Македонија е жртва на двојна уцена во ЕУ, вели Михаел Мартенс, аналитичар во „Франкфуртер aлгемајне цајтунг“
Луѓето во Македонија најдобро знаат дека да се биде земја кандидат за членство во ЕУ стана празна фраза. Во многу земји членки, и покрај неодамнешната промена на реториката, нема интерес за прифаќање нови земји во Унијата, вели Мартенс за „Слободен печат“.
Михаел Мартенс е германски новинар, писател и експерт за прашања од Балканот и бил долгогодишен политички дописник на весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) за балканскиот регион. Во текот на својата кариера известувал од Санк Петербург, Атина, Истанбул и Виена, а од 2002 до 2009 година бил дописник на ФАЦ од Белград. Во интервју за „Слободен печат“ говори за проширувањето на ЕУ и евроинтеграцијата на Западен Балкан.
Препорачано
Европскиот совет на последниот состанок ја повтори својата „целосна недвосмислена посветеност на европската перспектива на Западен Балкан и поддршката за забрзување на пристапниот процес и реформите“. Како ги разбирате овие зборови, што значи таа „недвосмислена посветеност“?
– Тоа се убави зборови, но се плашам дека ќе останат само зборови. По последниот руски напад врз Украина во февруари 2022 година, сите велеа дека светот се променил и ништо нема да биде како порано. Иако ова е точно на многу начини, се плашам дека не е точно за политиката на проширување. Затоа што, покрај убавите зборови, што навистина се случи? Да, Молдавија и Украина сега се исто така кандидати за членство во ЕУ. Но, никој не знае подобро од луѓето во вашата земја дека да се биде земја кандидат веќе не значи многу. Да се биде кандидат за членство во ЕУ стана празна фраза што малку значи. Тоа е како да те примат во чекалница без излез.
Многу пати сте рекле (напишале) дека проширувањето е мртво. Зошто? Земјите од Западен Балкан не се или ЕУ не е спремна за тоа?
– Ова малку личи на прашањето за кокошката и јајцето: Што е прво? Дали реформската политика умре затоа што перспективата за членство во ЕУ веќе не е кредибилна? Или перспективата повеќе не е кредибилна затоа што политиката на реформи е умрена? Едно е сигурно: во многу земји членки на ЕУ, и покрај неодамнешната промена на реториката, нема интерес за прифаќање нови земји во Унијата. Францускиот претседател Макрон тоа го кажа многупати: ЕУ веќе не функционира добро со 27 членки, бидејќи тоа значи 27 можни вета против заедничките одлуки. Макрон прашува: Ако ЕУ со 27 членки има потешкотии да донесува заеднички одлуки, како би можела да функционира ЕУ со 33 или со уште повеќе членки? Макрон вели дека се плаши дека една ЕУ во која Белград, Тирана, Приштина, Скопје, Подгорица и Сараево би можеле да блокираат одлуки со своето вето, постојано би се блокирала за оние прашања за кои е потребна едногласност. Не е ни важно дали го делите овој негов скептицизам или не. Важен е фактот дека ова не е само позицијата на Париз, туку и на некои други главни градови. И тоа може да остане позиција на Париз дури и откако Макрон ќе замине. Исто е и во Берлин, иако владата веројатно би го негирала тоа. Значи, да се вратам на вашето прашање: најлошо од сè е што дури и ако земјите од Западен Балкан беа подготвени да се приклучат утре, ЕУ сепак немаше да биде подготвена.
Евроскептицизмот во регионот се зголемува, а ЕУ нема решение за тоа. Колку корисно може да биде членството на Западен балкан на единствениот пазар, што би значело тоа?
