Лондонска магистратура го однесе пред суд Министерството за образование
Според барателот за признавање на магистерското звање од Обединетото Кралство, Министерството за образование (МОН) применило погрешен закон при одбивањето на неговата британска диплома, додека, пак, од Министерството велат дека таквото изедначување би било неправедно кон домашните студенти кои мора да стекнат 300 ЕКТС кредити за магистерски степен.
Министерството за образование и наука (МОН) одбило барање за признавање и за еквиваленција на диплома за завршени постдипломски студии, стекната на универзитетот „Сити“ во Лондон, образложувајќи дека студиите не ги исполнуваат условите за втор циклус на студии во земјава.
Препорачано
Барателот Стефан Трајковски од Скопје, кој студирал градежно инженерство во Обединетото Кралство, тврди дека решението е донесено со погрешна правна примена и дека во постапката бил користен член од Законот за образование кој се однесува на домашни студии, а не на странски високообразовни квалификации.
„Барањето е одбиено поради недоволен број кредити“
Во решението на МОН, потпишано од министерката Весна Јаневска, стои дека барателот има стекнато 240 ЕКТС кредити на додипломски студии по градежно инженерство на универзитетот во Лондон, што не е во согласност со Законот за високо образование.
Во образложението се наведува дека според македонското законодавство, вкупниот број на кредити, кои се стекнуваат на додипломски и на постдипломски студии, треба да изнесува најмалку 300 ЕКТС, а лицето кое по завршувањето на постдипломски студии стекнало 300 ЕКТС кредити се стекнува со назив магистер од соодветната област.
„Земајќи го тоа предвид, Министерството реши барањето да се одбие“, се наведува во решението.
„Министерството ја применило домашната рамка, не европската“
Според студентот, решението е спротивно на член 192 од Законот за високо образование, кој јасно наведува дека признавањето на странски квалификации се врши преку Информативниот центар при МОН, кој треба да го определи нивото на странската диплома „споредувајќи ја со домашните квалификации и имајќи ја предвид Националната рамка на квалификации (NQF)“.
– Министерството се повикало на член 135, кој се однесува на домашни академски програми, а не на член 192, кој е специјално создаден за странски дипломи. Во Велика Британија, „Менг“ (MEng) е интегрирана четиригодишна програма која според Европската рамка на квалификации (EQF) и британскиот ЕНИК-НАРИК (ENIC–NARIC) систем се смета за Ниво 7, односно магистерско ниво – вели Трајковски.
Тој додава дека истата диплома е призната во Србија, Хрватска и во други европски држави и дека македонските власти во пракса го толкуваат бројот на кредити како апсолутен критериум, наместо нивото на компетенции и исходите од учењето.
„Домашната рамка бара 300 ЕКТС кредити за магистерско ниво“
Во одговорот до „Слободен печат“, Министерството за образование и наука посочува дека постапката е спроведена во согласност со Законот за високо образование и со Законот за националната рамка на квалификации, според кој:
„Во нивото 7, поднивоата 7А и 7Б се однесуваат на едногодишните, односно на двегодишните магистерски студии, студии за специјализација и интегрирани студии од прв и од втор циклус. Учесниците со завршено 7А подниво се стекнуваат со звање магистер на науки по деталното подрачје од меѓународната класификација“, велат од МОН.
Од Министерството дополнуваат дека според истиот закон, вкупниот број кредити на втор циклус изнесува 300 ЕКТС, што е усогласено со Болоњскиот модел 3+2+3 (три години додипломски, две магистерски, три докторски).
„Интегрираните програми од Обединетото Кралство, кои носат 240 ЕКТС кредити, не ги исполнуваат пропишаните критериуми за вкупно траење и опфат на квалификацијата согласно со домашната рамка“, посочуваат од Министерството за образование и наука.
Оттаму додаваат дека евентуално изедначување на такви дипломи со втор циклус „би довело до нерамноправен третман на домашните студенти“ бидејќи тие мора да завршат вкупно 300 ЕКТС кредити за магистерски степен.
Европската рамка и системот ЕНИК-НАРИК
Според одговорот на МОН, Информативниот центар во Скопје редовно комуницира со европските центри за признавање на квалификации во рамки на мрежата ЕНИК-НАРИК, која служи за размена на податоци меѓу земјите-потписнички на Лисабонската конвенција за признавање на квалификации.
Во одговорот, сепак, се нагласува дека Македонија и Велика Британија немаат билатерална спогодба за заемно признавање на јавни документи за образование и академски звања, што дополнително го ограничува автоматското изедначување на дипломите.
Правен и европски контекст
Според документите на Европската тренинг фондација (ETF), Националната рамка на квалификации на Северна Македонија (НРК) е поврзана со Европската рамка (EQF) од 2016 година и е на т.н. „активациска фаза“. Во оваа рамка, нивото 7 (со поднивоа 7А и 7Б) е дефинирано како втор циклус на студии, што во европски контекст одговара на „И-кју-еф ниво 7“ (EQF Level 7).
Разликата меѓу земјите се јавува токму во начинот на пресметување на кредитите и интеграцијата на првиот и вториот циклус. Во Обединетото Кралство, интегрираните магистерски програми (MEng, MPhys, MSci) траат четири години и се сметаат за магистерско ниво, додека, пак, во Македонија магистерскиот степен се стекнува по петгодишен вкупен тек на студии.
Трајковски ќе поднесе тужба
Трајковски кажа дека веќе поднел тужба до Управниот суд, а јавната расправа е закажана за 20 ноември 2025 година.
– Се надевам дека ова прашање ќе придонесе кон усогласување на македонската рамка со европската, особено во делот на интегрираните магистерски програми кои се признаени насекаде во ЕУ – изјави тој.
Од Министерството не коментираат поединечни случаи пред суд, но велат дека „сите постапки се спроведуваат транспарентно и во согласност со позитивните прописи“.


