Љубов и пожртвуваност докажани на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје

Театарот за деца и младинци пригодно го одбележа професионалниот јубилеј на своите колеги

Со изведба на младинската претстава „Подрум“ по текст и во режија на Драган Довлев, на 6 март, во Театарот за деца и младинци во Скопје, беа прославени 30 години соработка, другарство, стремеж, љубов и пожртвуваност за театарот со двајца истакнати членови на ТДМ – актерот Драган Довлев и светло мајсторот Оливер Ставрев.

Актерот Драган Довлев за првпат зачекори на сцената на Театарот за деца и младинци пред триесет години, во 1994 година. Претходно тој дипломираше во класата на професорот Владимир Милчин и оттогаш е посветен на ансамблот на ТДМ и на публиката. Од 2011 до 2015 беше и на функцијата директор на театарот.

Своето образование го надгради со постдипломски студии на НАТФИЗ, Бугарија, на отсекот за театарска куклена режија, каде што магистрираше режија со куклената претстава „Пепелашка“. Добитник е на Меѓународната актерска награда за анимација на куклата на Малиот Принц во истоимената претстава на фестивалот во Суботица, Србија. Брои успешни и значајни изведби во и надвор од ТДМ, во други истакнати продукции. На репертоарот на ТДМ е претставата „Подрум“, која е поставена по текст и во режија на Довлев.

– Неговата професионалност може да се засведочи од неговата прва изведба како вработен актер во овој театар во претставата „Пинокио“, па сѐ до неговата најнова актерска изведба во претставата „Како ќе го делиме мачорот“ во режија и по текст на Јане Спасиќ. Секогаш целосно е вложен на секоја проба, прецизен и автентичен во секоја продукција и театарски процес – истакнуваат од ТДМ по повод професионалниот јубилеј на актерот Драган Довлев.

Актерот Драган Довлев и светло мајсторот Оливер Ставрев

Светлина во детските очи, во вистинска смисла на зборот, во Театарот за деца и младинци веќе 30 години носи и светло мајсторот Оливер Ставрев. Како професионален соработник на театарот за првпат работел на светлото за претставата „Пинокио“, што значи дека почетоците во театарската дејност ги бележи заедно со Драган Довлев.

– Можеби само физички на различни страни, еден на сцената, а другиот зад неа (горе во кабината), но сепак двајцата работат со иста цел, за најдоброто на театарот и на претставите. Нашите претстави не би ја добиле вистинската визура без вештото и будно око на инвентивниот светло мајстор Оливер Ставрев – потенцираат од Театарот за деца и младинци во Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 221, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.3.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот