Македонија доцни 50 години во поставувањето вендинг машини: Останатите општини не размислуваат да им даваат пари на граѓаните за пластични шишиња

Привилегијата да ги користат вендинг машините за селектирање отпад и собирање пари, засега, ќе ја имаат само жителите на Центар. Останатите се во очекување овој пример да го следат и другите општини, со цел да можат да се приклучат на системот на стимулација кој ги наградува луѓето што селективно одложуваат отпад преку награди, попусти или некои останати придобивки.

Она што започна како експеримент во 1970-тите во Норвешка, вчера, 50 години подоцна го најави Општина Центар. Станува збор за поставување вендинг машини, многу успешен глобален проект кој на еден едноставен начин ја одржува планетата почиста, истовремено поттикнувајќи ги луѓето да рециклираат отпад. Сепак, привилегијата да ги користат вендинг машините за селектирање отпад и собирање пари, засега, ќе ја имаат само жителите на Центар. Останатите граѓани се во очекување овој пример да го следат и другите општини, со цел да можат да се приклучат на системот на стимулација кој ги наградува луѓето што селективно одложуваат отпад преку награди, попусти или некои останати придобивки.

Практиките на рециклирање се добро познати низ светот уште одамна, но се добива впечаток дека во Македонија свеста за овој процес на преработка на материјали е на ниско ниво, посебно ако се спореди со земјите од Западна Европа. Скандинавските земји котираат многу високо на листата на најуспешни рециклирачи во светот, заедно со Словенија, Јужна Кореја и Австрија, а на самиот врв е Германија, каде дури 68% од вкупниот комунален отпад минатата година беше успешно рециклиран.

Иако работи на истиот принцип како стандардните вендинг машини (се стават пари, се добива производ), поради обратниот процес (се става производ, се враќаат пари) таа се нарекува „повратна вендинг машина“.

Вообичаено, постојните ПВМ работат на многу едноставен концепт: корисникот во машината става отпад за рециклирање во форма на производ (пластично шише, лименка, стаклено шише), а за возврат добива вредносен купон или пари.

Ваквата идеја им се допадна и на останатите жители на Скопје и Македонија, па на социјалните мрежи прашаа кога и во нивното место на живеење ќе се примени овој систем на селектирање отпад.

„Тоа е одлична идеја да се стимулираат и мотивираат граѓаните да го селектираат отпадот. Сепак, Општина Гази Баба за оваа година не планира воведување на вендинг машини, бидејќи немаме донесено Буџет за ваква намена. Но, дополнително со Комунална хигиена имаме пилот проект исклучиво за Железара. Збориме за урбана населба каде што домаќинствата имаат канти за отпад, но да добијат уште по една канта каде што ќе го селектираат тврдиот од биолошкиот отпад“, рече градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски.

По две канти за отпадоци имаат добиено и домаќинствата во општина Илинден, но ниту тие не добиваат парична мотивација да го селектираат отпадот.

„Комуналното претпријатие на Општина Илинден работи на селекција на отпадот. Има поставено пунктови каде што може да се селектира стакло, хартија, а имаме поделено и по две канти по домаќинствата, за селекција на отпадот, кој се собира по одреден период. Моето видување е дека граѓаните бараат квалитетна услуга, не им треба поврат на ситни пари, ние наместо тоа, се трудиме да овозможиме чиста општина, да нема ѓубре по улиците“, рече градоначалникот Жика Стојановски.

Владимир Стефков, секретар во општина Аеродром вели дека општината има соработка со Нула отпад, но засега поставување на вендинг машини не се планирани.

Пакомак најавува поставување на вендинг машини на повеќе локации

Друштвото за управување со отпад од пакување, Пакомак во соработка со Фондот за Иновации, најавува поставување на повратни вендинг машини за пластични шишиња и лименки.

– Според договорот со ФИТР којшто го имаме потпишано, машината треба да ја имаме изработено со сите тест фази во рок од 24 месеци односно до август 2021 год. Прототипот на машината веќе е во процес на изработка и очекуваме да биде готов во втората половина од оваа година. Откако ќе биде готов прототипот ќе следи негово практично тестирање односно ќе биде поставен во Скопје, но се уште не сме одлучиле каде. Потоа во тек на оваа година и следната планираме да поставиме уште неколку такви машини кои ќе служат исто како машини за тестирање со цел да се елиминираат сите недостатоци кои би се појавиле, како и при секое производство и лансирање на нов производ. Тестирањето очекуваме да трае неколку месеци за потоа машините да може масовно да се поставуваат – велат од компанијата.

Според нив, граѓаните ќе имаат разни придобивки од селектирањето на отпадот.

Планот ни е да бидат стимулирани граѓаните од сите возрасни категории како целна група. Користејќи го системот ecoMac, граѓаните како примарни селектори ќе добијат одреден број токени, што ќе им овозможи на сопственикот различни придобивки, како што се намалени комунални такси во соработка со јавните комунални претпријатија; придобивки при купување билети за јавен превоз, концерти, бесплатни пијалаци на концерти, како и попусти за одредени производи од страна на производителот за рециклирање на нивните производи (токени за лојалност) – дополнуваат од Пакомак.

Од таму засега не соопштуваат на кои локации ќе бидат поставени првите вендинг машини.

– Највероатно тоа ќе бидат на фрекфентни места со цел да ги опфатиме сите целни групи, велат од таму.

Преку реупотреба на отпадот, рециклирањето помага да се намали: загадувањето на воздухот и водата, употребата на енергија, потребата за сировини како дрво, пластика и минерали. Со рециклирање се намалува загадувањето предизвикано од производството на нови производи, што е еден од најголемите фактори за намалување на емисиите на штетни гасови – проблем кој редовно ја мачи нашата земја, а особено главниот град.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот