МАМАВИЗИЈА | Аврамовска Николовска: Работодавците да ги разберат трудниците, тие работат помотивирано и дупло
Едно од најхаризматичните ТВ-лица кај нас, водителката Јована Аврамовска Николовска, за првпат ја раскажа својата приказна за мајчинството. Таа е мајка на слаткиот четиригодишен фраер Илин и сопруга на Предраг.
Препорачано
Аврамовска Николовска во „Мамавизија“ раскажа со што се соочила на работа кога соопштила дека е бремена.
-Мојот работодавец, тогаш, многу се израдува кога ги известив дека сум бремена. Нивната реакција беше дека тоа е очекувано кога се работи со млади луѓе и дека не треба да се грижам за моето работно место. Ова треба да биде пракса во секоја фирма, бидејќи верувајте ми дека една трудница или мајка работи многу помотивирано затоа што мисли на своето дете, дека треба да му обезбеди егзистенција, затоа кога ќе добие ваква поддршка ќе работи многу повеќе, дупло. Сакам да апелирам работодавците да имаат разбирање за идните мајки – вели нашата соговорничка.
Со неа ја начнавме и темата за македонските градинки, со фокус на јаслите како еден горлив проблем во нашето општество. Како што вели Аврамовска Николовска, мора од корен да се променат условите, бидејќи тоа игра клучна улога за многу сегменти во општеството.
-Недостасува кадар, имаме лоши услови, оттаму децата штом тргнат во градинка редовно се болни. Треба да позајмиме примери од некои од развиените земји каде што јаслите се совршено организирани – вели таа.
Погледнете ја новата епизода на „Мамавизија“ вечерва со почеток во 20 часот на јутјуб каналот на „Слободен печат“. Автор и водител е Александра Вуксановиќ.


