Македонија подготвила „удобни одговори“ на барањата на Бугарија?

Зоран Заев Румен Радев
Зоран Заев и Румен Радев / Фото: Влада на Република Северна Македонија

Од Бугарија досега стигнаа најави за вето од Радев, од техничката влада на Стефан Јанев и од идната политичка влада на Кирил Петков, но охрабруваат најавите дека новото бугарско собрание ќе ја преиспитува декларацијата од 2019 година која е основа за блокадите кон Македонија.

Вицепремиерот Артан Груби очекува позитивни сигнали за преговорите со ЕУ на самитот на 14 декември и реален почеток на преговорите до март следната година, а оптимизмот го темели, како што вели, на поседувањето информации за случувањата меѓу Скопје и Софија, односно на подготвените „удобни одговори“ за бугарските ставови, заради кои Бугарија ќе го тргне ветото. Завчера попладне телефонски разговарале премиерот Зоран Заев и бугарскиот претседател Румен Радев и според соопштението од кабинетот на Радев, двајцата споделиле заеднички став дека дијалогот на високо ниво е клучен за градење на довербата и за надминување на спорните прашања. Во соопштението не се наведени повеќе детали, освен дека Заев и Радев разговарале за билатералните односи, ефективното почитување на правата на оние што отворено се изјаснуваат како Бугари во Македонија, како и за нејзината европска перспектива. Ниту Груби не открива на какви одговори се подготвени на бугарските барања, кои од летово се срочени во таканаречениот Патоказ од пет точки, на кои од септември се надоврза плус една точка за вметнување на Бугарите како малцинство во македонскиот Устав.

– Оптимизмот доаѓа од поседувањето информации. Значи, имаме целосни информации за случувањата меѓу Скопје и Софија и тоа ни влева целосна самодоверба дека ова прашање може да се надмине. Се обидуваме на 14 декември на состанокот на Советот за општи работи на ЕК да го имаме првиот позитивен сигнал што ќе ни ги отвори вратите. Подготвени сме со одговори за кои мислиме дека се удобни за бугарските ставови и ќе овозможат деблокирање. Целта е во јануари, февруари или во март да се реши ова прашање и да се одржи меѓувладината конференција, со која ќе почнат преговорите за членство со ЕУ – рече Груби во гостување на ТВ Алсат.

Ќучук: Согласете се што побрзо со „пет плус еден“

Од Бугарија досега стигнаа најави за вето од Радев, од техничката влада на Стефан Јанев и од идната политичка влада на Кирил Петков, но, сепак, деновиве повторно се крева оптимизмот за постигнување решение, и тоа уште до самитот на 14 декември. Истовремено, од бугарскиот европратеник Илхан Ќучук стигна и втората најава дека новото бугарско собрание ќе ја преиспитува декларацијата од 2019 година која е основа за блокадите, откако минатата недела и идните коалициски партнери во бугарската влада најавија таква можност.

– Неспорно премиерите имаат голема улога при решавањето на општествените проблеми, но Парламентот ги носи важните стратегиски решенија. Нереално е да очекуваме дека премиерите ќе го решат проблемот. Треба да има сериозна парламентарна позиција затоа што таа што беше во бугарското Народно собрание ја загуби својата актуелност. Прво, таа беше создадена пред многу време, второ, многу од процесите се развија, вклучувајќи и на европски план. Имаме посилен ангажман од регионот на економски план. Имаме ангажман кон ЕК како дигитализација и зелена трансформација. Сето тоа ме води кон тоа дека треба да се промени позицијата на бугарското Народно собрание, во смисла тоа да биде актуализирано, а да се намали говорот на омраза – рече Ќучук во разговор за „Трилинг“.

Во врска со гаранциите што Софија ги очекува од Скопје, тој вели дека е потребно двете страни да почнат со суштински преговори за постигнатото од планот „пет плус еден“.

– Треба волја и од Софија и од Скопје за да се вратиме на масата на преговорите. Прогресот е можен кога ќе се земат предвид основните моменти, а тука мислам на Патоказот „пет плус еден“. Колку јас што сум запознаен, Бугарија го испратила пред неколку месеци, сега се очекува од Скопје да ја даде својата оценка. Мојот совет е Скопје да ги испрати најбрзо што може предлозите, за да се искористи времето до крајот на годината да бидат разгледани и идејното решение да биде предложено до ЕК. Тоа е патот. Колку и да се заобиколува процесот, согласноста на планот „пет плус еден“ ќе нè извади од кризата во која сме во моментот – вели бугарскиот европратеник, кој патоказот го разбира како алатка со која ќе се врати довербата меѓу двете земји.

