Македонските мировници остануваат во Либан, но нивното повлекување не се исклучува како опција
Македонските мировници распоредени во мисијата на Обединетите нации во Либан „УНИФИЛ“ засега нема да бидат повлечени, и покрај ескалацијата на немирите на Блискиот Исток и навлегувањето на израелската војска во Либан во операциите против Хезболах.
Препорачано
За разлика од другите балкански земји, кои веќе започнаа со евакуација на своите граѓани од регионот, а Хрватска најави повлекување на своите војници од Ирак и Либан како мерка на претпазливост, Македонија засега ќе ја задржи својата контингентна единица во мировната мисија.
Министерството за одбрана ја следи ситуацијата, доколку се влоши состојбата, нашите мировници ќе се вратат дома
Во одговор на прашањето на „Слободен печат“ дали македонските мировници ќе бидат повлечени како мерка на претпазливост, Министерството за одбрана нагласува дека се следи безбедносната состојба на Блискиот Исток, вклучително и информациите добиени од мисијата во Либан.

„Министерството и Армијата се во постојан контакт со нашите припадници кои се дел од мисијата и кои континуирано ги извршуваат своите задачи. Безбедносната состојба на Блискиот Исток се следи постојано. Во моментов не е предвидено повлекување на македонските припадници, но во зависност од развојот на настаните, таа можност не се исклучува“, велат од Министерството.
Дополнително, од Одбрана истакнуваат дека во рамки на УНИФИЛ во Либан учествуваат двајца штабни офицери од македонската Армија, распоредени во италијанскиот контингент во Шама. Сите мировници, како што додаваат од ресорното министерство, се заштитени според воспоставените безбедносни процедури.
Регионални реакции и мерки на претпазливост
Во меѓувреме, додека дел од балканските земји веќе започнаа со евакуација на своите граѓани од Блискиот Исток и со празнење на персоналот во абасадите во земјите од Регионот, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ најави повлекување на седум хрватски војници од Ирак и еден од Либан како мерка на претпазливост, со цел да се гарантира нивната безбедност во услови на зголемена регионална нестабилност.

„Воената интервенција без мандат на Обединетите нации, на каква што сме сведоци денес во Иран, нема да придонесе за решавање на кризата, туку ќе предизвика дополнителна ескалација и долгорочна нестабилност“, изјави Милановиќ, пренесува Тпортал.хр.
Тој нагласи дека секоја еднострана примена на воена сила што го нарушува меѓународното право претставува сериозна закана за глобалниот мир и безбедност. Според него, очигледната цел на интервенцијата е промена на власта во Иран, што може да има сериозни и долгорочни последици за Европа, вклучително и за Хрватска.
„Со причина треба да бидеме загрижени поради економска штета, пораст на цените на нафтата и дериватите, нов бран миграција и можни терористички закани“, рече Милановиќ.
Тој потенцира дека Хрватска мора пред сè да ги земе предвид интересите и безбедноста на своите граѓани. Како резултат на тоа, претседателот најави повлекување на седум хрватски војници од Ирак и еден од Либан, со цел да се обезбеди нивната безбедност.
Регионален аларм поради Иран: Балканските земји ги празнат амбасадите и ги враќаат луѓето дома
Инаку, силите на ОН во Либан моментално бројат околу 10.000 мировници од 50 држави меѓу кои се вклучени и војниците во мировната мисија на УНИФИЛ од Македонија.


