Македонски и бугарски поетеси на заеднички поетски митинг во Софија

Со учество на 12 македонски поетеси, поети и писатели од сите генерации, од 5 до 7 мај во Софија ќе се одржи 13-тото издание на „Македонска книжевна визита во Софија“, чија цел е афирмација на македонската литература во соседна Бугарија и вмрежување и соработка меѓу македонските и бугарските поети и издавачи.

Организатор на оваа веќе традиционална манифестација е Книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а проектот е помогнат од македонското Министерство за култура.

Годинашната „Тринаeсетта македонска книжевна визита во Софија“ ќе започне со книжевниот портрет на современиот македонски поет, реномиран преведувач и универзитетски професор д-р Зоран Анчевски, за чие поетско творештво ќе говори македонскиот поет и универзитетски професор д-р Владимир Мартиновски. На овој настан ќе бидат презентирани стихови од Анчевски на македонски и на бугарски јазик, а поздравна беседа ќе има и претседателката на Бугарскиот ПЕН-центар, Здравка Евтимова.

Втората клучна содржина на Тринаесеттата македонска книжевна визита во Софија е и големиот бугарско-македонски поетски митинг на која оваа година ќе земат учество 12 македонски и бугарски поетеси: Надја Попова, Сузана В. Спасовска, Роза Бојанова, Наташа Сарџовска, Анжела Димчева, Сузана Мицева, Наталија Недјалкова, Ана Стојановска, Поли Муканова, Ива Дамјановски, Емилија Авгинова, Билјана Стојановска, Виолета Христова, Гордана Стојковска Јовиќ и Маја Панајотова. Притоа ќе биде промовирано и специјалното антологиско издание на „Макавеј“ – панорамата на современи бугарски поетеси со наслов „Лирските музи на Бугарија“. Ова издание ќе го промовираат македонскиот поет и литературен критичар Бранко Цветкоски и бугарската поетеса Роза Бојанова.

Традиционално и на оваа Македонска книжевна визита во Софија ќе биде доделена наградата „Македонски книжевен Дедал“ на бугарски автор-преведувач, кој во изминатиот период значајно придонел за афирмацијата на македонската литература во Бугарија и за унапредување на соработката и книжевните врски меѓу писателите од двете земји.

Годинашен носител на ова признание е преведувачот и писател Марјан Петров, кој во својот опус има близу дваесетина преведени книги од македонски писатели на бугарски јазик.

Во рамките на Тринаесеттата македонска книжевна визита во Софија ќе биде промовирана и книгата „Создавање“ од познатиот македонски дипломат, општественик и писател Марјан Ѓорчев, која неодамна се појави и на бугарски јазик.

Пред крајот на манифестацијата оваа година, учесниците ќе ја посетат спомен-куќата на Пејо Јаворов, известија од „Макавеј“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот