќе се постапува согласно Уставот. Ќе се интервенира таму каде што е потребно и оние шпекулации дека не може да се интервенира во Преамбула и во некои други членови наскоро ќе ги разјасниме“,  рече Николовска.

Повеќе владини претставници, вклучително и премиерот Димитар Ковачевски, во повеќе наврати изјавија дека измените на Уставот сега треба да бидат само за внес на Бугарите и на други заедници, што пак, е услов за отворење на кластерите во процесот на преговори со ЕУ, дека за другите барања може сега да се разговара, а Уставот за нив дополнително да се отвори, за сега да не го оптоварат целиот процес и да не се испушти моментумот. Премиерот смета дека иницијативата за отворање на Уставот и предлог уставните амандмани до јуни веќе треба да бидат доставени во Собранието.

Поддржувачите на ставот дека Уставот сега не треба да се отвора за други барања ќе се повикуваат дека предлагач на уставните измени е Владата и дека работната група при Министерството за правда има задача да ја подготви Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот во делот на внес на Бугарите и други заедници во Преамбулата.

Работната група брои 23 члена, од кои 10 се експерти, 10 политички претставници и тројца од институции. Во работната група нема претставници од опозициските партии. Според опозицијата, овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени и за нив темата уставни измени е затворена. Наспроти опозицијата, премиерот Ковачевски е како што вели, реален оптимист дека ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за да почне процедурата за уставни измени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот