Лисичани продолжија со протестите: САКАМЕ ЖИВОТ, А НЕ ГАЗЕЊЕ!

фото: Слободен печат

Утрово, како што беше најавено минатата недела, жителите на населба Лисиче, повторно протестираа барајќи поставување семафори на булеварот „12-та Македонска ударна бригада“.

Исто како и претходните денови, тие мирниот протест го започнаа од поранешна последна „седмица“, движејќи се сѐ до раскрсницата со булеварот „Србија“ и назад во траење од еден час.

Како што изјавија за „Слободен печат“ дел од жителите, тие ќе продолжат и натаму да протестираат, дури најавуваат дека можно е блокирање на раскрсницата меѓу булеварите „Србија“, „3-та Македонска ударна бригада“ и „12-та Македонска ударна бригада“.

фото: Слободен печат

– На нашата улица често се случуваат сообраќајни незгоди, а во близина на истата секојдневно минуваат безброј деца кои одат на училиште, но тука има и две градинки. Искрено стравуваме за животот на нашите деца, поради тоа што возачите возат со преголема брзина и никој не превзема ништо за тоа – вели еден жител на населбата.

Да биде иронијата уште поголема на средина од овој булевар се наоѓа објектот на сообраќајната полиција и базата на единицата „Алфи“, но и тоа не ги спречува возачите да ги „тестираат“ своите возила.

Зад организација на овој настан застана одборот на родители од основното училиште „Димитар Македонски“. Нивните деца, низ оваа улица поминуваат секој ден, по најмалку два пати.

Во петокот организаторите остварија 40-минутна средба со Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин. На него му била презентирана содржината на писмото кое претходно било испратено до Општината, Градот Скопје, Народниот правобранител и „Меѓаши“.

Тој им одговорил дека е запознаен со состојбата, при што се согласил со мислењето на МВР и поставувањето на вибрациони системи, отколку семафор, но се обврзал дека ќе дејствува во МВР на раскрсницата во близина на училиштето да има патрола на полициско возило во два периода од денот 07-08 и 12:30-13:30 часот, кога учениците го минуваат булеварот.

Градоначалникот на средбата истакнал дека за поставување на семафор е потребно подолго време од 1 до 1,5 година.

фото: Слободен печат

Организаторите инсистирале тој 100 проценти да се заложи за поставување семафор на една од главните раскрсници која води до училиштето, но и да се забрза времето за поставување на семафорот, бидејќи споменатиот временски период е предлог.

Жителите на Лисиче ни рекоа дека и утре повторно ќе излезат на протест, но и дека ќе продолжат се додека не се реализираат нивните барања, а за да привлечат поголемо внимание најавија дека размислуваат и за блокирање на раскрсницата меѓу булеварите „Србија“, „3-та Македонска ударна бригада“ и „12-та Македонска ударна бригада“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот