Ликвидациите и пресметките на дрските криминални банди од Црна Гора влеваат страв во коски на целиот регион

Фото: Barinfo Tv

Веќе пет години трае судирот меѓу двата најмоќни црногорски криминални кланови, „шкаљарскиот“ и „кавачкиот“, кои своите имиња ги добија по населбите Шкаљари и Kaвач во близина на градот Котор од кои доаѓаат, во кој досега се убиени повеќе од 20 луѓе, од кои четири се случајни жртви, пренесува хрватски „Експрес“.

Судирот започна во 2014 година, кога во шпанскиот град Валенција, „шкаљарците“ украдоа 200 килограми кокаин од „кавачаните“.

Слободан Кашќелан, заедно со Радоје Звицер и Игор Божовиќ, стана лидер на едната страна на „кавачкиот“ клан, додека Далибор Ѓуриќ се придружи на ривалската криминалка група, „шкаљарци“, која наводно ја водат браќата Јован и Игор Вукотиќ и Игор Дедовиќ.

Буквалната војна на клановите започна во февруари 2015 година, кога под автомобилот на Милан Вујотиќ, паркиран во населбата Блок пет во Подгорица, беше подметната бомба. Вујотиќ во тој момент не бил во автомобилот. Бомбата е подметната денски, и ескплодираше во близина на една градинка и училиште. Истиот ден кога Вујотиќ беше мета на напаѓачите, во Белград беше ликвидиран Горан Радоман од Цетиње, кој на 20 февруари беше убиен во гаража во една зграда во населбата Нови Београд.

Во обид да се стопира судирот, црногорската полиција во последните години изврши изненадни контроли на повеќе од стотина луѓе од кои одзема вооружување, експлозив и таканаречени „криптирани“ мобилни телефони кои е невозможно да се прислушкуваат.

Двете црногорски криминални банди работат со трговија со дрога и со овој бизнис заработуваат големи суми на пари со кои ја финансираат меѓусебната војна.

По двојното убиство на најпрометниот плоштад во главниот град Подгорица, Советот за национална безбедност на Црна Гора на вонредна сецница во април минатата година одлучи да воспостави специјализирани тимови за борба против организираниот криминал.

На седницата е одлучено дека „сигурносната ситуација е нарушена по засилениот судир на организираните криминални групи“, и одлулено е дека ќе се организираат тимови со претставници на државното обвинителство, полицијата и другите тела задолжени за безбедност, за да се спротистават на таа опасност.

Само еден ден пред седницата, точно на пладне на средината на плоштадот во Подгорица, пред бројни сведоци и родители со деца, убиецот за кој полицијата се сомнева дека носел силиконска маска, го ликвидираше Милош Шаковиќ кој му бил главната мета, но и Радивоје Јовановиќ, кој беше случајна жртва на пресметката.

Два дена претходно, на еден друг плоштад во Подгорица, пред десетина сведоци, со бомба која е поставена под неговиот блиндиран автомобил, убиен е Дражен Чаѓеновиќ, кој се поврзуваше со еден од црногорските мафијашки кланови.

По овие убиства, првиот човек на црногорската полиција поднесе оставка.

Еден од лидерите на „шкаљарците“, Јован Вукотиќ, еден ден во градот Котор се појавил со богатство кое се проценува на стотина милиони евра, а поголемата количина на пари наводно ја заработил со препродажба на дрога надвор од Црна Гора. Кога властите нему и на неговата „екипа“ им го ограничија просторот за шверц на наркотици во Европа, тие се вратија во татковината. Прво започнаа пресметка со кланот на опасниот балкански криминалец Дарко Шариќ. Тие преземаа деловни простори, кафулиња, се што можат и тоа поради докажување на својата надмоќ во градот.

Ликвидациите ги извршуваат само со автоматски пушки, пишуваат црногорските медиуми, користејќи голема бројка на истрелани куршуми, со што го гарантираат успехот на нивниот атентат. Ги палат автомобилите кои ги користат во бегството, а во нив го оставаат и оружјето.

Кога завршија на суд поради расправа со луѓето на Шариќ околу едно натпреварување, полицијата мораше да запре физичка пресметка меѓу двете групи.

– Донесоа некој човек од Јужноафриканската Република (ЈАР) за убиство во Црна Гора. Откако е уапсен, полицијата утврди дека станува збор за професионален убиец, но тој немал поима каде и во кој дел од земјата се наоѓа. Најверојатно бил најмен за ликвидацијата на Горан Ѓурчковиќ, кој и покрај апсењето на Јужноафриканецот, убиен е во Будва. Тоа зборува за нивната дрскост – раскажа еден добро упатен извор за црногорските медиуми.

Ѓуричковиќ беше мета на два атентати, а дури во третиот обид е ликвидиран. Во првиот, убиен е неговиот кум Саша Марковиќ, додека два месеци подоцна во случајна акција на сообраќајната полиција спречена е добро испланирана ликвидација на овој човек од Будва. Тогаш се уапсени и Александар Марковиќ и Мајки Грегориј Ферарис под сомнение дека го подготвувале неговото убиство.

Слична пресметка имаше и на почетокот на овој месец во Црна Гора, кога беше ликвидиран Јован Клисиќ од кланот од Бар, а беше повреден Велизар Гардашевиќ, кој исто така им бил познат на органите на прогонот.

ЛОШИ МОМЦИ СО ДЕБЕЛИ ДОСИЕЈА: Кои се жртвите во мафијашката пресметка во Црна Гора

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот