Фото: Pexels/ cottonbro studio

Македонија добива Национален центар за ВИ, ќе се фокусира на дигитализација и заштита на културната и јазична традиција

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска го најави формирањето на „Везилка: Национална ВИ Фабрика и Антена“ – првиот Национален центар за вештачка интелигенција во Македонија, со фокус на развој на македонски јазичен модел и дигитална заштита на културното наследство.

Проектот се реализира со поддршка од Европската Унија преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, во соработка со Владата, Министерството и ФИНКИ.

Центарот ќе функционира како дел од европската мрежа за ВИ, како придружен партнер на европската AI фабрика „ФАРОС“ во Грција, и ќе овозможи пристап до суперкомпјутери и напредни податочни простори за македонските истражувачи, компании и институции.

„Ова е капитален проект со историско значење, особено за јазикот и културата“, истакна Андоновски и додаде дека целта е создавање системски јазични модели на македонски јазик и нивна примена во различни сектори, како што се здравство, енергетика, администрација и земјоделство.

Проектот предвидува и формирање на Академија за обука и тренинг во ВИ, каде што ќе се реализираат програми за ученици, студенти и истражувачи, со цел градење дигитални вештини и знаења за идната дигитална економија.

Проф. Димитар Трајанов од ФИНКИ, кој го води проектот, објасни дека е започната работа на собирање и дигитализација на македонски текстови за креирање на квалитетен dataset, основа за домашен јазичен модел што ќе се чува локално, обезбедувајќи приватност и дигитален суверенитет.

Со „Везилка“, Македонија се вклучува во европската структура за вештачка интелигенција, градејќи национален еко-систем за одговорна, доверлива и културно-втемелена примена на ВИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот