Македонските камионџии се приклучуваат на блокадите на границите кон земјите од Шенген-зоната
Камионџиите од земјава се приклучуваат на блокадите на границите кон земјите од Шенген-зоната најавени за 26 јануари. Блокадата е поради проблемите предизвикани од новиот систем за влез и излез (ЕЕС), кој ги евидентира влезот и излезот на превозниците. Вчера на состанок едногласно била донесена одлука дека треба да бидат заедно со меѓународните превозници од Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора кои ги имаат истите проблеми. Билјана Муратовска, генерална секретарка на „Макам транс“ за „Слободен печат“ ја потврди одлуката за приклучување кон блокадите. Вели дека во моментов се прават стратешки планови како технички да се вклучат, а писмена одлука дека се приклучуваат на блокадите на превозниците е веќе пратена во Белград.
Препорачано
– Запирањето на домашниот транспорт ќе значи колапс за македонското стопанство кој својот пик ќе го достигне на 1 април кога македонските возачи веќе ќе немаат денови за возење и нема да можат да работат во Шенген-зоната. Ова практично ќе значи дека странци ќе мора да нè снабдуваат со увозна храна и репроматеријали, а цените за транспорт многу ќе се зголемат. Трговците тие цени ќе мора да ги вградат во крајната цена на производот на полиците. Ова иnдирекно значи зголемување на инфлацијата, а намалување на куповната моќ на граѓаните – вели Муратовска.
Таа објаснува дека веќе можат да се забележат празни полици по продавниците, бидејќи дел од производите не се транспортираат.
– Повеќе од две години алармираме дека ќе дојде до ова, пративме известување и до стопанските комори. Ветија дека ќе разговараат со надлежните тела на ЕУ, но повратен одговор за тоа што е направено не добивме – вели Муратовска.
Запирање на синџирот од производство до трговија
Муратовска смета дека можно е да дојде до потполно запирање на синџирот за производство. Македонските возачи нема да носат репроматеријали за фабриките, а ќе нема кој да ги донесе ниту готовите производи.
– Во најмала рака ќе има забавување на производството и на транспортот бидејќи странски возачи ќе треба да доставуваат во земјите од Западен Балкан. Но тие не се научени да чекаат по граници. Транспортот автоматски ќе поскапи, но и ќе се избегнуваат тури од нивна страна поради чекањето на граничните премини – вели Муратовска.
Таа објаснува дека ние како држава сме зависни од камионскиот превоз, бидејќи скоро 96 отсто од производите и репроматеријалите се носат по копнен пат, а железничкиот и воздушниот се користат многу малку.
– Ние сме увозно зависна држава и ако не се реши проблемот наскоро, ќе има вистински хаос. Затоа решивме да им се приклучиме на нашите колеги од Србија и Босна и Херцеговина и Црна Гора – објаснува Муратовска.
Ќе се приклучат ли македонските камионџии во блокадата на границите кон земјите од Шенген-зоната?
Проблемот е регионален
Конзорциумот за логистика во БиХ повикува на итна акција од страна на државните институции во секоја засегната држава. Тие наведуваат дека ситуацијата во која се наоѓаат е исклучително сериозна и дека го загрозува правото на работа на професионалните возачи и функционирањето на синџирите на снабдување.
– Во текот на последните 24 месеци, вложивме максимални напори во институционалниот дијалог со Европската комисија и надлежните европски тела. Учествувавме на десетици состаноци со претставници на DG MOVE, во рамките на Берлинскиот процес (Лондон), како и на неколку состаноци во Брисел. Се обративме до сите релевантни институции на Европската комисија кои се одговорни за прашања што директно влијаат на нашиот сектор. Ја анализиравме примената на AETR, SSP, EES системот и други регулативи и преку континуирана едукација и експертски аргументи ја посочивме суштината на проблемот – наведуваат во соопштението што го пренесува Кликс.ба.
Понатаму истакнуваат дека професионалниот возач не е турист, туку носител на економскиот систем и основен столб на синџирите на снабдување. Тие додаваат дека професионалните возачи не се баратели на азил и не претставуваат ризик за миграција или безбедност. Тие нагласуваат дека од 26 јануари 2026 година, последиците ќе бидат непосредни и мерливи.
– Во синџирите на снабдување на Босна и Херцеговина, Република Србија, Црна Гора и Македонија, ќе бидат загрозени најмалку 1.000.000 тони стока, што во пракса значи 1.000.000 проблеми за економијата – доцнења, раскинување на договори, казни, недостиг и прекини во производството, трговијата и снабдувањето на населението. Ова нема да влијае само на транспортниот сектор, туку на целата економија на секоја од споменатите земји – велат тие.
Тие додаваат и дека овој пат професионалните патни транспортери се целосно обединети за прв пат, решени да го бранат правото на работа и одржливоста на синџирите на снабдување.
– Во име на професионалните возачи, транспортните компании и деловните субјекти што ги претставуваме, јасно и одговорно велиме – 26 јануари е нашата последна институционална и демократска алатка за заштита на правото на работа и зачувување на синџирите на снабдување – велат оттаму.
Доколку до тој датум нема итна и конкретна реакција од страна на надлежните институции на Европската комисија, со целосно вклучување на институциите на Босна и Херцеговина, Република Србија, Црна Гора и Македонија, од Конзорциумот за логистика во БиХ велат дека ќе бидат принудени да преземат решителни и одговорни мерки со цел да го одбранат правото на работа на професионалните возачи и непреченото функционирање на економијата, што значи блокирање на граничните премини.