– Не постојат магични решенија кои ги решаваат сите проблеми одеднаш, но верувам дека членството на единствениот пазар е идеја за која што во регионот треба сериозно да се дебатира. Спротивно на она што многумина го тврдат, членството на единствениот пазар не значи дека политичко членство во ЕУ нема да биде можно. Тоа е само преоден чекор. Никој познат не може да предвиди што ќе се случи за 20 или за 30 години. Но, можеме и мораме да планираме за блиска иднина, што значи за следните шест или осум години. Идејата да им се понуди на државите од Западен Балкан членство на единствениот пазар неодамна беше предложена од пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во германскиот Бундестаг. Тој беше отфрлен од владата, бидејќи ЦДУ/ЦСУ во моментов е во опозиција, но тоа може да се промени по следните избори. Значи, што предлага ЦДУ/ЦСУ? Коалицијата сугерира вклучување на една среднорочна цел во преговарачкиот процес: Полноправното политичко членство треба да остане конечна цел за сите земји од Западен Балкан. Но, додека да се постигне ова, треба да се понуди членство на единствениот европски пазар – брзо членство, во рок од седум или осум години од денес. Ова би значело дека земјите од Западен Балкан би биле полноправни членки на економската сфера на ЕУ. Без царински контроли.За ова се определи Норвешка. Сакаше да стане членка на единствениот пазар, но не и на ЕУ. Прашањето е: Ако ова е добро за Норвешка, дали може да биде лошо за Северна Македонија? Ефектот од членството би бил: наместо вие да дојдете во ЕУ, ЕУ би дошла кај вас, барем економски. На подолг рок, ова се надевам дека би можело да ја забави емиграцијата. Ако животот е добар во нивната земја, зошто луѓето би се селеле на друго место? Многу економисти и претприемачи во регионот се „за“ идејата, бидејќи тоа ќе ги подобри нивните деловни опции. Водењето бизнис во Скопје законски би било исто како и водењето бизнис во Копенхаген или во Солун, доколку Северна Македонија беше членка на ЕУ. А Грција е добар пример за тоа што може да значи членството на единствениот пазар. Кога Грција ѝ се приклучи на Европската заедница во 1981 година, таа беше посиромашна од Југославија. Денес, таа има повисок БДП по глава на жител од која било од поранешните југословенски републики, освен од Словенија. Но, Словенија е исто така на единствениот пазар.
Македонија е специфичен случај. По грчкото вето се соочивме со бугарските услови и нормално е луѓето да се разочарани од ЕУ. Што треба таа да направи во нашиот случај?
– Вашата земја е жртва на двојна уцена. По грчката сега гледаме бугарска уцена, дури и полоша, бидејќи Бугарија се обидува да го поткопа јадрото на македонскиот идентитет. Мора да признаам дека ова е точка за која јас бев наивен во минатото. Откако се реши конфликтот со Грција, мислев дека патот кон членство во ЕУ за Северна Македонија е слободен. За жал, ова беше погрешно. Но, тоа не е само поради Бугарија. Процесот на проширување генерално има многу подлабоки проблеми отколку самата Софија. Веќе не се работи за заслуги на земјите кандидати. Наместо тоа, тој беше киднапиран од националните интереси на многу земји членки. За жал, ЕУ може да направи многу малку за ова. Уцената не доаѓа од Брисел, туку од земја членка, а секоја може самостојно да одлучува за својата политика. Спорот за името со Грција не го реши Брисел, туку билатерално две влади во Атина и во Скопје кои конечно сакаа решение. Сѐ додека оваа ситуација не се повтори и помеѓу Софија и Скопје, не сум сигурен дали ќе има решение. Се надевам дека новата коалициска влада во Софија ќе има поразумен, пососедски пристап кон Северна Македонија. Брисел не може да ѝ нареди на Бугарија што да биде поразумно. Но, има една работа што Брисел може да ја направи: да даде атрактивна понуда за регионот со отворање на единствениот пазар за оние земји кои се реформираат. Значи, барем економско членство во ЕУ. Се разбира, и на ова може да се стави вето, но се надевам дека ниту една земја во ЕУ не е толку кусогледа за да го блокира тоа.
Како ќе влијае врз регионот ситуацијата меѓу Приштина и Белград?
-Од она што го слушнав, Косово може да даде нова понуда: правата на Србите во Косово би се организирале како оние на Србите во Хрватска. Не сум сигурен каде тоа ќе води, но доколку Приштина навистина преземе таква иницијатива, ова може да биде интересен развој на настаните. Се чини дека владата во Косово има голема поддршка од својот народ, па не очекувам дека тие ќе попуштат пред барањата на САД.


