Македонците најиздржливи при горештини – за Србите и Косовците црвен аларм на 38 степени, за нас дури на 44 степени!

Топло Време / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Според граѓаните, праговите за жолт, портокалов и црвен аларм треба да се спуштат за некој степен подолу, а според надлежните од Институтот за јавно здравје, тие во иднина може само да се зголемат, благодарение на климатските промени според кои, ни следува сè потопло и потопло време!

На температури кои деновиве се движат од 38-от до 40-от степен, па и повеќе, за сите земји на Балканот на европската веб-страницата meteoalarm.eu е вклучено црвено предупредување за екстремна опасност од високи температури, а само за Македонија е вклучено жолто предупредување. Според надлежните, праговите за алармирање во нашата земја се поставени врз научна основа и нема потреба да се менуваат. За Србија и Косово, на пример, за денешниот ден 10 јули за прогнозирани температури во Белград и во Пришина до 38 степени Целзиусови е вклучено црвено предупредување, а во Хрватска, покрај Јадранското Море, црвениот аларм е подигнат за прогнозирана температура од 36 степени.

Метеоаларм во Европа за 10 јули 2024 година

УХМР за денеска прогнозираше дека воздухот ќе се затопли до 39 степени во Скопје и до 40 степени во Струмица и во Штип и за ваквите горештини на meteoalarm.eu е даден само жолт аларм.

Кочубовски: Нема потреба од намалување на праговите за алармирање

Според граѓаните, праговите за жолт, портокалов и црвен аларм треба да се спуштат за некој степен подолу, а според надлежните од Институтот за јавно здравје тие во иднина може само да се зголемат, благодарение на климатските промени според кои ни следува сè потопло и потопло време!

Алармите и соодветните мерки се утврдени во Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението во Македонија, изработен од Министерството за здравство во 2011 година, според кој територијата на земјата е поделена на пет зони и за секоја има одредени прагови за алармирање за мај, јуни, јули, август и септември и вредностите за сите се различни. Жолтата ознака е за вонредни, портокаловата за опасни, а црвената за катастрофални температури. На пример, за Скопје во јули жолт аларм е до 39, портокалов до 42, а црвен до 44 степени, а за Берово се поставени значително пониско, па жолтиот аларм важи за температури од 33, портокаловиот за 36, а црвениот за „само“ 38 степени.

– Нашата земја е единствена со жолт аларм од соседството, останатите се со црвен, но само ние имаме Акциски план и предвидуваме мерки за заштита на населението. Ниту една земја во регионот не презема мерки, не ослободува од обврската за одење на работа итн. Тоа што за Србија или за Косово сега е црвен аларм е врз база на метеопараметри, тие земји немаат Акциски план како нашиот, каде алармите не се врз база на метеопараметри, туку врз база на 30-годишни просеци и сериозна научна анализа во која беа вклучени повеќе институции. Што ако имаат црвен аларм, кога никого не ослободуваат од одење на работа и немаат други мерки. Ние преземаме мерки и го штитиме населението – вели проф. д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје за „Слободен печат“.

Според него, температурните прагови за Македонија се добро поставени и засега нема потреба да се менуваат.

– Параметрите за алармите се одредени според медицински и здравствени докази. Кога ќе имаме нов акциски план врз основа на нови докази, може да се сменат. Но, со оглед на климатските промени и потребата од адаптација, не очекувам дека во иднина би можеле да се намалат – вели Кочубовски.

Петте зони и праговите за алармирање за опасно топло време во Македонија

Ова лето Македонија беше само во жолта фаза и не се пробиени температурните рекорди, иако според метеоролозите од УХМР, тоа не е исклучено затоа што веќе е надмината температурата од 40 степени. Во наредните три дена се очекува да достигне до 42 степени.

Највисока температура на воздухот во земјата е измерена во Демир Капија на 24 јули 2007 година – 45,7 степени целзиусови, кога во Скопје достигнала 43,4 степени, во Штип 43,5, а во Гевгелија 45,3! Најтопол ден е регистриран на 5 јули 2000 година во Гевгелија со среднодневна температура од 34,7 степени, а најтопол ден во Скопје бил 24 јули 2007 година со среднодневна температура од 32,6 Целзиуса.

На топло повеќе се умира!

Инаку, Акцискиот план од 2011 година е донесен за превенција и борба против потенцијалните закани по здравјето од топлотните бранови, а со цел навремено да ги предвидува, да издава предупредувања, особено за ранливото население, да ги координира надлежните и да ја зголемува свесноста и на јавноста и на здравствените работници за влијанието на топлотните бранови врз здравјето.

– За време на топлотните бранови во Македонија во 2007 година, проценето е дека 1.000 лица повеќе умреле во летниот период во споредба со просекот 2004-2007 за истиот период. Согласно предвидените сценарија за трендови во смртност во државата и во Скопје за периодот по 2035 година, промената на просечните месечни температури за само еден степен во споредба со периодот 1996-2000 значително ќе влијае на промената на дистрибуцијата на вкупниот морталитет изразен како месечен просек. Постојат докази дека е можна редукција на морбидитетот и морталитетот преку низа на активности кои се однесуваат на подготовка и одговор при топлотни бранови. При услови на топлински бранови (2007 година) утврдено е дека со зголемување на температурата за еден степен над граничната (30,1 степени) смртноста во Скопје се зголемува за 3,2 отсто. Утврдено е и дека бројот на интервенции на службите за итна медицинска помош во државата за време на топлиот дел од годината, исто така, се зголемува – се вели во документот.

Во овој план беа предвидени низа мерки за жолтата, портокаловата и црвената фаза, контола врз спроведувањето на мерките, како и редовно информирање и евалуација на веб-страницата toplotnibranovi.mk по секоја сезона. Факт е дека мерките од Акцискиот план одамна не се спроведуваат целосно, планот откако е донесен не е ревидиран, а страницата toplotnibranovi.mk не постои. На пример, во сегашната жолта фаза треба да функционира СОС-линија, а таква нема, Центрите за социјална работа треба да ги посетуваат старите и изнемоштени лица итн, но од планот ништо не се спроведува!

Од Министерството за здравство не одговорија на прашањата на „Слободен печат“ дали според нив се соодветно поставени праговите за прогласување на алармите, дали е соодветно црвен аларм во Скоје да се „пали“ дури на 44 степени, дали планираат да го менуваат планот, како и врз основа на кои медицински докази е утврдено дека за Македонците се толку издржливи за дури на 44 степени во сенка да се прогласи временска состојба опасна по нивните животи.

Не одговорија ниту дали ИЈЗ им испраќа податоци за зголемената смртност и за бројот на повици кон итната медицинска помош за време на топлинските бранови и што покажуваат бројките.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот