Маратонците го возат почесниот круг во Париз

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

– Вози побрзо!

– Не може. Шибаме со 30!

Оваа прочуена реплика од „Маратонците“ на Ковачевиќ и Шијан звучеше урнебесно комично кога филмот своевремено ги полнеше кино-салите, но била сосема нормална за Белград пред еден век, кога се одвива дејствието.

Париз од овој месец ја ограничи на 30 километри на час максималната брзина на движење низ улиците низ речиси целиот град. Целта е, пред сѐ, да се намали загадувањето и да се зголеми безбедноста во сообраќајот, а индиректно да се поттикнат парижаните да ги променат навиките и повеќе да патуваат со јавниот превоз.

Ќе функционира ли? Тешко. Кој ќе го почитува таквото ограничување на улиците на кои двојно побрзо возат спринтерите од Тур де Франс, на кои беа снимени легендарни бркотници од „Такси“ и низа други филмови… Па и еден Килијан Мбапе би морал да ги скроти стотиците коњи во својот џипови за да се тркалаат побавно отколку што тој самиот спринтира по тревата на Паркот на принцовите. Како да се ограничи брзината во модерниот свет, во која во секојдневната битка со времето се бие битка за секоја минута? Французите, како и за ред други работи, се поделени. Дури 59 отсто што живеат во центарот се за ограничувањето, но во предградијата 61 отсто се против. Веќе протестираат возачите на доставни возила. Гласот го кренаа и „жолтите елеци“, кои ограничувањето на брзината го ставија на списокот „загрозувања на слободите“.

Критичарите велат дека ограничувањето е спротивно на посакуваната цел, дека ќе се создаде уште поголем метеж на улиците пред почетокот и по крајот на работното време, што уште повеќе ќе го зголеми загадувањето. Давид Бејар, одговорен за транспорт во Париз, одговара: „Не! Ќе ја подобри безбедноста на велосипедистите и пешаците, ќе ја намали бучавата и ќе го смири градот“. Проектирано е дека почитувањето на новата максимална брзина би ги намалило за 25 отсто сообраќајните несреќи, а за 40 отсто оние со фатални последици. Бучавата ќе се намали двојно, а со тоа и стресот, несоницата и депресијата. Освен кај оние зад воланите.

Во студија на ЕУ е утврдено дека при 80 отсто од сообраќајните несреќи еден од факторите било возењето пребрзо – намерно или случајно преку ограничувањето, сеедно. Возачите запрени поради пречекорувањето главно давале три причини – им се брзало, уживале да возат брзо или им било здодевно. Многумина не биле ни свесни колку брзо возат.

Ограничувањето на брзината на патиштата масовно се прекршува уште од 1861 година, кога првпат беше воведено во Лондон на 10 милји на час. Уште од тој век наваму нема ниту еден логичен ни рационален одговор на прашањето: зошто воопшто се произведуваат автомобили што може да развијат брзина далеку над онаа што е ограничена како максимална на патиштата? Денес ограничувања на брзината нема само на некои делници на отобанот во Германија.

Како да се натера моќната автомобилска индустрија да прави бавни автомобили?  ЕУ нуди посреден одговор – со регулација. Постигнат е необврзувачки договор од 6 јули идната година производителите во автомобилите да вградуваат електронски уреди што автоматски би ја ограничувале брзината, комуницирајќи со предаватели. И во сите постари автомобили би морало да биде вграден таков „интелигентен помошник за брзина“ (ИСА) најдоцна до 7 јули 2024 година. Тоа и не е така далеку.

Скопје е 1.667 километри (по воздушна линија), 2.288 километри (по патишта) и уште повеќе (по организираност на сообраќајот) оддалечено од Париз, но не е толку многу далеку. Модата од Париз брзо се шири низ светот. И оваа мерка, ако пројде таму, ќе дојде и тука, мошне веројатно веќе во мандатот на градоначалниците што сега ќе ги избираме. Секој ден има полициски извештаи дека по стотина возачи возеле пребрзо. Ако толку се запрени, реално се барем сто пати повеќе. Кој кај нас би го почитувал уште построгото ограничување? Веројатно никој, како ни сега.

Ниту едно ограничување на слободите, па ни ова, не е популарно. Како ни врзувањето појас, пушењето во затворени и јавни места или вакцинирањето и носењето маски во време на пандемија. Некои, сепак, се цивилизациски исчекор за доброто на сите. Само треба време да разбереме и да се навикнеме, макар и со некаков си електронски уред вграден под хаубата.

Па ќе биде апсурдно смешно да се подвикне: Вози побрзо!

– Не може, шибаме со 30!

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот