Лукашенко ја избра страната

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

„Нема да имам спокоен живот до својата смрт“, изјави Лукашенко, посредно најавувајќи дека спокоен живот нема да имаат ни близу десетте милиони Белоруси.

Западот не е на чисто што да прави со Белорусија. Веќе еднаш се изгоре со Украина, овозможувајќи им на Русите да го анектираат Крим и преку своите паравоени сили да контролираат значителни делови на истокот на земјата

Русија по претпазливите неколку дена по изборите цврсто застана зад деспотот од Минск. Проработе автократската блискост, иако двајцата претседатели немаат многу меѓусебни симпатии

До степен во кој го ингорира Западот, Русија повлекува низа потези за дефинитивно да го сврти Лукашенко на својата страна и да оствари блиски, не само економски, туку и политички интеграции, кои одамна беа стратегиска цел и дел од концептот на Путин за „Блиско странство“, во кое се подразбираат Белорусија и Украина.

Александар Лукашенко, кој на граѓаните им порачуваше од пандемијата да се лекуваат со посета на сауни, со возење трактор или со вотка, повторно го изненади светот со најавата дека „многу скоро“ ќе ја напушти позицијата на претседател на Белорусија. Една година откако прогласи победа на претседателските избори, а потоа брутално се пресмета со демонстрантите што го обвинуваа за безочна кражба, тој веќе идентификувал дваесетина можни наследници, од кои сите „на некој начин“ потсетуваат на него.

Последниот европски диктатор, како што го нарекуваат, стори се за да направи од Белорусија заложник на неговото 27-годишно владеење, но не е спремен да се повлече во пензија. „Нема да имам спокоен живот до својата смрт“, изјави, посредно најавувајќи дека спокоен живот нема да имаат ни близу десетте милиони Белоруси.

Состојбите во земјата нагло се влошија во 2020 година. Лукашенко ги испоапси противкандидатите што имаа намера да излезат на претседателските избори. Иако независните истражувања наговестуваа дека опозиционерката Свјатлана Тихановскаја освоила повеќе од 70 отсто од гласовите, претседателот ја изврте стварноста, па официјалните резултати говореа дека тој добил најмалку 80 отсто од гласовите, а таа едвај десетина проценти.

Од нелегитимен до терористички режим

На незапамтено големите бранови демонстрации, тој возврати со апсење на 35.000 луѓе. Стотици беа измачувани. Во зандана беа фрлени барем 600 политички затвореници, во затворски ќелии чекаат судења или веќе отслужуваат казни 32 новинари, а забранети се повеќе од 50 невладини организации. Во новиот бран неодамна беа уапсени уште 20 истакнати активисти. По најсуровиот удар врз човековите права во текот на 27-те години од владеењето, Лукашенко за себе си го обезбеди својот шести мандат – исклучиво благодарение на лојалноста на безбедносната агенција, која го задржа името од советското време – КГБ. Провокативно пред својата резиденција во Минск се појави во панцирен елек со „калашников“ во рацете.

Сметајќи се за безбеден, бидејќи успеа да ги смири протестите, големецот се осоколи. Во мај нареди во Минск принудно да слета авионот на западна авиокомпанија за да може да биде уапсен еден опозициски новинар. Во почетокот на август белоруски опозициски активист што емигрираше во Украина беше пронајден обесен во парк во Киев во сомнителни околности. Претходно на колегите им се жалел дека некој го следи. „За година дена неговиот режим од нелегитимен прерасна во терористички“, изјави Тихановскаја, која живее во егзил во Литванија.

Блиското странство на Русија

Лукашенко цело време сметаше на ретката надворешна поддршка што ја ужива – од Владимир Путин. Русија по претпазливите неколку дена по изборите цврсто застана зад деспотот од Минск. Проработе автократската блискост, иако двајцата претседатели немаат многу меѓусебни симпатии.

Русија не би ја пропуштила приликата, иако е сосема можно дека во тајност подготвува некаква алтернатива на Лукашенко, која би била попредвидлива и посигурна. Москва не покажува никаков интерес во соработка со Европската Унија, со Британија и со САД да помогне за решавање на белоруската криза. До степен на ингорирање на Западот, Русија повлекува низа потези за дефинитивно да го привлече Лукашенко на својата страна и да оствари блиски, не само економски, туку и политички интеграции, кои одамна беа стратегиска цел и се дел од концептот на Путин за „Блиско странство“, во кој се подразбираат Белорусија и Украина.

По бунтот на киевскиот Мајдан во 2014 година Русија го анектираше Крим. Со тоа беше отворена војната во Донбас, која се претвори во замрзнат конфликт на истокот на земјата, во областите Доњецк и Луганск, но концептот на Рускиот свет, во кој би биле вклучени јужните и источните делови на Украина не се материјализираше.

Темели на Обединетата држава

Путин затоа беше многу попретпазлив кон Белорусија. Ги комбинираше пропагандата, медиумите и постепените притисоци за да ги приближи кон себе властите во Минск, бидејќи Лукашенко се покажа вешт во играта на балансирање. Кремљ на сите начини поттикнува подлабоки интеграции на Обединетата држава. Експерти од двете влади активно ги промовираат идеите на значајна, дури и на неизбежна интеграција, содржани во аналитичкиот извештај „Белорусија-Русија Обединета Држава: резултати за граѓаните и перспективи“, кој беше претставен на 14 јули.

За време на јулската средба на Путин и Лукашенко во Санкт Петербург, Русија вети дека и во 2022 година ќе ја задржи непроменета повластената цена на гасот. Белорусија доби нова транша од рускиот заем од половина милијарда долари, втора во период од шест месеци. Средбите многу зачестија по изборите во Белорусија во 2020 година.

Западот со безрезервна поддршка на белоруската опозиција настојува да го ослаби Лукашенко и да ги запре интеграциските проекти со Русија, но во тоа нема премногу голем успех. САД ги проширија санкциите што ги воведоа во 2006 година, а Канада и Британија се придружија со нови казнени мерки поради „бруталните“ пресметки со политичките противници, но санкциите ги немаат ефектите што ги посакуваше Западот.

Повлекување наместо соборување

При посетата на Вашингтон во јули, Тихановскаја доби целосна поддршка од домаќините, а тогаш изјави дека Русија би можела да игра конструктивна улога за решавање на кризата и дека би ја поздравила нејзината посредничка улога, ако ја повлече поддршката за Лукашенко. Сосема нереална процена што уште повеќе говори за тоа дека, наспроти демонстрациите и силната поддршка, белоруските опозиционери немаат реален план за акција и на тој начин уште повеќе продонесуваат стабилноста да се бара во врските со Русија, а не со Западот. Москва веднаш го одби повикот да се вклучи во дијалогот помеѓу режимот и демократските групи.

Западот не е на чисто што да прави со Белорусија. Веќе еднаш се изгоре со Украина, овозможувајќи им на Русите да го анектираат Крим и преку своите паравоени сили да контролираат значителни делови на истокот на земјата.

На политиката на балансирање на Лукашенко, која ја фрустрираше Русија и го нервираше Западот ѝ се приближува крајот. Тој го избра сојузникот.

Можеби и има нешто во тоа што руската пропаганда упорно повторува дека за време на женевскиот самит на претседателите Џо Бајден и Путин Америка во принцип се согласила да ја остави Белорусија во руската сфера на влијание.

Путин се чини се погрижил својот авторитарен брат да го убеди да се повлече и така да избегне да биде уриван од народ на улиците. Би било тоа лош пример за Русија, како што потврдија реакциите на Путин на револуционерните придвижувања во Украина и во Грузија.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот