Локализиран пожарот кај „Мирана“ во Велес, пожарникарите дежураат во случај повторно да се разгори
Пожарот кој ноќеска ја зафати фабриката „Мирана“ во Велес е локализиран, но сè уште има слаб чад на одредени места, информираат од Центарот за управување со кризи и додаваат дека за да се спречи повторно разгорување, пожарникарите и другите служби сè уште се на терен.
Препорачано
Според првичните сознанија на СВР Велес, гореле магацин (во кој имало пластична амбалажа, фрижидери и друго) и канцелариски простории (документација и други материјали).
Во гаснењето на пожарот учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени (точниот број пожарникари не е прецизиран од страна на дежурниот), едно возило од ЈКП „Дервен“ и две специјални пренаменети возила на ДЗС, а присутни биле и шест полициски службеници од СВР Велес.
-Според информациите од СВР Велес и ТППЕ Велес, пожарот во фабриката за прехранбени производи ДПТУ „Мирана“ ДООЕЛ во Велес, кој бил пријавен во ТППЕ Велес во 22:00 часот, а во СВР Велес во 22:20 часот на 04.08.2025 година, е локализиран во 04:00 часот на 05.08.2025 година- наведуваат од ЦУК.