Ранѓеловиќ: Последна шанса пред проблемот да стане нерешлив

Според најголем дел од домашните аналитичари, на претстојниот самит на 14 декември, сепак, Софија нема да дозволи да се усвои преговарачката рамка за Македонија, но со новата бугарска влада многу брзо може да се постигне решение.

– На конто на извесноста сепак стои и третото вето во декември и повторно ќе нема почеток на преговорите. Сепак, оптимизмот е оправдан во делот на тоа како се развива овој спор. Имено, официјална Софија повеќе не ја потенцира суштината на спорот во историјата и поединци, во јазикот и сл. Наместо тоа, побарува гаранции за своето малцинство, спречување претензии од кој било тип итн. Вториот впечаток е дека тежиштето на овој спор се репозиционира на релација Софија-Брисел, а не Софија-Скопје или, со други зборови, исцрпени се сите реални побарувања од Македонија. Меѓународниот фактор ја насетува разочараноста помеѓу македонското општество и јасно ја прими пораката од исходот на локалните избори – вели аналитичарот Иво Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.

Според него, двете земји немаат многу време.

– Последно, Софија е на чекор до формирање нова влада по мера на меѓународната заедница, што го трасира патот за евентуално решение на спорот. Позитивните сигнали стигаат уште пред самото формирање на владата таму. Сметам дека новите влади кои се во процес на формирање во двете земји се последна шанса за решавање на спорот пред тој да влезе во фаза на нерешлива задача – вели Ранѓеловиќ.

Сличен став дека во декември нема да биде тргнато ветото, изнесе и специјалниот пратеник на македонската влада во Софија Владо Бучковски на последното појавување во јавноста, кому Владата завчера му го продолжи мандатот за уште една година, на предлог на Комисијата за именување. Тој смета дека мора да се биде претпазлив кога се подгреваат очекувањата на јавноста за можноста за деблокада на пристапниот процес кон ЕУ во декември.

Емил Радев во ЕП: Во Бугарија нема македонско малцинство

Бугарскиот европратеник од ГЕРБ Емил Радев апелираше до колегите од Европскиот парламент да не ја промовираат темата за постоење на македонското малцинство во Бугарија, зашто во неговата земја нема македонско малцинство.

– Во Бугарија нема македонско малцинство и тоа е став околу кој не треба да се дозволуваат компромиси. Очекувам јас и моите бугарски колеги во ЕП едногласно да го браниме тој став, без разлика на нашите политички убедувања и разлики. Поигрувањето со темата, кое си го дозволува екстремната левица на популисти како ирската пратеничка Клер Дејли, во најмала рака е во спротивност со вистината и во суштина претставува неправеден и пристрасен напад против нашата земја – посочил бугарскиот политичар.

Одборот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на 17 ноември состави извештај по посетата на делегацијата на Европскиот парламент на Бугарија во септември. Во него не се зборува директно за македонското малцинство, но се зборува за дискриминација на некои групи што претставуваат малцинство. Други социјални групи, како што се ЛГБТ и етничките Роми, се експлицитно именувани во извештајот.

Бугарско-македонската комора загрижена за бизнис-климата меѓу двете земји

Бугарско-македонската трговско-индустриска комора со Декларација до премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Стефан Јанев, изрази загриженост од „негативното влијание на политичкиот спор врз деловната клима и трговските односи меѓу двете братски држави“. Комората апелира да се надмине политичката криза и двете земји економии да се поврзат.

Според Комората, и 50 месеци од потпишувањето на Договорот за добрососедство, не е имплементирана ниту една од предложените мерки.

– Бугарските и македонските граѓани и натаму плаќаат најскап роаминг во регионот, поминуваат низ двојна гранична и царинска контрола, не можат да користат даночни олеснувања при напуштање на соседната земја и нема ниту еден прекуграничен инфраструктурен проект – се наведува во Декларацијата.

Според Комората, меѓу Бугарија и Македонија не постои ниту транспортно, дигитално или инфраструктурно поврзување, а наместо тоа има конфронтација, административни бариери, непријателство и недостиг на перспективи за разбирање и соработка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот