Концерт во Музејот на македонската борба во Скопје

Маестрални пет децении уметничка дејност на обоистот Васил Атанасов

Со два концерта со наслов „Васил и пријателите“ обоистот – маестро Васил Атанасов ги одбележа неговите пет децении богата и плодна музичка кариера.

Овие јубилејни концерти на маестро Васил Атанасов (едниот во неговиот роден град Струмица, а другиот во Музејот на македонската борба во Скопје), претставуваат редок и значаен настан за македонската музичка сцена – не како одбележување на личен јубилеј, туку и како сведоштво за една долга, плодна, посветена и уметнички богата кариера.

Звукот на обоата на Васил е препознатлив затоа што додека се разлеваше во етерот ширеше топла, длабока емоција која ја галеше душата на секој вљубеник во класичната музика. Неговата изведба не е само техничка колку само да се отсвири, туку носи јасна наративна линија – секоја фраза е внимателно обликувана со силни чувства. Со тоа Атанасов не само што ја потврдува својата виртуозност, професионалност, туку ја нагласува и својата улога како промотор на домашната музичка култура, како културен и музички амбасадор на Македонија насекаде во светот.

Оттука може да се каже дека Васил Атанасов, врвен уметник и виртуоз на обоа, зборува низ својата музика за Македонија низ сите светски меридијани: Русија, САД, Јужна Кореја, Виетнам, Мексико, Австралија, Италија, Германија, Франција, Шведска, Австрија, Полска, Израел, Словенија, Романија, Бугарија, Турција, Северен Кипар, Португалија, Албанија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово… од каде не ретко и се враќал со бројни престижни награди и признанија.

И да се вратиме повторно на јубилејните концерти. Репертоарот, односно програмата, која беше реализирана на двата концерта беше внимателно одбрана. Самиот наслов на концертот „Васил и пријателите“ кажува многу. Јубилејот го одбележа со долгогодишни пријатели, колеги, соработници со кои низ годините имал одлична соработка, пријателство и дружење.

Настапија врвни уметници, како Борис Трајанов – баритон, уметник на УНЕСКО и заслужен уметник на Македонија, примадоната на МОБ Весна Ѓиновска Илкова – сопран, Александар Дојковиќ – тенор, првенец на Белградска опера, академик Драган Даутовски – тамбура, проф. Кохар Андонијан – харфа од Бугарија, младата и талентирана пијанистка Марија Дојковиќ од Белград, како и нашите познати уметници Тодор Светиев – пијано, Томе Атанасов – обоа, пијано дуо Катерина и Глигор Гелебешеви, Дарко Багески – гитара, Влатко Митев – фолклорен тапан, Скопски дувачки квинтет, женски хор „Св. Злата Мегленска“ и Камерениот оркестар „Скопски солисти“, воден од диригентската палка на маестро Иван Еминовиќ.

Поетски збор имаше познатиот писател и поет Ефтим Клетников, кој во текот на неговиот говор гордо кажа дека Васил и пријателите, врвни уметници покажаа и докажаа дека не сме „смачкано племе“, туку народ чиј дух никој не може да го убие.

Покрај врвните настапи на сите гости-пријатели на Васил морам да ги истакнам настапите на славеникот Васил и баритонот Борис Трајанов. Ќе се запрашате – Зошто?

Затоа што маестро Васил покрај бројните композиции што ги изведе заедно со неговите гости, тој ја изведе композицијата „Тешкото“ во негов аранжман следен од неговиот колега Влатко Митев на фолклорен тапан. А Борис Трајанов, пак, ја изведе композицијата „Кога падна на Пирина“, позната македонска песна. И двете изведби намамија големо воодушевување кај публиката, огромен аплауз, а кај некои, силни емоции кои беа проследени со солзи на нивните лица.

И на крајот, само ќе цитирам нешто што има забележано Васка Наумова-Томовска, музички критичар и публицист, која ќе запише: Музичкиот уметник – обоист проф. м-р Васил Атанасов ѝ припаѓа на одбрана плејада репродуктивни уметници во македонската култура, која со својата силна уметничка дејност на концертната сцена, со моќниот говор на своите инструменти со експресивна интерпретација, но најмногу со искрениот и со љубов предаден однос кон музичката уметност, ја гради денешната музичка култура и традиција кај нас. И само ќе додадам – големите луѓе се навистина многу скромни и тивки. Таков е и маестралниот обоист, наш а светски – Васил Атанасов. Честитки Маестро!

Авторка на освртот е Милева Лазова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот