Фото: Приватна архива

Македонија има шампион во картинг: Масимо Тасевски го освои Балканот

Сезоната 2025 во Балканскиот картинг шампионат беше една од највозбудливите досега, а македонскиот возач Масимо Тасевски го докажа својот доминантен статус со четири победи и три најбрзи круга на шесте трки што се возеа во Србија, Унгарија и Хрватска.

Во конкуренција од 70 возачи од повеќе балкански земји,Масимо Тасевски постигна впечатливи резултати на патеките во Белград и Кула (Србија), Кечкемет и Палоч (Унгарија) и Пореч (Хрватска). Тој го освои првото место во Белград, Пореч, Кечкемет и Палоч, а на трките во Пореч, Кечкемет и Палоч постави и најбрз круг, што дополнително ја потврдува неговата врвна форма.

Фото: Приватна архива

Особено предизвикувачки беа трките во Унгарија, каде променливите временски услови — дожд, ветер и сонце — бараа максимална концентрација и прецизност. Тасевски се натпреваруваше со гуми за суво време, што дополнително го отежнуваше управувањето и бараше тактика на возење која постојано се менуваше од круг во круг. Според него, највпечатливи и најдоминирачки победи се оние во Кечкемет и Пореч.

Фото: Приватна архива

„Оваа титула ми значи повеќе од било која друга, бидејќи победата на трки и освоен шампионат во странство не е лесна задача, особено кога знаеме какви услови владеат во македонскиот автомобилизам и колку многу подготовки и тренинзи се потребни.Не се откажувам од поставување нови стандарди во македонскиот автоспорт и од претставување на нашата земја во најдобро светло, како што и доликува“, изјави Тасевски.

Фото: Приватна архива

Тасевски низ годините освоил низа награди меѓу кои:

Државниот шампионат во рентал картинг во Македонија (2018)

SWS Endurance рентален шампионат во Грција (2019)

AKLS KartingLiga шампионатот на Србија во 2024 и 2025 година

Вице-шампион на AKLS KartingLiga во 2023 година

Покрај индивидуалните успеси, тој учествува и во тимски ендурaнс картинг трки со времетраење од 4, 8, 12 и 24 часа, одржувани во Грција и Бугарија.

Фото: Приватна архива

За крај на успешната 2025 сезона, Тасевски се подготвува за настап на престижниот Пакетес Куп во Малага, Шпанија — светски рентал картинг натпревар на кој ќе се натпреваруваат повеќе од 200 возачи од целиот свет.

Сепак, како што ни откри самиот тој, иднината останува неизвесна поради потребата од спонзори и компании кои би го поддржале во освојањето нови шампионати и настапи во следните сезони.

Преземено од: Спорт.ком.мк

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот