Ивана Тасеска/ фото: Слободен печат

МАМАВИЗИЈА | Тасеска: Во 21 век се доведовме да дискутираме за доењето, нешто што го одржало човештвото

Доењето за современата мајка сè почесто претставува сериозен предизвик. Македонија има многу ниска стапка на доење, само 28 отсто од мајките му даваат на бебето да цица. Со нашата гостинка во „Мамавизија“ Ивана Тасеска, покрај за нејзината лична приказна за мајчинството, како сертифициран консултант за доење, ја отвораме и оваа тема, како ли во 21 век се доведовме да дискутираме за доење?

Тасеска станува консултант за доење и одбира да ја проучува темелно оваа, како што вели, наука, бидејќи и самата таа има рамни брадавици, а тоа значи предизвик во процесот на доење, со кој се соочила.

-Ова е навистина многу интерсно прашање, бидејќи доењето е нешто што го одржало човештвото низ вековите, а ние денеска зборуваме за тоа како нешто непознато за жената. Сметам дека за ова влијаат многу фактори, како на пример начинот на живот, ние денес сè почесто живееме во нуклеарни семејства, под нуклеарни мислам на мајка, татко, со деца. За разлика од порано кога луѓето живееја во поголема заедница, па така за жените во едно семејство уште од најрана возраст допирот со бебе, доењето, биле многу поприроден процес. Денес имаме жени коишто првпат фаќаат бебе во рака кога ќе го родат своето – вели Тасеска.

Тасеска додава дека секако постојат исклучоци за жени коишто немаат млеко, за да не биде погрешно разбрана, па како што вели, за нив адаптираното млеко не е опција, туку решение.

Ивана Тасеска/ фото: Слободен печат

Од друга страна силниот маркетинг на адаптираното млеко од запад, како што вели таа, е дополнително моќно оружје за да се намали процентот на доилки.

-Многу жени не сакаат да го дојат бебето за да не им се промени телото, или пак брзо се откажуваат, затоа што тоа понекогаш е навистина тежок пат. Во африканските земји мајките не ни чуле за адаптирано млеко, таму немаат ни услови за да го приготват ниту пак го има на пазарот како опција. Затоа таму стапката на доење е највисока. Кај нив се подразбира штом жената роди, одма го става бебето на града како еден природен животен процес – раскажува таа.

Во емисијата Тасеска ја открива и својата приказна како мајка. Во првата бременост се соочила со сериозен предизвик.

-Отсекогаш посакував да имам близначиња, кога останав бремена на почетокот не се знаеше дека имам два плода во мене. На преглед во осмата гестациска недела докторката забележа дека имам близначка бременост, но за жал ми соопшти дека на едното бебе не му се слуша срцева реакција – се присетува на овој лош момент Тасеска.

Ивана Тасеска/ фото: Слободен печат

Во тој момент не знаела што значи тоа за другото бебе, но и за неа воопшто. Поминала низ неколку консултации, лекарите ѝ објасниле дека во вакви ситуација постојат две варијанти.

– Едната варијанта е телото само да го ресорбира плодот и да си продолжи вториот ембрион да си се развива без никаков проблем и таа варијанта беше попосакуваната варијанта. Втората опција беше да настане спонтан абортус, но само на мртвиот плод, што би значело сериозен ризик за другото бебе – рече нашата соговорничка.

Овој период го пребродила многу тешко.

-Кратко по породувањето ме совладаа емоциите. Имав период кога до толку се однесував заштитнички кон ќерка ми, што не му давав на сопругот да ја пресоблекува, не давав никој друг да ја чува. Одев до таму да мислам дека само јас знам најдобро за неа. Ми требаше време да сфатам дека тоа што го правам е погрешно. Мајка ми ме освести – открива таа.

Ивана Тасеска/ фото: Слободен печат

Емисијата „Мамавизија“ е достапна на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
Водител и автор на проектот е Александра Вуксановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот