Мајките на породилно ќе протестираат: „Леб и сол ќе јадам, детето во градинка не го пуштам”

Мајките кои се на породилно отсуство в четврток ќе протестираат пред владата која на седница вчера одлучи да ги врати на работните места родителите чии деца се до шестгодишна возраст и тоа почнувајќи од следната недела, 23 септември.

Затекнати и шокирани од оваа одлука, голем дел од мајките најавуваат дека ќе ги напуштат работните места и ќе останат дома зашто децата им се приоритет, особено во пресрет на есенскиот период во кој се очекува и сезонски грип и посилен бран на коронавирусот. Поради тоа што одлуката за враќање на работа дојде неочекувано и ги стави родителките во небрано, тие имаат само една недела да најдат логистички начин да ги згрижат најмалите, особено зашто дел од нив воопшто не ги ни запишале во градинка, очекувајќи дека породилното отсуство ќе им трае до крајот на годинава, како што првично беше најавено. Меѓутоа, предлогот на Комисијата за заразни болести породилното отсуство да трае до крајот на годинава, не беше прифатен на владината седница.

Протестот ќе се одржи пред владата во четврток, од 17 и 30 до 19 часот, ќе бидат запазени сите мерки на заштита од коронавирусот, а пријавен ќе биде во полициската станица „Беко“.

Барањата на мајките се породилното да се продолжи до крајот на годинава како што првично беше најавено, од повеќе причини. Прво, тие стравуваат дека во пракса нема да се изведе зголемување на бројот на деца во група од шест на дванаесет, зашто ниту има доволно време да се обезбеди простор и кадар, ниту градинките имаат капацитет, така што оваа мерка според нив ќе остане само теорија. Дури и да сакаат, нема да има место да ги запишат децата во градинка.

Според најавите, на протестот ќе се вклучат и родителите кои користеа мерки за деца до 10 години кои се надевале на продолжување на мерката да останат дома, заради скратеното време на децата во училиште и помошта за оние кои ќе следат настава онлајн.

– Одговорот што ќе го добиеме од градинките ќе биде дека немаат капацитет, не запишуваат нови деца, а за ова сведочат и стотици мајки оваа година кои се обидоа да ги запишат своите деца во градинка. Како ќе се запазат протоколите и зошто тие се сменија, ако се знае дека безбедна група за деца до двегодишна возраст е онаа со шест, а не дури дванаесет деца? Периодот на адаптација за бебе да тргне во градинка и да се научи на јадење, храна и негувателки е минимум еден месец, а не недела дена колку што ни е дадена. Кога ќе бидат повторните уписи за оние деца чии мајки за време на уписите беа на породилно отсуство и без потреба да ги запишат децата во градинка – вели за ,,Слободен печат” Марија Младеновска, мајка од Скопје.

Еден од аргументите на протестот е тоа дека во време на пандемија е огромен ризик да се изнајми лице да го чува детето, а бабите и дедовците се кревка категорија. Огромен број мајки се ставени меѓу два огна, дали да се борат за финансиска егзистенција, или добробит за најмалите.

– Верувајте тие ќе ги изберат своите деца и ќе дадат откази за да можат да ги чуваат. Во период кога пандемијата беше на најниско ниво, важеа построги мерки и полициски часови, а сега кога бројката на починати и заразени е во постојан пораст, а се јавува и фактор сезонски грип, се ризикува здравјето на најмалите. Кој ќе ја покрие платата на мајката која се вратила на работа доколку во групата во градинката се појави заразен случај и детето како и целото негово семејство треба да бидат во изолација? Малите во градинка се без имунитет и во сезона на обичен грип, најголем дел од нив се болни со недели, а не пак во период на глобална пандемија. Освен тоа, скринингот на вработените беше одамна и кој гарантира дека истите во меѓувреме не се заразиле – прашува Младеновска.

Коментарите во неформалните граѓански групи на социјалните мрежи се дека децата се на прво место.

– Доколку не се смени одлуката решена сум да ја напуштам работата и да си ги чувам децата дома. Тие ми се пред се. Леб и сол ќе јадам ама бебе во градинка не пуштам, вели една од членките.

Дел од мајките чекаат одговор од работодавачите дали ќе им дозволат да работат со половина работно време, а ако не добијат таква флексибилност и тие најавуваат откази.

Во повеќе градинки ширум земјава, родителите што се обиделе да ги запишат децата во јасли, со недели се на листата на чекање бидејќи нема место. Ова не им пречело во периодот додека мислеле дека породилното отсуство ќе биде продолжено до 31 декември, меѓутоа сега им претставува огромен проблем и товар поради неизвесниот исход.

– Имам поднесено документи од јули и уште немам одговор. Ова е срамота. Како да почнеме на работа кога не ни ги примаат децата во јасли, на кого да го оставам бебето. Значи, принудени сме да дадеме отказ од работа, а со тоа нема да можеме да користиме ниту здравствено осигурување и што да правиме ние сега. Никакво решение, вели Ивана Димовска.

Владата реши родителите чии деца се до шестгодишна возраст почнувајќи од 23 септември да се вратат на своите работни места редовно извршувајќи ги работните задачи, со аргумент дека градинките се отворени и почнаа со работа.

Родителите на породилно отсуство не се единствените што негодуваат. И хронично болните пациенти кои нема да обезбедат потврда од лекар дека болеста им се влошила, ќе мора да се вратат на работа. Дел од работничките во штипските конфекции со кои стапивме во контакт, тврдат дека прегледот им бил извршен во чекалните на амбулантите, со стетоскоп, по што ,,од нога” им било кажано дека се спремни за враќање на работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот