„МакеДокс“ објави Отворен повик за нова генерација „Докуникулци“

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е во потрага по четвртата генерација „Докуникулци“ на возраст од 14 до 18 години, кои сакаат да бидат дел од годинешната работилница за креативен документарен филм.

Како пријава на повикот потребно е да се испрати петминутно видео со кое апликантите ќе одговорат на неколку специфични прашања поставени од екипата на „МакеДокс“.

Детали за повикот може да се најдат на сајтот и на фејсбук-профилот на „МакеДокс“, каде што е објавена и адресата на која треба да се испрати видеото. Повикот е отворен до 1 јули 2022, a резултатите ќе бидат објавени до 7 јули 2022 година.

Работилницата ќе биде распоредена во четири сесии и ќе се случува за време на: Патувачкото кино на „МакеДокс“ (20-24 јули); Филмскиот фестивал „МакеДокс“ (18-25 август); и две есенско-зимски сесии по договор (5-7 дена).

На работилницата, своите знаења и вештини во документаристиката ќе ги споделат членови на креативниот тим на „МакеДокс“, ланските докуникулци и докупријатели од други земји – докажани докупрофесионалци.

Учеството е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, а треба да се има предвид дека сместувањето – особено за време на Патувачкото кино – не е во хотел со пет ѕвездички, туку понекогаш дури и под отворено небо, со милион ѕвезди, заедно со тимот на „МакеДокс“.

– Бараме млади луѓе, храбри да се изразат креативно и слободно и спремни да се впуштат во незаборавна авантура. Дванаесетмината величествени ќе бидат поделени во 3-4 помали групи со по еден ментор, а на крајот на работилницата, секоја група ќе треба да има готов креативен документарен филм – истакнуваат од „МакеДокс“.

ВАЖНО: Доколку си малолетен/на, заедно со пријавите, треба да доставиш и согласност од одговорен возрасен со која се одобрува твоето учество на работилницата.

*Патувачкото кино е неделив дел од „МакеДокс“ кој се случува низ руралните средини во Македонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 133, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 јуни 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот