Мала победа на СДСМ, голем предизвик за формирање влада

Скопје, 16 јули 2020 / Фото: Слободен печат.

Тесната победа на СДСМ и коалицијата „Можеме“ на парламентарните избори со неофицијално освоени 46 пратенички места, наспроти 44-те на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова“, навестува неизвесност околу составувањето на парламентарното мнозинство од 61 пратеник, услов за да се добие мандатот од претседателот Стево Пендаровски за формирање влада.

Според другите резултати, исто така неофицијални, на Државната изборна комисија, ДУИ освоила 15 мандати во новиот состав на Собранието, коалицијата меѓу Алијансата на Албанците и Алтернатива 12, Левица два, а ДПА еден. Неизвесноста околу изедначените резултати вчера беше надополнета и со фактот што сајтот на ДИК цел ден остана надвор од употреба, а во периодите додека се отчитуваа резултатите, се појавуваа нелогични бројки на кои вчера реагираа и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, двете најголеми партии се прогласија за победници и најавија дека ќе почнат преговори со другите партии за новото парламентарно мнозинство, за кое според бројките има многу комбинации, а кое според влоговите и апетитите воопшто нема да е лесно да се состави.

Заев победник, Мицкоски најкредибилен!?

Лидерот на СДСМ Зоран Заев при прогласувањето на победата во изборната ноќ рече дека сигурно имаат три пратеника повеќе од ВМРО-ДПМНЕ, а можеби и повеќе.

– Волјата на народот се потврди! Победуваме! Имавме избори како што доликува на земја членка на НАТО, која граби кон ЕУ. Мирни, достоинствени, слободни и демократски, безбедни и современи. Среќен сум што граѓаните ги препознаа вистинските вредности и ни дадоа можност да ги продолжиме нашите прогресивни заложби. Концептот за парите кај граѓаните го порази концептот за обнова на режимот. Со оваа ваша поддршка не задолжувате на одговорност да се работи уште повеќе и уште подобро – рече Заев.

Тој најави влада што ќе донесе поголеми плати, чистење на околината, подобра здравствена заштита и правда.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој не се појави во изборната ноќ да им се обрати на гласачите, вчера не им честиташе на СДСМ и на коалицијата „Можеме“ за поголемиот број пратеници и прогласи победа на неговата партија. Рече дека изборите се одржале во тешки околности, со масовен поткуп и нерегуларности и сомнително броење на податоците, за што ќе поднесат соодветни приговори во рок од 72 часа.

– Народот се определи за промени. ВМРО-ДПМНЕ иако има околу 10.000 гласа помалку од СДСМ заедно со Беса, сепак е победник затоа што Беса им донесе 4 пратеници на СДСМ и без нив ќе имаа за два помалку од нас. Важно е дека опозицијата освои повеќе гласови од власта, а ВМРО-ДПМНЕ победи во 41 општина, што ни дава за право дека ВМРО-ДПМНЕ има најголем кредибилитет да се бори за влада. Ова е тешка битка, но заедно ќе победиме, затоа што ВМРО-ДПМНЕ е најголемата политичка сила. Ќе отвориме преговори со сите субјекти, но нема да прифатиме диктати и уцени од никого, затоа што додека народот ја дава поддршката, ние ќе се бориме за народот – рече Мицкоски.

Тој на прашањето дали размислува за предлогот на Заев за „размена“ на пратеници при формирање влада, рече дека нема намера тоа да го направи.

Сите се фактор за влада, ниеден не е клучен

Ако и по конечните резултати на ДИК нема значителни промени во распоредот на пратеничките мандати СДСМ со своите 46 пратеника може да направи влада само со ДУИ, со кои заедно ќе имаат точно 61, а за да се обезбеди поголема стабилност во владината коалиција може да се придружи и ДПА. Мали се шансите тоа да се случи и со Левица, која за првпат обезбеди влез во Собранието со два пратеника, кои можат да бидат клучен фактор во одредени комбинации.

Ако СДСМ не сака да прави партнерство со ДУИ поради нивното инсистирање премиер да биде Албанец, но и поради желбата на Заев ДУИ конечно да оди во опозиција, тогаш за мнозинство до 61 пратеник ќе мора да смета на сите што обезбедија места во Собранието и во владината коалиција да ги вклучи 12-те пратеници на Алијансата и Алтернатива, единствениот пратеник на ДПА и двајцата од Левица, што ќе биде интересна ситуација со оглед дека Левица сака да го поништи Преспанскиот договор со Грција, а тој договор е гордост на СДСМ.

Коалицијата „Обнова за Македонија“ до Влада може да дојде само преку ДУИ и плус уште Левица, со кои прават вкупно 61 пратеник и евентуално и ДПА како мало засилување. Ако ВМРО-ДПМНЕ за албански партнер ги посакува Алијанса на Албанците и Алтернатива, а не ДУИ, нема да има доволно за мнозинство, освен ако во игра не влезат и четирите пратеника на Беса, што е помалку веројатно.

Поради овие тесни математики, а според досегашното искуство, не е исклучено да се случат и „пребегувања“ на пратениците од една кон друга коалиција, особено ако пратеници од помали партии насетат дека ќе бидат во опозиција со актуелната коалиција и под одредени услови се договорат да преминат во другата.

Не е јасно како Заев и Мицкоски ќе се справат со инсистирањето на ДУИ дека нивната поддршка во Собранието на идната влада зависи од тоа дали премиер ќе биде нивниот кандидат за функцијата, Насер Зибери. Ахмети по победата порача дека „орелот се вратил“ и јавноста е во исчекување да почнат преговорите откако идните народни избраници ќе ги започнат пратеничките мандати. Тоа се очекува до 5 август доколку се биде во ред со пребројувањето на гласовите и конечните резултати.

Пендаровски ќе се консултира со партиите пред да го даде мандатот

Шефот на државата Стево Пендаровски ќе одржи консултации со политичките партии пред доверувањето на мандатот за состав на идната влада, велат од неговиот кабинет за „Слободен печат“.

– Согласно со уставните одредби, мандатот за состав на владата ќе го довери на кандидат на партијата, односно партиите што ќе обезбедат мнозинство во Собранието – велат од Кабинетот на Пендаровски.

Пролетва, додека траеше вонредната состојба поради коронавирусот, шефот на државата во едно телевизиско интервју рече дека после изборите ќе му го даде мандатот на оној што ќе го увери или ќе му даде гаранција во облик на потписи дека има 61 пратеник.

Според членот 63 од Уставот новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори, а ако не се закаже конститутивна седница во овој рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на 21 ден по завршувањето на изборите. Според член 90, претседателот е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието, а потоа мандаторот има рок од 20 дена да ја состави Владата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот