Малото градско катче за перење и пеглање на Светлана

Имам желба да се врати времето кога секој одеше во градски моден салон, градска перална и пеглана, градска кафеана.

Светлана Грујовска има 60 години, таа е сопруга, мајка, баба, а од неодамна и жена претприемач. Пред да ја реализира својата претприемачка идеја ја мачеле мислите дека е тешко, дали ќе успее на само неколку години пред пензионирање, дали ќе може сето тоа да го направи сама.

– Одлучив, цврсто и женски, едноставно морав да пробам, решив да ризикувам и решив да се впуштам во бизнис како жена претприемач, која ќе го претвори во мал бизнис она што најдобро знае да го прави. Така се роди „Лотос“, градска перална и пеглана со многу љубов – вели Светлана.

Вели дека отсекогаш добивала комплименти за добро сочувана и третирана облека и ткаенини, секогаш посветувала посебно внимание на својот гардеробер и гардероберите на најблиските. Па така, решила грижата за облеката и ткаенините да ја претвори во едно мало градско катче, каде што секој ќе може да дојде и да си дозволи професионална и квалитетна услуга за пристојна цена.

– Прво се преквалификував и се стекнав со диплома за управување со професионални машини за перење и пеглање, одржување на облека и ткаенини. Потоа решив поголем дел од мојата финансиска заштеда да ја вложам во оплеменување на просторот и набавка на потребните машини, со што полека, но сигурно, се роди „Лотос“, градска перална во еден од најстарите градски делови на Скопје, во Дебар Маало – ни раскажува оваа храбра и вредна жена и ги охрабрува сите жени кои се двоумат или стравуваат дали да прифатат деловен предзивик, без разлика на нивната возраст.

– Мојата приказна нека биде мотив и поддршка за сите дека никогаш не е доцна да се впуштиш во реализирање на своите желби и замисли. Под ова небо и сонце за секого има место – вели таа.

Размислувањата од типот „Тешко е, не знам дали ќе успеам“ ѝ се вратиле на Светлана со појавата на коронавирусот. Но одлуката била поцврста од сè. А после неколку дена веќе првите муштерии, пофалбите и нивното задоволство ја охрабриле и ја мотивирале. Додава и дека поддршката од семејството и пријателите е секогаш добредојдена.

– Годините не ги кријам. Имам 60 години, не се чувствувам остарено ниту стара, најважно е дека имам желба и мотив. Имам желба да се врати времето кога секој одеше во градски моден салон, градска перална и пеглана, градска кафеана. Искрено се надевам дека мојата градска перална и пеглана ќе прерасне во една успешна приказна, преполна со луѓе и добар стил – завршува таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот