Лидерот на „Горди момчиња“ бил соработник на ФБИ

Фото: EPA-EFE/GAMAL DIAB

Десничарската милитантна група „Горди момчиња“, која организираше голем број протести за поддршка на претходниот американски претседател Доналд Трамп, е под сомнение дека е главниот носител на домашниот тероризам во САД.

Од оваа перспектива, многу интересно прозвучи податокот за лидерот на организацијата, Енрике Тарио, што го дознавме благодарение на записникот од поранешно судење, дека тој бил долгогодишен соработник на Федералното биро за истраги (ФБИ).

Тарио беше уапсен два дена пред нередите во Капитол хил на 6 јануари, кога толпата насилно влезе во зградата на Конгресот во Вашингтон. Тој беше уапсен од полицијата откако кај него беа пронајдени две автоматски пушки, големо количество муниција, а лишен е од слобода непосредно по палењето на знамето на организацијата Црните животи се важни.

При сослушувањето пред истражен судија во Вашингтон е откриена непријатната вистина за лидерот на „Гордите момчиња“, кој со години бил доушник на ФБИ, помагајќи за апсење на голем број криминалци.

Исклучително кооперативен соработник

Тарио и уште двајца негови соработници, според извештај на агенцијата Ројтерс, во 2014 година се обвинети за препродажба на лажни тестови за дијабетес. Иако доказите биле против него, тој добил намалена затворска казна, бидејќи во предвид била земена неговата соработка со „федералците“.

– И обвинителот и адвокатот се заложиле кај судија за помала казна, наведувајќи ја неговата исклучително плодна соработка со органите на прогонот, во периодот по 2012 година, кога прв пат бил уапсен – пренесува Би-би-си.

Обвинителот тогаш изјавил дека прикриените активности на Тарио резултирале со апсење на 13 лица, кои подоцна се осудени за водење илегални обложувалници, но и за шверц на лекови и дрога, како и за трговија со луѓе.

– Ваша висост, искрено, во сите овие години, што е повеќе од 30 години како ја работам оваа работа, никогаш претходно не сум застапувал клиент што бил повеќе кооперативен – истакнал адвокатот на Тарио, Џери Фејлер, што може да се потврди од записникот од судењето.

Судијата попуштил на барањето на правните застапници и му ја намалил казната на Тарио од предвидените 30 месеци затвор на 16 месеци.

Иако записникот од судењето е сочуван во судската архива на државниот суд на Флорида, Тарио не признава дека некогаш соработувал со федералната полиција.

Загубениот углед на лидерот

Тарио, во изјава за Ројтерс, негира дека некогаш бил соработник на ФБИ, тврдејќи дека тој им помогнал на истражителите на спореден начин, бидејќи успеал да се одбрани од нападите за бројни кривични дела со што им помогнал да ги пронајдат вистинските престапници.

– Не знам за што зборувате, не се сеќавам на ништо такво – изјавил Тарио.

Но, за негова несреќа, тоа што го кажал пред судијата на судот во Флорида, добро се сеќава неговиот адвокат.

– Информацијата што јас ја проследив до судот претходно ми беше потврдена од истражните органи и обвинителството – вели Фејлер.

Потврдата за соработката со ФБИ на нивниот лидер, секако дека нема да биде добредојдена за членовите на „Гордите момчиња“. Оваа десничарка организација е основана во 2016 година од канадско-британскиот екстремист Гевин Мекленс. Две години подоцна Енрике Тарио ја презема лидерската позиција, по што и организацијата почнува да се окрупнува со нови членови. Во програмата на „Гордите момчиња“ може да се пронајдат ставови како „затворање на границите“, „вооружување на населението“ или „жените се домаќинки“. Тие воедно имаа и богата историја на улични пресметки со левичарските организации, а особено се мотивирани за конфронтација со „Антифа“ и „Црните животи се важни“.

На еден од телевизиските дуели со противкандидатот Џо Бајден за време на предизборната кампања, Доналд Трамп ги пофали „Гордите момчиња“ за нивната „несебична активност,“ порачувајќи им „да бидат подготвени“. Многумина сметаат дека тој им дал наредба да предизвикуваат нереди по неговиот неуспех на претседателските избори. По притисокот од јавноста, Трамп се дистанцираше од оваа група.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот